Фотографија: Алексеј Филипов
Гаспром планира да ја започне изградбата на гасоводот Турски тек во првата декада од јуни, соопшти на 19 мај Олег Аксјутин, член на бордот на компанијата. На изградбата на гасоводот ќе работат два брода, првите цевки ќе бидат поставени од страна на италијанската фирма Saipem, со која беше склучен договор за изградба на Јужен тек. Минатата недела Saipem изјави дека добила од Гаспром повик за почеток на изградбата. А, на 19 мај, пак, германскиот доставувач Europipe соопшти дека ќе го обнови производството за Турски тек.
Есента 2014 година Гаспром потпиша договор со Saipem за два брода за изградба (Castoro Sei и Saipem 7.000), кои требаше да работат на морскиот дел на претходникот на Турски тек, гасоводот Јужен тек, но по неговото пропаѓање во декември 2014 година, кој потоа беше ставен на стенд-бај. Според пресметките на бизнис-изданието „Комерсант“ паузата го чинеше Гаспром околу 25 милиони евра месечно.
Без оглед на почетокот на изградбата на гасоводот, Русија сè уште нема потпишано меѓувладини спогодби со Турција и со Грција, ами на сила се старите документи за Јужен тек.
Гаспром во оваа ситуација на почетокот се наоѓаше во понеповолна позиција, тој мораше итно да бара замена за Јужен тек, да плати пенали, да плати за изнајмување на бродовите, за складирање на цевките“, вели аналитичарот на Сбербанк CIB Валериј Нестеров.
Гасниот монопол брза да донесе гас во Турција и во Југоисточна Европа пред ЕУ да може да ја реализира својата контрастратегија за испорака на гас од Туркменистан и од Иран.
Засега изградбата не ги засега територијалните води на друга земја, меѓувладини спогодби не се потребни, вели раководителот на московската канцеларија на Debevoise & Plimpton Дмитриј Никифоров. Холандската компанија-ќерка на Гаспром South Stream Transport B.V. поседува дозвола за изградба на околу две третини од морскиот дел, кои се во територијалните води и во економската зона на РФ (дозвола беше добиена уште за Јужен тек).
Со што ќе резултира предвременото отпочнување со работа?
Првата алка на Турски тек треба да биде пуштена кон крајот на 2016 година, а вкупно ќе бидат изградени четири со вкупна моќност од 63 милијарди кубни метри. Гасоводот ќе минува 660 километри според стариот коридор на Јужен тек и 250 километри по нов коридор во правец на европскиот дел на Турција.
Во најлош случај Гаспром би можел да биде доведен во ситуација да запре со изградбата до донесувањето на одлука од страна на Турција, пишува изданието Комерсант, повикувајќи се на извори блиски до Гаспром. Според соговорникот, технички тоа е можно.
Впрочем, Гаспром очекува во блиска иднина да се договори со Турција. Според соговорникот на Комерсант, кој го познава текот на преговорите, одложувањето е поврзано со парламентарните избори во Турција што треба да се одржат на 7 јуни. На нив од партијата на власт учествува министерот за енергетика Танер Јилдиз.
Од друга страна, турските соговорници на Комерсант претпоставуваат дека клучниот проблем не е во политиката, туку во цената за гас за Турција, за која Гаспром не се брза да ја намали. Приватните увозници успеаја да добијат попуст по повеќемесечни преговори (250 американски долари за илјада кубни метри од мај, наместо претходните 374 – заб. ред), а државната компанија Botas засега нема добиено попуст.
Директорот на турскиот Институт за енергетски пазари и политики EPPEN Волкан Оздемир претпоставува дека намалувањето за Botas навистина претставува главен услов за спогодбата за Турски тек. Според него, договорот може да биде постигнат по изборите, со оглед на тоа дека, најверојатно, во Турција ќе се смени министерот за енергетика“, а тоа значи и појавување на нови луѓе, како во министерството, така и во Botas.
Врз основа на материјали од изданијата Комерсант и Ведомости.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче