Извор: Ројтерс
Падот на руската валута за приближно 70% во однос на еврото и американскиот долар донесе негативни последици во руската економија, убедени се експертите. „Основните последици од наглото слабеење на рубљата последниве денови за Русите и за земјата во целина се крајно негативни. Руските банки сега се наоѓаат на граница на паниката. Нивните акции незапирливо паѓаат“, изјави доцентот на Факултетот за финансии и банкарско работење на РАНХиГС Василиј Јакимкин. Според него, веќе во најскоро време банките ќе ги намалат како обемот на кредитирање, така и обемот на привлекување на влогови, а обемот на невратени кредити нагло ќе порасне. Како што забележува финансискиот аналитичар на инвестицискиот холдинг „Финам“ Тимур Нигматулин, прекумерното слабеење на рубљата во прв ред носи со себе ризик за загуба на довербата на играчите на пазарот во рускиот финансиски систем. Особено, според него, „во дадениов момент премногу брзо растат валутните ризици, кредитните камати, ризиците за непополнување како на регионалните буџети, така и на федералниот.“
Првата реакција
На падот на рубљата први реагираа банките кои го ограничија давањето на кредити на територијата на Русија. Според изворите на „Руска реч на македонски“ во „Рајфајзенбанка“, оваа банка привремено престана да дава кредити во Русија. „Без оглед на зголемената нестабилност на финансиските пазари и екстремното покачување на каматната стапка на Централната банка на 17%, Сбербанк продолжува со кредитирање на клиентите – како на физички, така и на правни лица“, потврдија од своја страна во службата за односи со јавност на Сбербанк,најголемата банка во Русија под контрола на државата.
Според податоците на весникот за бизнис „Комерсант“, голем дел од автодилерите престанаа со продажба на автомобили. Особено престанаа продажбите кога стана нејасно по кој курс да се индексираат цените, згора на тоа, беше забрането да се издаваат фактури дури и за оние што веќе склучија договор и уплатиле аванс. Од своја страна, според истражувањето на IATA, за три недели курсот за пресметка на таксите за авиобилети за меѓународни летови од Русија порасна за 36%. Згора на тоа, поради падот на рубљата под закана се најде дури и програмата за пуштање во работа на градската мрежа за wi-fi во Москва. Во овој момент претпријатието одговорно за тоа се обидува да ги коригира финансиско-економските параметри за проектот за да може техничкото решение да се базира на опрема од домашно производство.
„Слабеењето на рубљата доведе до пораст на инфлацискиот притисок, затоа што земјата е зависна не само од извозот, туку и од увозот, поради што како последица на тоа растат цените на потрошувачката“, изјави главниот аналитичар на UFS IC Алексеј Козлов. Според него, порастот на вредноста на заемните средства го ограничува нормалниот развој на реалниот сектор, што пак го забавува темпото на раст на економијата, кое пак може да доведе до рецесија. „Намалувањето на темпото на раст на економијата, паралелно со геополитичките ризици, инфлацискиот притисок и нестабилноста на валутата водат до намалување на интересот на капиталот за инвестирање во земјата, и како последица на тоа – кон одлив на капиталот“, изјави Козлов.
Реакцијата на потрошувачите
Во однос на поскапувањето на стоките и технологиите во Русија на рускиот пазар расте интересот за купување од страна на жителите на оние земји во кои националната валута не поевтини толку многу како рубљата. Според податоците на UCS, една од најголемите компании за електронско плаќање во Русија, во ноември потрошувачите од Ерменија, Кина, Белорусија, Казахстан и други земји од поблиските и подалечните соседи нагло ја зголемиле потрошувачката во руските продавници, меѓу другото Кинезите за 85,73%, Белорусите - за 78,31%, Казахстанците - за 32,51%. Притоа жителите и на Белорусија, и на Казахстан најмногу ги интересирале апаратите за домаќинството – вредноста на купувачката веднаш пораснала соодветно за 123,1 и 121,85%. А купувачите од Кина особено внимание им посветиле на накитот и часовниците – оваа категорија покажа раст за 3,9 пати. Според податоците на компанијата за електронско плаќање ChronoPay, според картичките издадени во Казахстан, интернет-купувачите потрошиле во ноември 2014 година за 140% повеќе отколку во ноември 2013 година (бројот на трансакции се зголемил за 27%), а според белоруските – за 29% повеќе (за 32%). „Граѓаните од поблиските држави-соседи го активираа купувањето на скапи и ликвидни стоки за кои цените не успеаја да пораснат по побарувачката за валутата. За такви стоки може да се сметаат автомобилите, големите апарати за домаќинство итн.“, изјави Алексеј Козлов.
Впрочем, како што забележува експертот на БКС „Експрес“ Иван Копејкин, цела низа фактори можат да ја стабилизираат рубљата во најскоро време. „Рубљата денес значително зајакнува во однос на доларот и еврото, што впрочем, и не е за изненадување, по повеќе од 20% пад во претходните денови“, изјави тој. Особено, според Копејкин, Министерството за финансии објави за почеток на продажба на девизните салда од федералниот буџет, кои во дадениов момент изнесуваат 7 милијарди долари. Впрочем, како што предупредува Копејкин, растот на рубљата, колку и да биде препродавана, практично никогаш не започнувал без раст на нафтените берзи.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче