Извор: Ројтерс
Рускиот гасен монопол, компанијата Гаспром, за првпат се закани дека ќе ја прекине испораката на природен гас за Европа, доколку проектот за гасоводот Турски по дното на Црно море од Русија во Европа тек биде прекинат. „Ќе ја направиме таа пауза, доколку нè принудат на тоа“, изјави првиот човек на Гаспром Алексеј Милер за време на прес-конференцијата во Берлин, соопштува рускиот бизнис-весник РБК-Daily. Според него, Европската Унија еднострано се обидува да ги префрли сите ризици на доставувачот на гас, што на Гаспром му прави големи проблеми. „Европа треба да даде точен и јасен одговор за тоа дали ѝ е потребна оваа ресурсна база или не“, додаде Милер. Според експертите, претходно руските власти и раководството на Гаспром се обидуваа никогаш да не ги нарушат договорените обврски пред европските клиенти.
Реакција на дејствијата на ЕУ
Според водечкиот експерт на УК Финам Менаџмент Дмитриј Баранов, една од причините за ваквата остра изјава на Гаспром е формирањето на Енергетски сојуз во Европа. Претходно, во март 2015 година, лидерите на земјите-членки на ЕУ ја одобрија концепцијата на Европската комисија за создавање на ваков сојуз. Како резултат на тоа Европската комисија ќе може директно да влијае на комерцијалните спогодби за испорака на гас, меѓу другото и на договорите со Гаспром. Претходно европските потрошувачи се договараа со доставувачот индивидуално, а условите од комерцијалните договори беа тајни. Како што може да се заклучи од изјавата на Алексеј Милер, Европската Унија во однос на Русија се обидува да ја заобиколи интеракцијата која беше одразена во долгорочните договори за 40 години. „Доколку Европската комисија сака да определи единствена увозна цена за гасот, тогаш таа нема да биде најниската од цените по кои ние испорачуваме гас во Европа“, изјави тој.
Создавањето нов сојуз ќе создаде и ризици за проектот на новиот гасовод. „Појавувањето на ризик за Турски тек, можеби и го натерал (првиот човек на Гаспром) Алексеј Милер да даде ваква изјава“, вели Баранов. Според главниот аналитичар на UGS IC Иљја Балакирев „ова е уште еден обид да се повика ЕУ на решавање на потенцијалниот проблем со транзитот преку Украина“.
Алтернативни испораки
Некаде кон 2019 година Гаспром планира да се откаже од транзитот на природен гас преку територијата на Украина. За тоа беше и предвидена изградбата на гасоводот Јужен тек, со капацитет од 63 милијарди кубни метри по дното на Црно море од Русија во Бугарија и понатаму во земјите од Јужна Европа, меѓу другото и во Балканскиот регион. Сепак, под притисок на Европската комисија властите во Бугарија ја блокираа реализацијата на проектот, со оглед на тоа дека тој не одговараше на барањата од Третиот енергетски пакет. Според овој документ, една страна не може во исто време да биде и доставувач и сопственик на инфраструктурата. На крајот од 2014 година Гаспром се откажа од гасоводот Јужен тек и објави дека ќе гради сличен гасовод во Турција, кој го доби називот Турски тек.
„Доколку ситуацијата се развива во негативен правец за рускиот гасен монопол, тогаш Гаспром може да изгуби значителен дел од европскиот пазар, иако е избрзано да се зборува дека тој може да биде заземен од страна на Иран“, вели Иљја Балакирев. Според него, во следниве пет години Европа нема да може целосно да се откаже од рускиот гас, но и Русија нема да може безболно да се откаже од европскиот гасен пазар, без оглед на сите „закани“. Во секој случај обете страни ќе мора да се договорат, смета Балакирев. „Русија во децениската соработка со Европа докажа дека е сигурен доставувач, и дека европскиот пазар е важен за неа“, вели Дмитриј Баранов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче