Извор: Ројтерс
Во Службениот весник на Европската Унија се објавени корекции на двете санкциски резолуции од 31 јули и 8 септември 2014 година, кога Советот на ЕУ го ограничи пристапот на руските државни банки и државните нафтени компании до европското финансирање и пристапот на нафтената индустрија до увозните технологии и опрема.
Кредитирања во полза на ЕУ
ЕУ делумно им дозволи на руските банки да се кредитираат. Во уредбата на Советот на ЕУ директно се објаснува дека на руските санкционирани банки (Сбербанк, ВТБ, Гаспромбанк, Россељхозбанк и Внешекономбанк, - заб. ур.) им се дозволува да добиваат кредити во ЕУ со рок над 30 дена со една-единствена цел – да им се помогне на нивните компании-ќерки на територијата на Европската Унија. За фирма-ќерка во наведениов случај се смета правно лице регистрирано на територијата на земјите на Европската Унија и која со над 50% припаѓа на банките што се најдоа под санкции.
„Банките-ќерки на Сбербанк на Русија, ВТБ и на некои други банки во странство се мошне крупни финансиски структури со десетици илјади клиенти кои живеат во земјите на ЕУ“, - истакнува Алексеј Абрамов, главен научен соработник на Центарот за анализа на финансискиот систем на РАНХиГС. Според него, „тие работат врз услови на самофинансирање, затоа санкциите се одразуваа негативно, пред сè врз граѓаните на Европската Унија. Пред неколку месеци САД и Европа ги ублажија санкциите во однос на банката-ќерка на Сбербанк во Турција“, објаснува Абрамов.
Во новата резолуција ЕУ ги коригираше и другите формулации. Ако во септемврискиот документ се дозволуваа заеми во корист на три нафтени компании и пет државни банки, под услов цел на кредитот да биде – „да се обезбеди финансирање на незабранет увоз или извоз на стоки и нефинансиски услуги“ меѓу Европската Унија и Русија, тогаш сега е додадено – „или со која било друга држава“. Со други зборови, Европската Унија не сака кредитните ограничувања наложени врз руските компании да ѝ наштетат на нејзината трговија со земји кои не спаѓаат во ЕУ (на пример, со Украина).
„Правната норма за финансирање на незабранет извоз и увоз наликува на заемно поволна зделка. Таа формално го озаконува реекспортот преку трети земји, што ѝ одговара на Европската Унија, за руските компании добиваат право да привлечат финансирање на европскиот пазар“, смета Алексеј Абрамов.
Исто така ЕУ прецизираше дека забраната за пристап до заемно финансирање не важи за транши по кредитни линии потпишани до 12 септември ако сите параметри на таквите транши биле усогласени до тој датум и не биле изменети потоа. Притоа ова се однесува како на санкционираните банки, така и на руските нафтени компании – „Роснефт“, „Гаспром нефт“, „Транснефт“.
Безусловно, прецизирањата во формулациите на ЕУ имаат позитивен карактер, но тие не значат кардинално затоплување во односите со руските банки, ги објаснува постапките на ЕУ Кира Јухтенко, аналитичар на брокерската компанија FBS. „Тие измени и надополнувања пред сè се насочени кон одржување на стабилноста на финансискиот систем на Европската Унија и заштита на интересите на европските граѓани и тешко дека претставуваат чекор за приближување до Русија, смета г-ѓа Јухтенко. - Европа, очигледно е заинтересирана да го намали негативниот ефект од кредитните ограничувања за трговија со земји кои не се членки на ЕУ - во нив спаѓа, на пример, Украина. Притоа, долгорочните проблеми на руските банки предизвикани од санкциите нема да ги решат корекции“, резимира експертот.
Ублажувања во нафтениот сектор
Како што се гледа од објавата во службениот весник на ЕУ, сега забраната за испорака на технологија и финансирање за црпење нафта во рускиот Арктик важи само за акваторијата и не се однесува на наоѓалиштата на копно. Сепак, како што објасни за „Руска реч на македонски“ Михаил Крутихин од консалтинг-компанијата RusEnergy – таквото ублажување тешко дека ќе има некаков ефект. Руските нафтени компании имаат мошне голем број проекти на копно – тоа е, на пример, Харјагинското наоѓалиште, Новопортовското наоѓалиште на „Гаспром нефт“ и Ванкорскиот блок наоѓалишта на „Роснефт“. Меѓутоа, како што објасни Крутихин – во разработката на овие наоѓалишта странските компании не земаат учество. Единствен исклучок се Ванкорските наоѓалишта каде сакаа да се вклучат компании од Кина и Индија, забележува експертот.
Наталија Лебедева, генерален директор на консалтинг компанијата „Миравил Груп“ истакнува дека Русија ги има на располагање сите технологии за црпење нафта на копно и затоа санкциите не се однесуваат на нашите проекти на копно. Г-ѓа Лебедева исто така забележа дека најголем Западен партнер на Русија во Арктикот е ExxonMobil. „Во случај на засилување на притисокот од страна на ЕУ, постои многу голема веројатност дека Русија ќе се обрати за технологии до бразилската компанија Petrobras, како и до компанијата Petromiranda која 60% е во сопственост на венецуелската државна компанија PDVSA. Овие компании се специјализирани за производство на нафта на морски платформи“, додава експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче