Ниски показатели на БДП на Русија и во следните 4 години

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Алексеј Кудрин, поранешниот министер за финансии на Русија прогнозира дека земјата ја очекува долгорочна криза.

Падот на БДП и стагнацијата на Русија можат да потраат повеќе години, уверен е главниот критичар на владата, поранешен министер за финансии (2000-2011 година), сегашен претседател на Комитетот на граѓански иницијативи Алексеј Кудрин. Во интервју за РБК тој призна дека поради санкциите дел од руските гранки неизбежно се деградираат.

Колку долго ќе трае кризата во Русија? 

- Кризата ќе биде долгорочна, но уште подолга може да биде стагнацијата, кога темпото на пораст на економијата ќе се наоѓа некаде околу +/-1%.  Ова е поврзано со многу лошата структура на економијата , која не е во согласност со современите предизвици, слабите стимули за раст и финансискиот систем, кој е оптоварен со разни видови обврски и кој нема никаква цврста подлога за зголемување на инвестициите. Кон ова се додадени и санкциите. Исто така е чудно да се чекаат стимули однадвор – во Кина, на пример, се очекува некакво намалување на темпото на раст во следниве 3-4 години. Доколку не ја реформираме економијата и доколку не добиеме намалување на нивото на санкции, тогаш нè чекаат негативни или ниски темпа на пораст едно четири години, а можеби и повеќе. Имам чувство дека на сите нивоа на власта, меѓу другото и на првиот човек, не постои објективна оценка на предизвиците што стојат пред Русија. Кај нив постои чувство дека 2-3 години ќе бидат доволно за поддршка на Резервниот фонд, а потоа економијата ќе тргне нагоре во рамките на некаков циклус. Објавеното намалување на државните расходи нема да се однесува на одбранбениот и на социјалниот сектор. Како резултат на тоа структурата на државните финансии ќе се влоши: ќе се намалат оние насоки што се поврзани со зголемувањето на економијата, со инфраструктурата, со квалитетот на образованието и подготовката на работната сила, со квалитетот на лекувањето и здравството. Како антикризни мерки можат да се донесат одлуки кои ќе ја продолжат стагнацијата. 

Русија 2015 според Кудрин

2-4% (во зависност од цената на нафтата) може да биде намалувањето на БДП на Русија во 2015 година.

12-15% може да изнесува инфлацијата во 2015 година

„Ние сигурно преминуваме кон двоцифрена инфлација. Понатаму таа може да се намалува, ефектот на пренесувањето на девалвацијата на цените постепено ќе се намалува како што ќе се стабилизира пазарот“.

2-3 месеци се потребни за стабилизација на курсот на рубљата во 2015 година, во прв ред поради намалувањето на увозот и, соодветно, побарувачката на девизи.

За 2.5-5% ќе се намалат реалните расположливи приходи на населението.

„За првпат од 2000 година за време на владеењето на Путин и на Медведев ќе се намалат реалните приходи на населението следната година. Нивото на намалување ќе се движи од два до четири-пет отсто“.

За влијанието на санкциите 

Санкциите ќе бидат долги. Многу зборував со бизнисмените, а тие сметаат дека со оглед на тоа што проблемот со Крим засега нема да се решава, тоа значи дека санкциите ќе останат. Нивното отповикување би означувале признавање на сегашниот статус на Крим од страна на Западот. Но, јас претпоставувам дека со заемен компромис, на пример, може да се решат проблемите на југоистокот од Украина, така што ќе има намалување на санкциите, но не на најважните и на најболните. 

Со правилна економска политика, а не како сега, може да се дојде до економски раст. Но, ние нема да можеме да станеме целосно конкурентни. Често велат: ќе се потпираме на сопствените сили. Но, земји како што се Кина, Бразил, Индија ќе се користат со сиот спектар можности на глобалната економија – технолошки и економски, - а Русија ќе биде ограничена. Тоа значи деградација на низа гранки. Во следниве годни ќе можеме да постигнеме впечатливи успеси само во неколку локални сфери, пред сè во одбранбениот сектор. 

За можноста за дефолт

Дефолтот претставува крајна мера. Мислам дека тоа е малку веројатно. Доколку се случи такво нешто, доколку владата му дозволи на бизнисот да не ги плаќа долговите, тогаш испорачателите нема да имаат гаранции за тоа дека откако ќе ја испорачаат стоката во Русија, тие ќе добијат пари за неа, односно ризиците дури и за обична трговија ќе бидат зголемени. Сите ќе почнат да испорачуваат стока само со претходна наплата. Ова значи запирање на трговијата во земјата, а ние зависиме од увозот за 50%. Во 1998 година, кога слична мера беше реализирана, некои компании, стегајќи ги забите, продолжија да исплаќаат, со цел да си го сочуваат угледот. Подобро е да се воведе девизна контрола. Ваквиот режим на дозвола за изнесување на девизи постоеше до 2006 година. Пред да се изнесат девизи од земјата (обично капитал, заработка), потребно беше таа да биде резервирана на специјални сметки на Централната банка (карантин) и да се даде објаснување за причината за изнесување.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња