Абрамович инвестира во нафтената технологија

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Тексашката компанија Propell Technologies објави дека кипарската Ervington Investments, чиј конечен бенефициент е рускиот милијардер Роман Абрамович, вложила во неа пет милиони американски долари. Во известувањето за медиумите не се обелоденува уделот на бизнисменот во Propell Technologies.

Propell Technologies Group поседува временски неограничена ексклузивна лиценца за развој, за примена и за комерцијализација на технологијата Plasma-Pulse. Засега оваа технологија се наоѓа во фаза на испитување, така што Propell од неа нема добивка. За девет месеци од 2014 година добивката на компанијата изнесувала само 85 илјади американски долари (притоа, во третиот квартал воопшто немало приход). Чистата загуба во периодот од јануари до септември 2014 година изнесувала 3,55 милиони американски долари, се вели во извештајот на Propell. Капитализацијата на Propell Technologies сега се оценува на 64 милиони американски долари (доколку се земе предвид котизацијата на OTC Markets, неберзанскиот пазар на САД).

Руска технологија за американските шкрилци 

Компанијата Novas Energy USA, која е под контрола на Propell, се занимава со промоција на нова технологија за зголемено црпење нафта и гас од наоѓалиштата со шкрилци во САД. При користењето на традиционалните технологии (таканаречен хидрофрекинг) за ширење на пукнатината во шкрилците и за извлекување нафта и гас од нив, во сондата, под висок притисок, се налева вода или раствори на киселини. Технологијата што ја користи Propell се засновува на плазмено-имупулсно влијание (ПИВ), при што каналите на хоризонталните сонди се „продувуваат“ со ударен бран, кој се создава откако во плазмата ќе се стави метален проводник, кој го става текот под напон од три до пет илјади волти. 

Методот ПИВ се разликува од хидрофрекингот со тоа што не зависи од резервите на вода. Освен тоа, тој е поеколошки, со оглед на тоа што при користењето на технологијата што се засновува на хидрораспарчување на пластовите, во подземните води влегуваат штетни реагенси, што веќе е и причина за забрана на користењето на хидрофрекингот во Франција, во Холандија и во други земји, а, исто така, и во некои држави во САД, како што се Вермонт и Њујорк.

Ќе се намали ли експлоатацијата на нафта?
Санкциите од Западот и паѓањето на курсот на рубљата ќе доведат до нагло намалување на експлоатацијата на нафта во Русија, се вели во анализата на Меѓународната агенција за енергетика. Според податоците од агенцијата, вкупниот пад ќе изнесува минимум 5%. Како резултат на тоа САД ќе ја зацврстат својата улога на лидер во експлоатацијата на јаглеводороди во светот.

Novas Energy USA, која е сопственик на технологијата ПИВ, има руски корења. Оваа технологија во 2002 година почна да ја разработуваат научниците од Санктпетербуршкиот рударски универзитет и од Научноистражувачкиот институт за електрофизички апаратури „Д. В. Ефремов“. Во 2007 година сопственикот на патентот за ПИВ, фирмата Рост, ја основаше компанијата Novas Energy Services. Пред Абрамович да вложи во неа, таа привлече инвестиции од десет милиони американски долари, од кои еден милион во вид на грант од фондот Сколково. 

„Инвестираме во оваа технологија зашто сметаме дека е перспективна“, изјави за РБК претставникот на Millhouse Џони Ман. Тој забележа дека технологијата може да се применува насекаде, а не само во САД. 

Сега Novas има девет патенти во Русија и една пријава за патент што е на разгледување во САД. Нејзината технологија беше испробана на повеќе од 300 сонди во Русија, во  Кина, во Источна Европа и во САД. Во Русија методот се применува на сондите на Лукоил, на Роснефт, на Гаспром, се вели на сајтот на компанијата. 

Според податоците од Управата за енергетски информации на САД (EIA), Русија има најголеми резерви на нафта добиени од шкрилци – 75 милијарди барели. На второ место се САД со 48 милијарди барели, а на трето е Кина со 32 милијарди барели. 

Што останува за во иднина? 

„Инвестициите нема да се ограничат на 15 милиони американски долари. Абрамович не се ограничува на малку. Тој ќе добие пристап до инфраструктурата и ќе може да прави нови зделки, кои со сегашните цени ќе му обезбедат значајно место во нафтената индустрија на САД. Сосема е можно дека на крајот може да стане збор и за инвестиции со обем од стотици милиони долари“, ја коментира инвестицијата на поранешниот губернатор на Чукотка порталот Oilprice.com, повикувајќи се на извор запознаен со зделката. 

Втората транша инвестиции од Ervington Investments, која може да биде остварена до 31 мај 2015 година, ќе биде насочена на добивање сопствено нафтено наоѓалиште за Propell, на кое ќе се користи плазмената технологија со поголема експлоатација, се вели во материјалите на Propell наменети за Комисијата за хартии од вредност и за берзи на САД (SEC). 

Роман Абрамович, кој според оцените на магазинот Форбс на крајот од 2014 година имал богатство вредно 9,1 милијарда долари, веќе има инвестирано во нафтениот сектор. Летото 2014 година беше објавено дека израелската компанија AcousticEye Inc., која е специјализирана за разработка на метод за неразурнувачка контрола на состојбата на цевките на нафтоводите и на гасоводите, има добиено од Абрамович два милиони американски долари. Нафтени проекти има и синот на бизнисменот. 21-годишниот Аркадиј Абрамович ја контролира британската компанија за нафта и гас Zoltav Resourses, чии компании-ќерки работат на наоѓалиштата во Ханти-Мансискиот автономен округ и во Саратовската област.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.