10 години успешна соработка

Извор: Саво Пејчиновски

Извор: Саво Пејчиновски

На 25 март Македонско-руската стопанска комора го одбележува својот јубилеј – 10 години од основањето. По тој повод „Руска реч на македонски“ направи интервју со директорот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, во кое главни точки на интерес се македонско-руските бизнис-врски, нивните перспективи, како и плановите за зголемување на трговската соработка меѓу двете земји.

Оваа година одбележувате значаен јубилеј – 10 години од основањето на Македонско-руската стопанска комора. Кој беше иницијаторот на оваа идеја? Какви беа почетоците? 

Како што констатиравте, оваа година одбележуваме значаен десетгодишен јубилеј од основање на Македонско-руската стопанска комора. Иницијативата за нејзиното создавање се појави во годините на т.н. „раѓање на коморски плурализам“ во Република Македонија. Главен иницијатор беше Руско-македонското друштво во Скопје во соработка со амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. 

Што претставува денес Македонско-руската стопанска комора, како за Република Македонија така и за Руската Федерација? 

Навистина е многу тешко да се каже што претставува нашата комора за двете земји денес, во смисла на тоа дека периодот на нашето постоење е релативно краток. Сепак, уште на самиот почеток ние си поставивме цел, а тоа е да бидеме мост за економско поврзување на двете земји. 

Најпривлечни се енергетските проекти
Откако Руската Федерација воведе ембарго на прехранбени производи од Запад, во Македонија сè почесто се зборува за можноста за извоз на македонски производи во Русија. Во врска со ова прашање, како и за економската соработка помеѓу Русија и Македонија зборуваме со извршниот директор на Македонско-руската комора Дејан Бешлиев.

Каква е соработката на Македонско-руската стопанска комора со другите стопански комори во државава, како и со државните институции?

Во еден од членовите на статутот на Македонско-руска стопанска комора јасно е прецизирано дека од особено значење е институционалното поврзување со релевантните институции во земјата: министерства, здруженија и, секако, соработката со другите стопански комори. Досега најуспешна соработка имаме со Стопанската комора на Македонија, како најголема асоцијација од ваков вид. Со нив сме реализирале низа проекти од типот на семинари, јавни трибини и деловни средби. 

Што значи за Вас, како прв човек на Македонско-руската стопанска комора, да се предводи една ваква институција? 

Во почетокот тоа беше исклучителен ентузијазам, бидејќи ние како институција се самофинансираме без дополнителни субвенции. Но, тоа, од друга страна, значеше предизвик и радост за секоја нова успешно завршена работа. Денес да се биде прв човек, да се застапува интерес на компаниите што соработуваат во двете пријателски земји, за мене е истовремено и чест и задоволство. 

Кои се, според Вас, најголемите успеси што ги имате постигнато?

Најголемите успеси ги поврзувам со неколку важни моменти. Најнапред тоа е нашето успешно работење, кое придонесе да оствариме партнерски договор со Стопанската комора на РФ, а потоа и со уште шест регионални руски стопански комори. Потоа, нашето активно работење во работната група за трговска соработка при меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка.

Секако, многу важна за нас е соработката со ресорните министерства околу организацијата на национални штандови во Руската Федерација, со учество на македонски компании таму. 

Каква е соработката на Македонско-руската стопанска комора со бизнис-заедницата во Македонија? Постои ли заинтересираност кај нашите производители за рускиот пазар? 

Досега нашата соработка со бизнис-заедницата во земјата е одлична. Тука, пред сè, мислам на секторот прехранбена индустрија, производство на земјоделски производи и винопроизводители. Но, сепак, сметам дека има многу простор за зголемување на нашата активност и во други гранки на индустријата, кои се помалку застапени во соработката со партнерите од Руската Федерација, а кои реално можат да имаат успех на пребирливиот руски пазар, како, на пример, компаниите од текстилната индустрија, индустријата за мебел и, пред сè, туризмот и ИТ-технологијата. 

Може ли Македонија да се издигне на ниво на значаен трговски партнер на Руската Федерација или, сепак, сме многу мал понудувач за рускиот пазар? 

Реално, може да се каже дека сме мал понудувач за рускиот пазар во целост, но ние сме уверени дека шансите за настап на македонските производители е во руските региони каде што имаат недостиг на производи што ние ги имаме како компаративна предност. 

Ја искористи ли Македонија можноста за поголем пласман на производи на рускиот пазар по воведувањето на ембарго за Западот од страна на Руската Федерација? 

Кризата ќе ја измени винската карта на Русија
Руските увозници се принудени делумно да се откажат од странското вино. Според резултатите од декември 2014 година увозот на вино е намален за 44%. Малопродажните цени се зголемени од 30 до 50%. Кризата ќе можат да ја преживеат само популарните вина. Руските производители, пак, ќе добијат шанса да ги пополнат испразнетите места, сметаат експертите.

Сметам дека во рамки на можностите Македонија ја искористи новонастаната состојба по август 2014 г. Секако, голем дел од производите веќе беа планирани и за други пазари, но, сепак, производителите го подигнаа пласманот во Руската Федерација и тоа е добро, бидејќи руските потрошувачи имаат поголема можност за консумирање на квалитетни производи. 

Туризмот се споменува како неискористена можност. Од руска страна постои интерес за посета на Македонија. Зошто работите тапкаат во место? 

Причините се многу конкретни. Непостоењето на директна линија од Скопје кон Москва и обратно е првиот услов за недоволна развиеност и искористеност на туристичките потенцијали. Потоа слабиот маркетинг на македонските фактори. Имено, Министерството за економија реално одвојува средства за национален туристички штанд, но со тоа завршува сè. Но, исто така, и македонските туристички агенции не се доволно активни. Иако досега имаше обиди, сè уште нема активна реклама на ТВ-станиците, на руските портали и сл. Потоа, нема или многу малку постојат рекламни материјали на руски јазик, сè уште нема привлечна приказна за рускиот турист. Сето ова е показател на моменталната состојба. 

Неодамна се вративте од саемот ПРОДЕКСПО, кој е еден од најголемите саеми за прехранбени производи во Русија. Какви се резултатите од претставувањето на Македонија на него? 

Во одговорот на ова прашање сакам да наведам дека за  успешноста на саемите или Б2Б-средбите оваа година силно влијание ќе има курсот на руската рубља.

Во овие услови на слаб курс на рубљата, и македонските производи, како и многу други, стануваат скапи за руските партнери. ПРОДЕКСПО многу јасно го покажа и тоа. Има многу голем интерес за производите, конкретно за македонското вино,  но малку нови договори. Се надеваме дека наскоро работите ќе се променат и ќе тргнат кон подобро. 

Што е она на кое треба сериозно да се посвети Македонско-руската стопанска комора во иднина и какви сè планови имате пред вас? 

Во нашите планови за идна соработка насочени сме, пред сè, кон руските региони со кои, како што претходно напоменав, имаме реална шанса за соработка. Потоа, во нашата програма имаме изработен предлог-проект за настап во тие региони. Имено,  сакаме да поттикнеме изработка на стратегија на настап на рускиот пазар на среден и на долг рок. Сметаме дека само така ќе ги подобриме резултатите на трговската размена. Но, постои и еден многу важен фактор, кој се одразува во сите гранки што се застапени во соработката. А, тоа е слабото познавање на рускиот јазик. Според мене, клучен фактор за уште поуспешна бизнис-релација во сите сфери на соработката.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.