Цента на нафтата се заканува на руската економија

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Економијата на Русија може да падне во 2015 година доколку нафтата падне на 60 американски долари за барел, изјави министерот за финансии Антон Силуанов. Впрочем, според прогнозите на Меѓународната агенција за енергетика, светската побарувачка за нафта продолжува да расте, што, најверојатно, во долгорочна перспектива ќе доведе до пораст на цените на енергетските ресурси.

Економијата на Русија може да падне во 2015 година доколку нафтата падне на 60 американски долари за барел. Ова го изјавил министерот за финансии Антон Силуанов, објавува агенцијата Bloomberg. Сепак, според него, доколку цената на нафтата не се одржи на тековното ниво од 80 американски долари за барел и доколку се задржат постојните санкции, растот на БДП на Русија нема да надмине 1%. „Доколку цената на нафтата биде 60 американски долари за барел, тогаш ќе треба да имаме построг пристап кон буџетот“, изјавува тој. Претходно, на 18 ноември, Центарот за развој на Националниот истражувачкиот универзитет Виша школа за економија, една од водечките руски високообразовни институции, ја претстави својата анализа од која што може да се види дека доколку цената на нафтата остане на нивото од дури 85 американски долари за барел во првиот квартал од 2015 година, руската економија може да влезе во рецесија. 

Основни причини  

Динамичен развој на светската економија е можен само доколку субјектите на оваа економија нормално и постепено прогресираат. Во моментот кога цената на нафтата паѓа под нивото од 80 американски долари за барел, голем број земји кои вршат експлоатација и извоз на нафта, започнуваат да балансираат на работ на рецесија.

Алексеј Козлов

главниот аналитичар на UFS IC

„Главната закана за паѓањето на цената на нафтата пред сè се огледа во падот на извозот. Ваквата ситуација се заканува со намалување на приходите во буџетот, и, како резултат на тоа, ќе дојде до неопходност од намалување на трошоците, или до дефицит во буџетот. Обете варијанти се негативни како за населението, така и за бизнисот“, вели доцентот на факултетот за финансии и за банкарско работење на Руската академија за народно стопанство и државна администрација Сергеј Хестанов. На тој начин рускиот буџет кој се формира според цената на нафтата на ниво од 96 американски долари за барел нафта Brent, во случај на дефицит ќе се пополнува од Резервниот фонд. Според Хестанов, за светската економија главната закана се крие во дефицитот на буџетите на земјите извознички на нафта, што од своја страна ќе има свое влијание врз намалувањето на социјалната стабилност во овие земји. 

Претходно, пак, претседателот на Русија Владимир Путин изјави дека долгорочното намалување на цената на нафтата на ниво од 89 американски долари за барел ѝ нанесува штета на светската економија. „Во својата изјава шефот на државата зборуваше за тоа дека светската економија ја очекува крах доколку цената на нафтата во долгорочна перспектива останат пониски од 80 американски долари за барел“, вели Антон Сороко, аналитичар на инвестицискиот холдинг „Финам“. Според него колку се пониски цените на црното злато, толку повеќе извозници ќе се откажуваат од инвестиции во тешкодостапните резерви, со што ќе доведе до загуби и како резултат на тоа и до намалување на испораките. „Динамичен развој на светската економија е можен само доколку субјектите на оваа економија нормално и постепено прогресираат. Во моментот кога цената на нафтата паѓа под нивото од 80 американски долари за барел, голем број земји кои вршат експлоатација и извоз на нафта, започнуваат да балансираат на работ на рецесија“, додава главниот аналитичар на UFS IC Алексеј Козлов. 

Какви се перспективите

Рубљата тргнува во „слободно пливање“
Руската Централна банка премина на слободен курс на руската национална валута. Фактичкото откажување на Банката на Русија од регулирање на поддршката на рубљата доведе до нагло паѓање на курсот. Сепак, според мислењето на експертите, во иднина оваа одлука ќе помогне рускиот финансиски систем да стане поцврст, а рубљата да биде слободна конвертибилна валута.

Според прогнозата на Меѓународната агенција за енергетика објавена на 13 ноември 2014 година, светската потрошувачка на енергенси до 2040 година ќе се зголеми за 37%, при што на нафтата за 16% а на природниот гас за 40%. Во врска со тоа фундаментални причини за намалување на цената на нафтата во агенцијата не гледаат. Според основното сценарио разработено од страна на агенцијата, побарувачката на нафта може да се зголеми од 90 милиони барели во 2013 година на 104 милиони барели дневно во 2040 година. Во тој случај, според податоците на агенцијата, во 2025 година цената на нафтата ќе се зголеми на 118 американски долари за барел во реален израз, а во 2040 година на 132 американски долари за барел. Всушност, доколку биде зачувана сегашната структура на побарувачка, порастот може да биде и многу поголем – до 155 американски долари за барел, велат од Меѓународната агенција за енергетика. „Долгорочните прогнози даваат позитивни резултати во услови кога технологијата се развива бавно. Сега, напротив, брзината на развојот на технологијата е многу висока. Имено затоа потребно е да бидеме мошне внимателни со која и да е долгорочна прогноза од сферата на енергетиката“, скептичен е Сергеј Хестанов. Според Антон Сороко, во долгорочна перспектива нафтата како и претходно останува најдостапен и најзгоден извор на енергија. „Секако, сега се развиваат различни програми за истиснување на црното злато од својот трон, но засега тие не само што се далечни од масовниот потрошувач, туку и од комерцијалната разработка. На тој начин, во услови на доминација на нафтата на пазарот на енергетски ресурси, побарувачката на нафта ќе продолжи да расте“, вели експертот. 

Од јуни 2014 година на фонот на порастот на експлоатација во САД нафтата Brent поевтини за 30%. На 18 ноември нафтата од марката Brent чинеше 79 американски долари за барел. Влијание на цената на нафтата може да има заседанието на ОПЕК, кое треба да се одржи на 27 ноември во Виена. Претходно министерот за надворешни работи на Венецуела Рафаел Рамирез и министерот за енергетика на Русија Александар Новак имаа средба во Каракас, на која, според податоците на Bloomberg, станало збор за можните мерки за стабилизирање на цената на нафтата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.