Извор: EPA
Средствата за изградба на грчкиот дел од Турски тек ќе бидат ангажирани во рамките на руско-европскиот конзорциум, изјави првиот човек на Гаспром Алексеј Милер по преговорите во Атина. Ова го соопштува новинската агенција Интерфакс. Досега Атина сметаше на тоа дека ќе добие државен кредит од Русија за сопствени потреби, кој сакаа да го враќаат за сметка на транзитните плаќање откако ќе биде изграден делот од гасоводот Турски тек на територијата на Грција. Ваква изјава на 15 април годинава даде првиот човек на Министерството на енергетика на Грција Панајотис Лафазанис. Во странските медиуми (Spiegel-Online) дури и се наведува сумата за можниот аванс – од 3 до 5 милијарди евра.
Турски тек е гасовод со моќност од 63 милијарди кубни метри гас, кој треба да стане алтернатива на транзитот преку Украина. Магистралата ќе минува по дното на Црно море до границата на Турција и на Грција, односно до границата со Европската Унија. На ова место ќе биде изграден центар за распределување на гасот. Потоа европските земји ќе треба да продолжат со изградба на својата територија.
Внимателен маневар
Експертите што ги консултираше „Руска реч на македонски“ сметаат дека внимателната одлука на Гаспром е диктирана од економски и од политички фактори.
„Искуството од Јужен тек ги научи сите страни да бидат внимателни. Авансот на раниот стадиум на преговорите би бил раскош за проектот“, вели Александар Курдин од Аналитичкиот центар при владата на РФ. Според него засега не се обелоденети податоци за учесниците во проектот и за идните клиенти од страна на европските компании. „Веројатно се водат интензивни преговори, но пред тие да бидат завршени доделувањето финансиски средства би било избрзано“, појаснува Курдин.
Притоа, шансите за ангажирање на потребните 2 милијарди евра во рамките на руско-европскиот конзорциум се големи, смета Елизавета Белугина, аналитичар на компанијата FBS. Вредноста на проектот е еднаква на 1% од БДП на Грција, што значи добра поддршка за економијата на земјата. А ветените обеми гас (47 милијарди кубни метри годишно – заб. ред.) ќе ѝ носат на Грција стотици милиони долари годишно, потсетува Александар Курдин. Вкупната задолженост на Грција во однос на БДП изнесува 174% (според податоците на ММФ за 2014 година).
Турски тек ќе се пролонгира?
Впрочем, засега преговорите за Турски тек поминаа на ниво на декларации за намери. Од една страна тоа што Грција ја потврди својата заинтересираност за изградба на гасовод може да се смета како добар сигнал за инвеститорите, меѓу другото и за можните партнери од европските компании, смета Курдин. Од друга страна, за гасоводот да биде изграден, потребна е согласност од Турција и од ЕУ. „Согласно коментарите на претставниците на европското раководство, проектот бара детално разгледување. Кога станува збор за Турција, засега меѓу руската и турската страна се водат преговори за цената. Тоа значи дека почетокот на реализацијата на проектот оваа година е малкуверојатен“, смета Елизавета Белугина.
Експертите обрнуваат внимание и на можното намалување на активностите на Грција во проектот. „Тоа што Грција нема да добие кредит за идните транзитни трошоци значи дека земјата нема да може да си ја олесни моменталната ситуација. Како резултат на тоа, земајќи го предвид сиот товар на тековните проблеми, заинтересираноста на Грција за проектот може да се намали“, претпоставува Белугина. Министерот за енергетика на Грција Панајотис Лафазанис на 15 април изјави дека е можно да се склучи спогодба за гасоводот оваа недела, додека по преговорите со Милер зборуваше само за „следните недели“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче