Најважните зделки од годинашниов Санктпетербуршки форум

Фотографија: Артем Коротаев / ТАСС

Фотографија: Артем Коротаев / ТАСС

Според резултатите од Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум потпишани се договори на речиси 300 милијарди рубли (5.5 милијарди американски долари). Како и претходно, најважните договори се од делот на нафтата и на гасот.

205 спогодби со вредност од 293.4 милијарди рубли (5.4 милијарди американски долари) – ова е резултатот од Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум претставен преку „спогодби, меморандуми, договори, рамковни протоколи за соработка и изјава на намери“, сумираше советникот на претседателот на Русија Антон Кобјаков. Тој изјави дека овие бројки се пресметани за оние спогодби и договори во кои не постои деловна тајна. 

На последните три форума сумата беше повисока. Но, ова е сфатливо: овој форум се одржува во услови на санкции, па затоа годинава имаше малку кредитни зделки. 

Овој форум ќе биде запаметен и по серијата директни договори и спогодби, чии главни учесници се Гаспром и Роснефт. 

Гас 

Најголемата објавена зделка на форумот е потпишувањето на меѓувладиниот меморандум помеѓу Русија и Грција за изградба на продолжување на гасоводот Турски тек на територијата на Грција. Документот предвидува создавање заедничко претпријатие, во кое страните ќе имаат по 50%. Соосновач на новата структура од страната на Русија ќе биде ВЕБ Капитал. Ова претпријатие ќе даде 2 милијарди евра. Спогодбата со Грција е важна за Гаспром. Неговиот проект Турски тек треба да ја исклучи Украина од испораките на гас во Европа по 2019 година. 

Завршена ли е ерата на извозни приходи за Русија?
САД за првпат по 1975 година избија на првото место во светот според експлоатацијата на нафта, оставајќи ја Русија на третото место. Втората позиција ја зазеде Саудиска Арабија. Ова се податоците од статистичкиот извештај за светската економија 2015, кој го подготви ВР. Само пред десет години ваквиот распоред на силите беше незамислив, признава првиот човек на ВР Роберт Дадли. „Руска реч на македонски“ поразговара со руските експерти за тоа какви последици ќе поднесе Русија.

На форумот беше објавено и продолжување на Северен тек. Првиот човек на Гаспром Алексеј Милер потпиша меморандум за зголемување на неговиот капацитет со E.ON, Shell и OMV. Ќе бидат изградени две линии на гасоводот со капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно. Засега компаниите не создаваат заедничко претпријатие, но Милер изјави дека сумата на зделката изнесува 9.9 милијарди евра. Кога ќе се земе предвид дека учеството на гасниот монопол во проектот изнесува 51%, тоа значи дека инвестицијата на компанијата изнесува речиси 5 милијарди евра. Двете линии на гасоводот ќе минуваат по водниот дел на Балтичкото море, а крајната точка на испорака на гасот ќе биде Германија. Планирано е новата линија да му помогне на концернот да се откаже од транзитот на гас преку Украина по 2019 година, кога истекува договорот за транзит. Првиот човек на Гаспром Алексеј Милер и министерот за енергетика на Русија Александар Новак, годинава неколкупати изјавија дека руската страна нема намера да го продолжи договорот со Украина. 

Нафта 

Најголемата руска нафтена компанија Роснефт на форумот потпиша 57 спогодби. Најважната е продажбата на 20% во наоѓалиштето Тас-Јурјах на ВP за сума од 750 милиони американски долари. Ова е прва крупна зделка помеѓу западен инвеститор и компанија од Русија по воведувањето санкции од страна на Европската Унија и на САД. 

Резервите на наоѓалиштето изнесуваат 134 милиони тони нафта и кондензати и повеќе од 155 милијарди кубни метри гас. Тоа е поврзано со крак од цевката „Источен Сибир – Тихи океан“. 

Како што беше објавено, Роснефт може да продаде уште 29% од Тас-Јурјах на таинствената компанија Skyland Petroleum. Според податоците на Комерсант станува збор за арапски фонд кој управува со кинески инвестиции. Сепак, на сајтот на Skyland може да се види дека оваа фирма „е нова компанија за наоѓање и за експлоатација на нафта и гас, основана во јануари 2015 година од страна на британската компанија Vazon Energy и дополнителен технички персонал“. Како што соопштува на РБК порт-паролот на Роснефт Михаил Леонтјев, бенефициентите на Skyland ѝ се познати на руската страна: таа е регистрирана како британска компанија со азиски инвеститори. 

Роснефт и Total потпишаа спогодба за купопродажба на 16.66% од фабриката за преработка на нафта во германскиот Шведт. „Продажбата на миноритарниот удел на Тотал во фабриката за преработка на нафта Schwedt одговара на задачата на концернот да ги намали нашите европски преработувачки и нафтено-хемиски потенцијали за 20% до 2017 година“, изјави Патрик Пујане, претседател на Советот на директори на Тотал. Во 2014 година обемот на испорака на сурова нафта на Роснефт во Германија изнесуваше околу 20.3 милиони тони, што изнесува речиси една четвртина од сиот увоз на нафта на Германија. 

Мирен атом 

Руските нуклеарни технологии добија излез на пазарот на Саудиска Арабија. Државната корпорација Росатом и Саудиска Арабија потпишаа меѓувладина спогодба за соработка во областа на мирното користење на атомската енергија. Овој документ за првпат во историјата на руско-саудиските однос создава правна основа за соработка на земјите во оваа област. Според првиот човек на државната корпорација, Саудиска Арабија има намера да изгради 16 енергетски блокови, а вкупната сума за изградба може да изнесува 100 милијарди американски долари. Ова господинот Кириенко го изјави во интервју за телевизискиот канал Росија 24.

Врз основа на материјалите од РБК, Комерсант, ИТАР-ТАСС.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.