Извор: Сергеј Кузнецов / РИА Новости
Падот на курсот на рубљата доведува до намалување на потрошувачката способност на населението, се заклучува од прогнозата на руското Министерство за економски развој. Во последниве два месеци курсот на рубљата во однос на доларот и на еврото падна за околу 50%. Како резултат на тоа, според податоците на министерството, бројот на сиромашни (на оние чиј приход е понизок од минимумот потребен за живот) ќе стане максимален за последниве четири години и ќе достигне 11.7%.
„При ослабување на рубљата многумина се стремат да се заштитат од обесценувањето на валутата, купувајќи скапи производи кои се користат долго, особено доколку за овие скапи производи не постои руска алтернатива, така што врз основа на ова се забележува пораст на потрошувачката активност“, вели Алексеј Козлов, главен аналитичар на UFS IC. Сепак, според него, ова не е долгорочна појава, и ослабувањето на рубљата има цела низа последици, вклучувајќи го порастот на инфлацискиот притисок, намалување на потрошувачкиот пазар, пораст на цената на кредитирањето, што доведува до забавување на темпото на економски раст. Згора на тоа, веќе сега, како што се гледа од анкетите на јавното мислење, жителите на Русија сè повеќе средства трошат на храна и претпочитаат да патуваат низ земјата.
Први последици
„Потрошувачкиот сектор останува под сериозен притисок, нивото на животните потреби се намалува. Потрошувачите ги намалуваат расходите за капитални набавки – станови, коли, а исто така и на стоки и услуги што се незадолжителни“, вели аналитичарот на УК „Финам менаџмент“ Максим Кљагин. Според него, во септември за првпат од кризата во 2008-2009 година, веќе е забележано намалување на платата за 1% годишно. А, според резултатите од првите шест месеци, согласно податоците на Рускиот завод за статистика, динамиката на порастот на цените на мало во целост во Русија од година во година се забавува за еден и пол пат: од 3.9% на 2.7 %. Според резултатите, порастот ќе биде минимален за последниве пет години, започнувајќи од 2009 година, уверен е Кљагин.
Врз база на ова расте одложувањето на кредитите кај населението. Според податоците на Централната банка објавени на 3 декември, на 1 ноември 2014 година процентот на одложување на кредити за повеќе од 90 дена за граѓаните и за нерезидентните физички лица достигнал цифра од 7.9. Сличен показател беше забележан на 1 февруари 2011 година. Како што се вели во официјалното соопштение од овој ресор, порастот на просечната задолженост е поврзан со влошувањето на финансиската состојба на населението, а како најчести причини се наведуваат доцнењето на платата, намалувањето на приходите и губењето работно место. Притоа мнозинството кредити се номинирани во рубли. Според оценката на агенцијата Fitch, на крајот на септември во Русија во девизи биле номинирани 17% од сите дадени кредити од банките, и речиси сите тие кредити се за правни лица.
Расте загриженоста
Без оглед на падот на курсот на рубљата и порастот на незадоволството, населението продолжува да штеди во рубли. Според истражувањето на Серускиот центар за изучување на јавното мислење, девизниот курс го следат две третини од Русите (65%) и повеќе од половината (53%) ја изразуваат својата загриженост поради ослабувањето на рубљата. Сепак, само 7% од Русите в последниве два месеци менувале рубли за девизи. Од друга страна, пак, според податоците од друг статистички институт – „Левада-Центар“ – 80% од учесниците во анкетата забележале дека цените во земјата растат, а животниот стандард опаѓа. Според нив основни причини за падот во економијата е падот на цента на нафтата (45%), санкциите од страна на Запад (35%) и присоединувањето на Крим (30%). Како што се забележува во анализата на компанијата „Ромира“, бројот на испитаници кои штедат и кои се ограничуваат од некои прехранбени производи е пораснат од 8 на 20%. Згора на тоа, секое трето домаќинство е принудено да го прераспредели буџетот во полза на купувањето храна и на она што е неопходно. Според прогнозата на „ВТБ капитал“, делот на расходи во буџетот на Русите може да порасне од 31 на 40%.
Впрочем, според началникот на аналитичкото одделение на „ИК РУСС-ИНВЕСТ“ Дмитриј Беденков, „довербата во националната валута претставува важен дел од инвестицискиот процес, преку што се стабилизира економијата и се доаѓа до нормален циклус во функционирањето и во работата на пазарните механизми“. Всушност, според податоците на Федералната агенција за туризам, количеството домашни туристи во земјата, поради зголемувањето на доларот и поради санкциите, е зголемено за 30%.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче