Русија се судри со рекорден одлив на капитал и инвестиции

Извор: АP

Извор: АP

Во 2014 година од земјата се изнесени два и пол пати повеќе капитал, одошто во изминативе години. Директните странски инвестиции практично се прекинати. Вакви показатели Русија не покажа дури ни во кризната 2008 година. Оваа година негативната тенденција ќе продолжи, иако не во толкави размери, сметаат аналитичарите.

Изминатава година, според податоците на Централната банка, одливот на капитал изнесувал 151 милијарда американски долари. За споредба: во 2013 година тој изнесувал 61 милијарда, а во 2008 година исто така бил значително понизок и изнесувал 133.6 милијарди американски долари 

Ваквите размери не ги предвидоа дури ни експертите. Во Министерството за финансии сметаа дека нивото на одлив ќе изнесува 90-100 милијарди, додека Централната банка прогнозираше 128 милијарди американски долари. 

Според податоците на Централната банка, одливот на капитал се случил за сметка на порастот на доларските депозити и гаснењето на надворешниот долг на рускиот приватен сектор со ограничена можност за негово рефинансирање поради санкциите. 

Ниски показатели на БДП на Русија и во следните 4 години
Падот на БДП и стагнацијата на Русија можат да потраат повеќе години, уверен е главниот критичар на владата, поранешен министер за финансии (2000-2011 година), сегашен претседател на Комитетот на граѓански иницијативи Алексеј Кудрин. Во интервју за РБК тој призна дека поради санкциите дел од руските гранки неизбежно се деградираат.

Но, најголем дел од одливот го направиле самите Руси. Во 2014 година населението се здобило со рекордни 34 милијарди американски долари, од кои најголем дел во четвртиот квартал. За споредба во 2008 година Русите купија 24 милијарди американски долари. „Во последниве неколку години приходите на населението се зголемуваа, а рубљата сепак остануваше чувствителна на колебањата на девизите, па затоа, логично, во услови на девалвација на рубљата народот почна да купува девизи“, појаснува заменик-началникот на Центарот за економско прогнозирање на „Гаспромбанк“ Максим Петроневич. Всушност, тука треба да се земе предвид дека овие средства фактички останаа во земјата, само што се измени структурата на личните заштеди, забележува Александар Абрамов од Центарот за анализа на финансискиот систем при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. 

Прогноза за 2015 година 

Во 2015 година Централната банка прогнозира одлив на капитал на ниво од 118 милијарди американски долари. Според оценките на експертите, сè ќе зависи од понатамошната перспектива на санкциите, на цената на нафтата и на стабилноста на рубљата. 

„Цената на нафтата, најверојатно, нема да се врати на нивото од 100 американски долари за барел, што значи низок девизен прилив. Згора на тоа состојбата на руската економија во голема мера ќе се влоши. Одливот на капитал и оваа година е прогнозиран на повеќе од 100 милијарди американски долари“, смета Елизавета Белугина, шеф на аналитичкото одделение на брокерската компанија FBS. 

„Продолжувањето на санкциите, можното понатамошно паѓање на рубљата и ризиците од намалување на суверените рејтинзи на најниско можно ниво ќе придонесат за понатамошен одлив на капитал“, се согласува Александар Абрамов. 

Во Центарот за економско прогнозирање на „Гаспромбанк“ прогнозираат дека во 2015 година одливот ќе изнесуваа 100-1130 милијарди од кои 50-80 милијарди американски долари ќе се одлеат за гаснење на надворешните долгови. 

Странските инвестиции отидоа во минус 

Директните странски инвестиции престанаа да доаѓаат во Русија од почетокот на 2014 година, ова го покажуваат податоците на Централната банка. Крајната цифра за годината ќе биде позната подоцна, по објавувањето на податоците за четвртиот квартал. Според податоците од првите три квартали одливот на директни инвестиции изнесувал 21.7 милијарди американски долари.

Секвестрација на рускиот буџет
Рускиот буџет ќе изгуби околу 20% од приходите, меѓу другото и поради падот на цените на енергетските ресурси. Како резултат на тоа Министерството за финансии реши да ги намали трошоците во буџетот за 10%, но ова намалување нема да се одрази на исплатата на социјалните исплати за населението и на расходите за националната одбрана, кои се главни ставки во рускиот буџет.

Одливот се одрази на сите сектори кои на постојано основа добиваа директни странски инвестиции и тоа без исклучок. Тука се нафтената индустрија, металургијата, трговијата, земјоделството, како и инвестициите во недвижнини. 

„Сега се на сила директни и индиректни забрани за инвестиции во Русија, се појавија проблеми со довербата на западните партнери за еден или за друг крупен проект во нашата земја“, објаснува Алексеј Абрамов од лабораторијата за анализа на институциите и на финансиските пазари при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. 

Така, поради заладувањето на руско-германските односи се намалија инвестициите во руската машиноградба и во фармацијата. „Многу германски компании ги откажаа инвестициските проекти во Русија, а 41% ги намалија инвестициите, - вели Елизавета Белугина од FBS. – Освен тоа, поради санкциите настрада и енергетскиот сектор: во декември 2014 година пропадна размената на активите помеѓу „Гаспром“ и најголемиот хемиски концерн BASF која се подготвуваше уште од 2011 година“, додава Белугина. 

„Откажувањето од директни инвестиции во услови на надворешнополитичка неопределеност е нормална појава“, смета заменик-началникот на Центарот за економско прогнозирање на „Гаспромбанк“ Максим Петроневич. Сепак, според аналитичарот, од гледна точка на фундаменталните фактори, во Русија ништо не е изменето. „Пазарот, како и претходно е голем, работната сила изразена во долари стана поевтина одошто во Кина, како и претходно имаме евтина електрична енергија, па затоа, од моја гледна точка, постојат сите стимули за да се развива производството во Русија“, забележува Петроневич.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.