Извор: Ројтерс
Лидерите на 28 земји од Европската Унија оценија дека е можно укинување на санкциите против Русија доколку се исполни минската спогодба за регулирање на конфликтот на југоистокот од Украина. Ова го изјавил на завршната прес-конференција првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск, пренесува руската агенција ТАСС. Според него, ваквото сценарио е можно „дури кон крајот на 2015 година“, а дотогаш ЕУ „има намера да ги задржи санкциите, сè дури минската спогодба не биде целосно реализирана“. Сепак, според податоци од извори на агенцијата ТАСС, решение за продолжување на економските санкции може да биде донесено во јуни по анализата на ситуацијата во зоната на конфликтот во Украина.
Санкциите продолжуваат
Според руските експерти, воздржаната позиција на ЕУ е од корист пред сè за Москва. „Колку што може да се види, прашањето за засилување на санкциите не било покренато“, вели началникот на аналитичкиот оддел на ИК Рус-Инвест Дмитриј Беденков. Во исто време, според него, перспективите на постоечките санкции до крајот на годината се високи. „Со оглед на тоа дека рокот за реализација на минската спогодба е до крајот на 2015 година, тешко дека може да се очекува напредување во поглед на прашањето за укинување на санкциите на следните заседанија на лидерите на ЕУ“, вели Беденков. Според него, сега јасно е означена групата земји што се противат на санкциите против Русија, а тоа, од друга страна, ја намалува веројатноста за продлабочување на санкциите.
„Резултатите од средбата на 28 земји-членки на ЕУ може да се нарече неутрално-позитивен за Русија. Како прво, не видовме зајакнување на притисокот врз нашата земја. Како второ, добивме видливи договори кои треба да доведат до укинување на санкциите“, вели аналитичарот на инвестицискиот холдинг ФИНАМ Антон Сороко. Според него, претходно не биле договорени условите за укинување на санкциите, што ја зголемило неопределеноста во меѓународниот дијалог. Згора на тоа, според генералниот директор на компанијата Cansonic Елена Арманова, дури и во строгите изјави на германската канцеларка Ангела Меркел не беше кажано дека услов за укинувањето на санкциите е враќање на Крим во Украина. „Впрочем, ризикот за продолжувањето на санкциите сепак останува“, предупредува професорот Владислав Гињко од Институтот за економија на природните монополи при Руската академија за народно стопанство и државна администрација.
Економијата е стабилна
На фонот на отсуство на нагли политички изјави, руската економија остана стабилна. Всушност, на клучните показатели не повлијае дури ни падот на цената на нафтата. „Иако цената на нафтата продолжува да паѓа, рубљата стои уверено“, вели раководителот на одделот за аналитика на PROFIT Group Глеб Задоја. На лондонската берза на 21 март цената на барел нафта од марката Брент падна за 1%, со што се намали на помалку од 54 американски долари.
Според аналитичарот на ГК Forex Club Ирина Рогова, како и претходно фактор за притисок врз цената на нафтата може да биде продолжувањето на дисбалансот на побарувачката и потрошувачката. Притоа постои сериозен ризик за негово зголемување во услови кога „нуклеарниот конфликт“ во Иран ќе биде ставен под контрола, со оглед на тоа дека во случај на укинување на санкциите земјата мошне бргу ќе го зголеми обемот на извоз. „Без оглед на тоа, засега не постои повод за суштински пораст на котирањата на нафтата. Најверојатно во следниве недели тие ќе се држат во дијапазонот помеѓу 52 и 57 американски долари за барел. Притоа постои ризик дека тие повеќе ќе тежнеат кон долната граница“, вели Рогова.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче