Кризата ќе ја измени винската карта на Русија

Извор: Михаил Поцуев / ТАСС

Извор: Михаил Поцуев / ТАСС

Руските увозници се принудени делумно да се откажат од странското вино. Според резултатите од декември 2014 година увозот на вино е намален за 44%. Малопродажните цени се зголемени од 30 до 50%. Кризата ќе можат да ја преживеат само популарните вина. Руските производители, пак, ќе добијат шанса да ги пополнат испразнетите места, сметаат експертите.

На почетокот на февруари еден од најстарите увозници на алкохол „Русимпорт“ (втор по големина увозник на француски вина), обелодени дека на пет негови компании им се заканува банкрот. 

Компанијата се најде во тешка финансиска положба поради порастот на курсот на девизите. Кон средината на декември низа увозници, вклучувајќи ги Simple, Roust и Синергија, беа принудени неколку дена да запрат со растовар, чекајќи да се стабилизира рубљата. 

Многу дистрибутери работат со одложено плаќање и со доставувачите и со купувачите се пресметуваат според курсот на денот на исплатата. На пример, сега бизнисот е принуден да плати за виното што е увезено летото 2014 година двапати повеќе, одошто чинело тогаш (летоска курсот на еврото беше 47 рубли, а во декември-јануари 80-77 рубли). 

Експертите со кои контактираше „Руска реч на македонски“ очекуваат дека во блиска иднина низа увозници ќе престанат да работат и дека ќе се намали обемот на нарачките. 

„Според мене, бројот на увозници ќе се намали за околу 30%. Вкупниот обем на увозот ќе падне за околу 1.5 пат, а можеби и повеќе“, вели Вадим Дробиз, директор на Центарот на истражување на федералниот и регионалниот пазар на алкохол (ЦИФРПА). 

Промена на асортиманот  

За првпат го пробав виното Вранец во Македонија. Вкусот на ова вино е мошне необичен  - густ, трпок, а истовремено прилично сладок за суво вино. Кога видов Вранец во продавница во Русија бев пријатно изненадена. Тоа е многу добро вино и притоа не е скапо. На пример, квалитетните вина од Франција и од Италија се речиси двапати поскапи, иако според квалитетот воопшто не се над македонскиот Вранец. Сега, за жал, цената е зголемена за околу 30% и ќе ми биде многу жал доколку тоа сосема исчезне од полиците во нашите продавници.

Марина Теплухина Јарослављ (270 км од Москва)

Секоја компанија сериозно го разгледува своето портфолио, исфрлајќи ги ретките видови вино, а исто така и помалку познатите брендови во Русија. Според мислењето на експертите, сè уште е рано да се каже дека некои од земјите сосема ќе исчезнат од списокот. Во ризичната група ќе се најдат земјите што произведуваат вино, како што се Македонија, Либан, Грција, Португалија, чии вина не се толку познати за руските потрошувачи. 

„Сите увозници ќе бидат принудени да го намалат асортиманот, - уверена е претседателката на советот за трговија со вино на компанијата МБГ Ирина Фомина. – Компаниите во своите портфолија ќе ги остават вината што имаат висока ротација, кои можат брзо да се свртат“. Околу 15-20% од руските потрошувачи консумираат скапо вино. Останатите купуваат поевтино или со средна цена, при што 60% од нив отпаѓа на руските вина. „Русите ги претпочитаат вината од Франција, од Италија и од Шпанија. Тие секогаш се фаворити, - вели Вадим Дробиз. – Втората категорија се земјите од Новиот свет – Чиле, Австралија, Нов Зеланд ЈАР“. 

Шанса за руските производители 

Во Русија со производство на вино, според податоците на ЦИФРПА, се занимаваат околу 70 компании. 12 од нив произведуваат скапи вина. Останатите се специјализирани на евтини и на вина од средна класа. 

Кај делот на евтините и на вината со средна цена, според мислењето на експертите, руските производители ќе добијат, зашто не постои евтин увоз. Производителите на скапи руски вина, пред сè од Краснодарскиот крај и од Ростовската област, можат да се зацврстат во сегментот на скапи вина. Сличните увозни вина поради порастот на цените веќе преминуваат во класата премиум и стануваат недостапни за поголемиот дел од потрошувачите. 

Сепак, домашните производители засега не се толку оптимисти. Во моментов само 40% од руското вино се произведува од домашно грозје, додека 60% од производството отпаѓа на увезен вински материјал, најмногу од ЈАР, од Украина, од Италија, од Шпанија итн. „Планираме да го намалиме увозот на суровина за една третина и да преминеме на материјали од руско производство, најмногу од Крим“, вели Дарја Домостроева, директор за односи со јавноста на групацијата Абрау Дирсо. Секако дека ова нема многу да ги намали трошоците кои пораснаа. Според домашните производители, речиси секој елемент, без разлика дали е тоа шише или тапа, е поврзан со курсот. На пример, етикетите најчесто се произведуваат од финска хартија. Доколку хартијата е руска, тогаш, на пример, бојата со која се слика етикетата е италијанска. Групацијата Абрау Дирсо купува тапи од плута од Португалија, а жицата се произведува во Италија. Сето тоа доведува до зголемување на трошоците за производство.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.