Секвестрација на рускиот буџет

Министерот за финансии на РФ Антон Силуанов. Извор: Михаил Џапариѕе / ТАСС

Министерот за финансии на РФ Антон Силуанов. Извор: Михаил Џапариѕе / ТАСС

Рускиот буџет ќе изгуби околу 20% од приходите, меѓу другото и поради падот на цените на енергетските ресурси. Како резултат на тоа Министерството за финансии реши да ги намали трошоците во буџетот за 10%, но ова намалување нема да се одрази на исплатата на социјалните исплати за населението и на расходите за националната одбрана, кои се главни ставки во рускиот буџет.

Рускиот буџет во 2015 година ќе биде помал за 3 билиони (46 милијарди американски долари) од 15 билиони рубли (230.2 милијарди американски долари), меѓу другото и поради падот на цените на енергетските ресурси. Ова на Гајдаровскиот економски форум во Москва го изјави министерот за финансии Антон Силуанов. Според него, за да се задржи обемот на дефицитот во рамките на 2-3% од БДП, министерството е подготвено да ги намали трошоците за 10%. Сепак, ова намалување нема да се одрази на исплатата на социјалните исплати за населението и на расходите за националната одбрана, кои се приоритетни. 

Намалување на трошоците 

„Намалувањето на цената на нафтата за повеќе од 50% претставува мошне сериозна динамика, при што главното намалување на цените веќе се случи, а истото се однесува и на девизниот курс“, изјави на Гајдаровскиот форум заменик-претседателот на Централната банка Ксенија Јудава. Според неа, на економијата ѝ потребно време за да се снајде во оваа ситуација. „Руската економија треба да се адаптира на новиот систем: колку побрзо го минеме периодот на адаптација, толку побрзо ќе се види потенцијалот што ќе ѝ дозволи на економијата да се развива во новите услови“, додаде Јудава. 

Ниски показатели на БДП на Русија и во следните 4 години
Падот на БДП и стагнацијата на Русија можат да потраат повеќе години, уверен е главниот критичар на владата, поранешен министер за финансии (2000-2011 година), сегашен претседател на Комитетот на граѓански иницијативи Алексеј Кудрин. Во интервју за РБК тој призна дека поради санкциите дел од руските гранки неизбежно се деградираат.

Против намалувањето на расходите од буџетот на Гајдаровскиот форум се изјасни Татјана Голикова, претседател на Државниот ревизор – основниот орган за финансиска контрола во Русија. „Најпрепорачливо е да не се преземаат чекори за коригирање на буџетот во првиот квартал од 2015 година“, изјави Татјана Голикова. Според неа, оперативните податоци за исполнувањето на буџетот од 2014 година сведочат дека без оглед на сите тешкотии, буџетот има добиено дополнителни приходи. „За таа цел е создаден антикариозен фонд. Првиот квартал е потребен за да се добијат објективни податоци за показателите на економскиот развој според резултатите од 2014 година“, смета Татјана Голикова. Згора на тоа, според неа, намалувањето не може да се однесува подеднакво за сите насоки без намалување на трошоците за национална безбедност. Всушност, како што вели шефот на Државниот ревизор, секоја прераспределба треба да биде во корелација со структурата на буџетот. „Во моментот структурата на федералниот буџет е таква што на јавните обврски и на националната безбедност отпаѓаат 76% од расходите“, изјави Татјана Голикова. Според неа, како резултат на секвестрација на буџетот, неговата структура ќе стане уште послаба. 

Алтернативни решенија 

Според експертите, сепак е потребно намалување на буџетот. „Министерството за финансии се грижи за пополнување на буџетот. Од оваа гледна точка потребно е да се намалува, и тоа не е најлошата варијанта, зашто алтернативната е да се зголемуваат приходите, а до тоа може да се дојде само со зголемување на даноците за граѓаните и за бизнисот“, вели главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев. Според него, во ваква ситуација треба да се намалуваат расходите, „Од гледна точка на поддршка на благосостојбата на граѓаните логично би било во прв ред да се откажеме од сомнителни проекти, како што е освојувањето на Арктикот или зголемувањето на одбранбени нарачки“, смета Балакирев. Сепак, според него, кога станува збор за замената на увозот реален прогрес има направено токму одбранбената индустрија, така што зголемувањето на трошоците во оваа насока, во извесна смисла, претставува стимул за замената на увозот, при што во високотехнолошките гранки. 

Како што забележува аналитичарот на инвестицискиот холдинг „ФИНАМ“ Антон Сороко, одбранбените расходи во Русија во последниве години станаа стратешки, ова е политичко решение кое финансиските власти не можат да го сменат. Сепак, според него, овој чекор треба да се диференцира, без да се намали финансирањето во образованието и во медицините. „Разумно, од гледна точка на двата приода, би било да се зафатиме со прашањата за зголемување на ефективноста на овие расходи, со цел да се зголеми вредноста на секоја потрошена рубља“, додава Иљја Балакирев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.