Гаспром и Грција се договорија за цената на Турски тек

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

По посетата на премиерот на Грција Алексис Ципрас на Москва стана јасно дека оваа земја има цврст став во однос на новиот проект за гасовод Турски тек. При својата посета на Русија, премиерот Ципрас истакна дека неговата земја ќе пристапи сериозно кон овој проект, а првите резултати се веќе видливи.

Цената на грчкиот дел од гасоводот Турски тек ќе изнесува две милијарди евра. Ова во програмата на телевизискиот канал „Росија 24“ го изјави првиот човек на Гаспром Алексеј Милер по преговорите во Атина. 

Русија го гради Турски тек како алтернатива за транзитот преку Украина. Магистралата ќе минува по дното на Црно море до границата на Турција и на Грција, односно до границата со Европската Унија. На ова место ќе биде изграден центар за распределување на гасот. Потоа европските земји  ќе треба да продолжат со изградба на својата територија. 

„Не постои никаков сомнеж дека руско-европскиот конзорциум ќе го привлече во целосен обем неопходното финансирање за изградбата на гасоводот на територијата на Грција. Станува збор за 2 милијарди евра“, изјави Милер. 

Првиот човек на рускиот монопол Гаспром подвлече дека владата на Грција го поддржува создавањето на проектот за транспорт на гас на територијата на својата република. Тој забележа дека низа компании веќе пројавиле интерес за учество во проектот. „Проектот ќе се реализира во согласност со европското законодавство“, уверува тој. 

Милер изјави дека руската страна, односно Гаспром, гарантира дека преку територијата на Грција ќе транзитираат 47 милијарди кубни метри гас годишно, што од своја страна ќе ѝ овозможи на грчката страна да привлече дополнителни комерцијални кредити за реализација на други проекти во земјата. 

Според министерот за енергетика на Република Грција Панајотис Лафазанис, спогодбата за изградба на гасовод е планирано да биде потпишана во следниве недели.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња