Зошто Русија собира американски долари?

Извор: DPA/Vostock Photo

Извор: DPA/Vostock Photo

Руската Централана банка почна да собира американски долари за пополнување на девизните резерви. Засега станува збор за мали суми до обем од 100 до 200 милиони дневно. Сепак, според руските експерти, во прв ред овие купувања се насочени против зајакнувањето на рубљата, со што се става под сомнеж планот за замена на увозот.

Руската Централана банка почна да собира американски долари за пополнување на девизните резерви, соопштуваат од прес-центарот. Засега станува збор за мали суми до обем од 100 до 200 милиони дневно. На 13 мај Централната банка купи 181 милион, а на 14 мај 200 милиони. Сепак, како што забележува професорот на факултетот за социјални и економски науки на Руската академија на народното стопанство и државна администрација Ала Дворецкаја, според меѓународниот стандард пополнетоста на меѓународните резерви на Русија се наоѓа во безбедна зона и влегува во првите десет земји со прифатлива „девизна перница“, која дозволува да се обезбедат критичните обеми на увоз и опслужувањето на надворешниот долг. Посуштинска причина за собирање на девизите е прекумерното зајакнување на рубљата. 

Основни причини 

„Со оглед на тоа дека секојдневната трговија со девизи изнесува околу 5 милијарди американски долари, обемот од 100 до 200 милиони не треба да има значително влијание врз динамиката на девизниот пазар“, вели началникот на аналитичкото одделение на инвестициската компанија „Рус-Инвест“ Дмитриј Беденков. Според него во случајов треба да се разгледуваат плановите на регулаторот како елемент за вербални интервенции. Регулаторот му дава на знаење на пазарот дека не е заинтересиран за зајакнување на рубљата, „Сега гледаме ситуација определена од надворешнополитичката стабилизација, помалку или повеќе спокојната динамика на цената на нафтата. Ова, заедно со интервенциите, ја поддржа рубљата на тој начин што одново започнува увозот, а се забавува замената на увозот и економскиот раст за сметка на внатрешните извори“, објаснува Ала Дворецкаја. Истовремено зајакнувањето на рубљата им се заканува на интересите на извозниците, во прв ред на оние со суровина, а тоа значи дека ќе настрада буџетот, со оглед на тоа дека во федералниот буџет приходите од нафта и од газ изнесуваат повеќе од 50%. 

Рубљата стана најпрофитабилна валута во светот
Од почетокот на февруари до почетокот на април руската рубља се зацврсти за 22.3%, што ја прави најпрофитабилна валута во светот. Експертите засега не се уверени дека наглото зацврстување на рубљата ќе биде долгорочна тенденција: претходно во декември 2014 година руската валута падна во однос на американскиот долар и на еврото речиси двојно.

„Зајакнувањето на рубљата има низа непријатни последици за економијата. На компаниите кои се ориентирани на извоз им одговара евтината рубља. Во иста мера ова е праведно за компаниите што не извезуваат суровина, туку производство со висока додадена вредност“, вели главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев. Освен тоа, според него, цените на производството на светските пазари, меѓу кои и во сферата на металургијата, се наоѓаат на нивото на долгорочен минимум, и во услови на поскапа рубља извозниците на металуршки производи ќе се најдат во уште потешка состојба. 

Централизирана политика

Новата практика на Централната банка е во противречност со одлуката за премин на слободен курс на рубљата. „Официјалното обновување на постојаното купување странска валута на внатрешниот пазар, на прв поглед, е чекор назад во реализацијата на преминот кон слободен тек што го најави Банката на Русија“, вели Ала Дворецкаја. Според неа, на почетокот од 2014 година беа прекинати насочените девизни интервенции, а кон крајот на 2015 година Централната банка се обиде сосема да замине од пазарот, што драматично го намали курсот на рубљата, кој беше намален под дејство на макроекономските и на геополитичките фактори. „Затоа банката на Русија го задржа правото да се вмешува во ситуацијата по пат на непостојани и ненадејни интервенции само во случај на закана за финансиската стабилност“, додава Дворецкаја. 

Но, без оглед на тоа, според Дворецкаја, „играта на намалување на курсот на рубљата треба да биде тактички чекор; стратешки важно е ориентирањето кон зголемувањето на авторитетот на националната валута, на нејзината конкурентност и на куповната моќ. „Кога Централната банка се обиде да се бори со падот на рубљата во втората половина на 2014 година, таа трошеше по неколку милијарди дневно, и тоа не помогна многу. Тука е важен имено сигналот кој ќе ги смири девизните шпекуланти“, вели Иљја Балакирев. Според него, доколку сигналите бидат систематски и јасни, тоа ќе влијае на пазарот подобро, одошто купувањето девизи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.