Извор: DPA/Vostock Photo
Од почетокот на февруари до почетокот на април годинава руската рубља се зацврсти за 22.3%, што ја прави најпрофитабилна валута во светот, вели главниот аналитичар на UFS IC Алексеј Козлов. Според него, руската валута растеше во цената повеќе, одошто цената на нафтата, кон вредност што е историски поврзана за рубљата. Во истиот период нафтата од северноморската марка Brent поскапи за 9.8% од нивото на 53 американски долари на 58.2. Како што објаснува експертот, рубљата во најголем дел расте благодарение на интересот на инвеститорите за високо ниво на профитабилност, што се беше насобрала на пазарите во развој. Притоа, во декември 2014 година, руската валута падна во однос на американскиот долар и на еврото речиси двојно.
Главни причини
Како што објаснува за „Руска реч на македонски“ заменик на катедрата за фондови пазари и за финансиски инженеринг при Руската академија за народно стопанство и државна администрација (главен институт кој влијае на финансиската политика на руската влада) Константин Коришченко, кој порано беше заменик-претседател на Централната банка, руската рубља зајакнува во последниве недели благодарение на низа позитивни фактори. Како основни причини се наведуваат исплатата на валутни кредити за банките од страна на Централната банка во вкупна сума од 30 милијарди американски долари, намалување на каматната стапка од 17 до 14%, а исто така и смирувањето на ситуацијата на истокот од Украина. „Сето ова создаде висока спекулативна привлечност за вложување во рубљата и во рубљовите активи“, вели Константин Коришченко.
Според мислењето на аналитичарот на инвестицискиот холдинг ФИНАМ Антон Сороко, руската валута во блиска иднина може уште повеќе да зајакне доколку цената на нафтата се покачи и доколку на надворешнополитичката арена се појават предуслови за симнување на санкциите за Русија. Како позитивни фактори аналитичарот ги набројува спогодбите со определени земји од Европската Унија, меѓу кои и со премиерот на Грција Алексис Ципрас, кој на 8 април имаше средба со претседателот на Русија Владимир Путин. „Ситуацијата во Украина во моментов изгледа стабилно, така што не постојат причини за заострување на реториката од страна на ЕУ и на САД“, смета Сороко.
Според Алексеј Козлов, најголема улога во зацврстувањето на рубљата има Централната банка која успеа да изгради кредитно-парична политика на тој начин што волатилноста на валутата значително се намали. Притоа, како што забележува аналитичарот, без оглед на зајакнувањето на рубљата, интересот на инвеститорите за руската економија засега не бележи пораст.
Перспективи на инвестициите
Експертите засега не се уверени дека наглото зацврстување на рубљата ќе стане долгорочна тенденција. „Тврдењето за „раскинување на врската“ помеѓу курсот на рубљата и нафтата не се сосема коректни, поскоро може да се зборува за поинакво ниво на цените на нафтата во рубљи за 2015 година“, вели Коришченко. Според него, ситуацијата со меѓународните цени на нафтата е исто така нејасна: постигнувањето договор со Иран дава сигнал за цените во една насока, а конфликтот во Јемен во друга.
Притоа, според експертите, во руската економија остануваат фундаменталните проблеми. „Недостигот од капитал кај банките, отсуството на економскиот пораст, задржувањето на тенденцијата за зголемување на државниот сектор во економијата – сето ова не може да не предизвикува сомнеж и да не го воздржува оптимизмот во однос на идната цена на националната валута“, смета Константин Коришченко. Според него, доколку цената на нафтата не порасне и доколку продолжи одливот на капитал од Русија, тогаш перспективите за курсот на рубљата во 2016 година ќе бидат суштински пониски одошто во 2015 година. Во целост, ситуацијата со рубљата изгледа многу подобро одошто пред неколку месеци, но за да се задржи позитивната тенденција, владата треба да ги стимулира пазарните механизми, а не да се надева на покачување на цената на нафтата, смета поранешниот втор човек на Централната банка.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче