Извор: Рамиљ Ситдиков / РИА Новости
Русија ја прекина изградбата на гасоводот Јужен тек поради позицијата на Бугарија. Ова го изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на Турција, известува рускиот весник „Комерсант“. „Не можеме да ја започнеме изградбата на дното на морето сè дури нема разрешница со Бугарија. А, не е убаво ни да ја започнеме изградбата во морето, да дојдеме до бугарскиот брег и да прекинеме“, изјави шефот на државата на прес-конференција. Според него, руските енергетски ресурси ќе бидат пренасочени кон други пазари, меѓу другото и со помош на забрзување на реализацијата на проекти за компресирање на природниот гас. Според оценката на Владимир Путин, Бугарија поради прекинувањето на проектот нема да добива 400 милиони евра годишно за транзит. Сепак, загубите на Гаспром се посуштествени: во последниве три години компанијата во проектот вложи 4.66 милијарди американски долари.
Основни причини
Според податоци на оператерот на проектот, компанијата South Stream Transport, европските компании од прекинувањето на изградбата на гасоводот губат не помалку од 2.5 милијарди евра. А, загубите на јапонските компании, кои учествуваа во реализацијата на проектот, ќе изнесуваат 320 милиони евра: овој износ се однесува на нарачката за испорака на цевки од јапонскиот конзорциум Marubeni-Itochu и Sumitomo.
„Моменталното запирање на проектот не предизвикува чудење, со оглед на тоа дека бугарската страна одамна зборуваше за забрана за поставување на цевките на својата територија. Ние никако не можевме да ја помрднеме позицијата на бугарските партнери“, вели доцентот на катедрата за државно регулирање на економијата при Руската академија за народно стопанство и државна администрација Иван Капитонов. Така, во август годинава Министерството за економија и енергетика на Бугарија ја запре реализацијата на проектот, зашто тој не е во согласност со нормите на Третиот енергетски пакет на ЕУ. Според овие правила, сопственик на гасовод на територијата на ЕУ не може да биде компанија која врши експлоатација на гас.
Освен тоа, според Иван Капитонов, во октомври 2014 година беше објавено поскапувањето на проектот, што исто така не можеше, а да не влијае врз донесувањето на оваа одлука. Цената на морскиот дел на Јужен тек порасна од 10 на 14 милијарди евра, додека копнениот дел на територијата на Европа се покачи од 6.6 на 9.5 милијарди евра. Крајната сума на проектот може да се спореди со целата EBITDA на Гаспром за 2013 година, која изнесува 55 милијарди американски долари.
Како резултат на тоа објавувањето на запирањето на Јужен тек акциите на Гаспром нагло се покачија за 1.1%. „Инвеститорите позитивно го оценија вчерашното откажување на концернот од продолжување на проектот Јужен тек“, вели директорот на одделот за аналитика на „Алфа-Форекс“ Андреј Диргин.
Вклучување на Турција
Подоцна првиот човек на „Гаспром“ Алексеј Милер изјави дека неговата компанија ќе го преориентира гасоводот од Бугарија во Турција. Според него, обемот на гасоводот 63 милијарди кубни метри гас годишно, од кои 14 милијарди се резервирани само за Турција, додека останатиот гас ќе се транспортира од границата на Турција во Грција, односно во Европската Унија. „Во таков случај Русија ќе го оствари планираниот (во Јужен тек) ефект: диверзификација на испораката и заобиколувањето на несигурните транзитери“, забележува Иван Капитонов. Според него, за европските земји изборот на маршрутата преку Турција може да биде неочекуван, со оглед на тоа дека во Европската Унија не претпоставуваа дека ќе бидат најдени компромисни решенија за еден ваков проект – особено поставувањето цевки на територијата на земја која не е во ниту еден блок. Впрочем, во ваков случај Русија станува зависна од Турција како земја-транзитер, но тоа е принуден компромис, вели Капитонов.
Впрочем, според водечкиот експерт на УК „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов, Јужен тек може да биде реанимиран во првичниот вид, доколку се измени позицијата на Европската Унија. „Сите актуелни договори за испорака на гас во ЕУ Русија строго ќе ги почитува“, вели тој. Според Дмитриј Баранов, Русија не се откажува од диверзификацијата на испораката на гас и е подготвена да го испорачува практично на која било држава, зашто има доволно резерви. „Источниот и западниот правец на испорака на гасот ќе остане, а имајќи предвид дека за рускиот гас е заинтересирана Индија, во следниве години може да се појави и јужен правец во испораката на рускиот гас“, вели Баранов. На крајот, како што изјави заменикот на претседателот на Европската комисија за енергетика Марош Шефчович, Европската Унија сè уште ја нема откажано средбата на државите-учеснички на проектот Јужен тек на 9 декември, без оглед на изјавата на Русија за прекинување на проектот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче