Важен јубилеј за руско-македонскиот бизнис

Зоран Ставрески, министер за финансии на РМ. Извор: Македонско-руска стопанска комора.

Зоран Ставрески, министер за финансии на РМ. Извор: Македонско-руска стопанска комора.

25 март е денот кога пред десет години со заложба и со ентузијазам на дел од македонската бизнис-заедница е основана Македонско-руската стопанска комора. По тој повод денес во хотелот „Александар Палас“ во Скопје беше одбележан десетгодишниот јубилеј на оваа мошне важна организација.

Македонско-руската комора од своето постоење до денес прерасна од мала група стопанственици-ентузијасти, кои беа заинтересирани за поголема соработка во бизнис-секторот помеѓу Република Македонија и Руската Федерација, во значајна организација која е издигната на меѓунационално ниво. Залагајќи се за постојано промовирање на своите членови, Македонско-руската стопанска комора денес е етаблиран и доверлив партнер на полето на соработка со Руската Федерација и е член на мешовитата Македонско-руска меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка. 

На денешниот настан присуствува бројни гости: претставници на компаниите-членки на Комората, како и други видни гости од Македонија и Русија од кои дел имаа свои обраќања. Со свои поздравни говори пред присутните се обратија Ѓорги Дика, претседател на Македонско-руска стопанска комора, н.е. Олег Николаевич Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, Георги Георгевич Петров, заменик-претседател на Стопанската комора на Руска Федерација, Зоран Ставрески, министер за финансии на Република Македонија и Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора. 

10 години успешна соработка
На 25 март Македонско-руската стопанска комора го одбележува својот јубилеј – 10 години од основањето. По тој повод „Руска реч на македонски“ направи интервју со директорот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, во кое главни точки на интерес се македонско-руските бизнис-врски, нивните перспективи, како и плановите за зголемување на трговската соработка меѓу двете земји.

Во својот говор, министерот за финансии на РМ Зоран Ставрески истакна дека Русија останува важен економски и политички партнер, но и дека соработката треба да се издигне на повисоко ниво. Тој укажа на високата можност за економска соработка помеѓу двете земји која треба да се унапредува. За Република Македонија Русија е мошне интересна како пазар за понуда на своите прехранбени производи. За таа цела македонското раководство ја продолжува иницијативата за преференцијален третман, односно за намалени царински стапки при извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, а исто така продолжува и дискусијата околу барањето на Македонија за потпишување договор за слободна трговија меѓу двете земји. 

„Извозот на земјоделски производи во Русија минатата година изнесуваше околу 15 милиони евра, а дополнително беа пласирани и лекови и други стоки, додека од руска страна беа увезени главно нафта, гас, суровини и полупроизводи за металната индустрија. Но, резултатите не задоволуваат. Македонија може да произведе и да продаде многу повеќе производи со поголема додадена вредност, а тоа важи и за Русија која во однос на Македонија може да извезе многу повеќе. Во оваа насока мора уште многу да се работи“, истакна Ставрески во своето обраќање. 

Ставрески исто така се осврна и на руските инвестиции кои се сè поголеми, а како доказ за тоа се компаниите кои долго време работат во Република Македонија, како што се Лукоил, Те-То, рудникот Саса и други, но и нови компании кои започнуваат со свои бизниси на македонско тло. Како мошне важен проект Ставрески ја потенцираше реализацијата на проектот за изградба на националниот гасовод, делницата од Клечовце до Штип.  

Руската Федерација беше принудена на воведување ембарго на голем број производи за широка потрошувачка. Оваа можност ја искористија македонските стопанственици, така што денес гледаме сè повеќе и повеќе прехранбени производи во руските продавници. 

Георги Георгевич Петров

Стопанската комора на Руска Федерација

Во своето обраќање до присутните, н.е. Олег Шчербак, исто така ја подвлече добрата економска соработка помеѓу двете земји. Меѓу другото, тој истакна дека Комората на дело ја има покажано својата ефикасност, со што има голем придонес во проширувањето и во зацврстувањето на директните односи на бизнис-круговите од Русија и од Македонија. Тој како клучни елементи за успехот на Македонско-руската стопанска комора ги посочи добрите и разгранети контакти со руските регионални стопански комори, активното учество на меѓународни специјализирани саеми, бизнис-мисии и промоции, како на македонски компании во Русија, така и на руските во Македонија, што е од големо значење за билатералната трговско-економска соработка. 

„Бизнис-врските помеѓу нашите две земји континуирано се зацврстуваат. Обемот на руските инвестиции во македонската економија веќе ја надмина бројката од 400 милиони долари. Се зголеми и бројот на руските компании кои работат на македонскиот пазар, како и на македонските компании кои се заинтересирани за зголемување на својот извоз во Русија. Треба да се истакне дека овој извоз во 2014 година е зголемен за 228 проценти. Сето ова создава најповолни предуслови за понатамошно проширување на трговско-економската и инвестициската соработка“, резимираше амбасадорот Шчербак. 


Георги Георгевич Петров, заменик-претседател на Стопанската комора на Руска Федерација. Извор: Македонска-руска стопанска комора

Од своја страна заменик-претседателот на Стопанската комора на Руска Федерација Георги Георгевич Петров ја истакна важноста на соработката во областа на економијата со Република Македонија во овие сложени времиња за Русија. Имено, тој се осврна на фактот дека Република Македонија не ги поддржа санкциите што Западот ги воведе против Руската Федерација. „Руската Федерација беше принудена на воведување ембарго на голем број производи за широка потрошувачка. Оваа можност ја искористија македонските стопанственици, така што денес гледаме сè повеќе и повеќе прехранбени производи во руските продавници“, подвлече Петров. 

На свеченоста заменик-претседателот на Стопанската комора на Руска Федерација Георги Георгевич Петров на извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев му врачи почесен медал за неговата долгогодишна успешна работа во развојот на руско-македонските економски односи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.