Ќе се збогува ли Македонија со рускиот пазар?

Македонската страна има една недела да ги предаде сите потребни документи, со кои ќе се отфрли сомнежот за веродостојноста на фитосанитарните сертификати. Извор: Fotoimedia.

Македонската страна има една недела да ги предаде сите потребни документи, со кои ќе се отфрли сомнежот за веродостојноста на фитосанитарните сертификати. Извор: Fotoimedia.

Вчера македонските медиуми беа преплавена со веста дека е можно наскоро Руската Федерација да воведе ембарго и за македонските производи. „Руска реч на македонски“ се обиде да дознае за што всушност станува збор и во која мера оваа информација е вистинита.

Откако Македонија оптимистички почна да го зазема местото на рускиот пазар кое беше испразнето со ембаргото што Руската Федерација го воведе за прехранбените производи од ЕУ, а како одговор на воведените санкции, вчера главна економска вест во македонските медиуми стана информацијата дека Москва може да воведе ембарго и за увоз на прехранбени производи од Република Македонија. 

Повод за ваквата информација стана состанокот што вчера во Москва се одржа помеѓу заменик-раководителот на Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор Алексеј Иванович Саурин со вршителот на должност амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација Јане Богоевски. На средбата Саурин ја изразил својата загриженост од наглиот пораст на производи од Македонија во Русија. Основа за ваквите сомнежи претставува веродостојноста на фитосанитарните сертификати.

Статистиката покажува дека во периодот од јануари до јуни годинава извозот од Македонија кон Русија изнесува над 14.1 милиони евра, а вкупниот извоз за периодот јули/август година изнесува 12.2 милиони евра.

Македонската страна е изненадена од ваквиот чекор на Москва. Извор од македонската бизнис-заедница, кој побара да остане анонимен, за „Руска реч на македонски“ изјавува дека македонските власти не добиле претходно никакво барање за приложување дополнителни докази, иако во соопштението на Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор се вели дека од нивна страна тоа било побарано. Нашиот извор вели дека тие се изненадени од ваквиот потег на руските официјални служби и дека започнуваат процедура за итно разрешување на настанатата ситуација.

Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор побара од македонската државна служба за карантин и за заштита на растенија во текот на една недела да ги достави материјалите за системот на проверка на извозни карантински товари, како и извештај за оригиналноста на низа фитосанитарни сертификати. 

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека се запознаени со содржината на средбата и дека ја следат ситуацијата, иако засега не можат да дадат какви било детални информации за она што точно се зборувало на средбата помеѓу заменик-раководителот на Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор Алексеј Иванович Саурин со вршителот на должност амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација Јане Богоевски. Од македонската амбасада во Москва не беа достапни за подетални информации. 

Со што ги замени Русија забранетите производи?
Како замена на доставувачите на прехранбени производи кои влегоа во рускиот список на санкции, дојдоа компании од Србија, Грузија, Ерменија и од земјите на Латинска Америка, иако некои видови производи, вклучувајќи ги аспарагусот, крушите и сирењата, засега не можат да се заменат. Притоа најголема штета од руските санкции имаат Полска, Литванија и Финска.

Македонските официјални лица немаат никакви сознанија за можниот реизвоз на стоки од европските земји преку Македонија. Извршниот директор на Македонско-руската комора Дејан Бешлиев за „Руска реч на македонски“ ја објаснува ситуацијата. „Ние имаме нула информации во врска со оваа ситуација, ниту, пак, би можеле да имаме сознанија, зашто се работи за односи на компании со компании. Ние не издаваме ниту документи, ниту сертификати. Тоа е во надлежност на Царината и на Министерството за транспорт и врски. Вакво нешто не можевме да предвидиме и, искрено, изненаден сум од информацијата што ја добивме“, вели Бешлиев. 

„Руска реч на македонски“ побара и мислење од македонските аналитичари кои се добро запознаени со економските односи помеѓу Русија и Македонија. Анета Додевска, новинар и економски аналитичар ја сумира ситуацијата: „Сведоци сме дека Русија во изминатиот период целосно ја промени својата трговска стратегија, односно не само што ги спушти рампите за европската храна, туку објави и трговска војна и на земјите кои чекорат на патот кон ЕУ со јасна демонстрација дека ги подржуваат европските политики. Тука е Црна Гора, на пример. Одредени извозни рестрикции има и за Албанија, која веќе е членка на НАТО. Според мене, потегот на официјална Москва дека може да воведе трговска бариера за Македонија, која како мала земја не може да ги задоволи ниту сегашните легални побарувања на рускиот пазар, има повеќе политичка порака. Македонија е под сомнение дека преку неа се вршел реекспорт на европска храна, очекувам дека руските власти ќе дадат повеќе детали за овие тврдења. Бројките на нашите бизнисмени покажуваат дека драматичен пораст на извозот кон Русија нема. Сега треба да ги почекаме наодите“, вели Додевска. 

Во слична ситуација пред извесно време се најде и Србија. Во септември српскиот весник „Новости“ излезе со информација дека хрватскиот извоз во Србија за првите пет месеци од годинава се зголемил за дури 40 проценти. Според српскиот весник ова се должи на желбата на Хрватска да извезува во Руската Федерација, иако таа, како член ја Европската Унија, потпаѓа под ембаргото што го воведе Москва. Русија денес забрани и увоз на месо од Црна Гора, откако руските служби во повеќе наврати откриле дека преку Црна Гора во Русија влегуваат европски производи. 

Бешлиев, пак, смета дека станува збор за некакво недоразбирање или, пак, за опомена со цел тоа не се случи. „Упатуваме апел до македонските компании да се придржуваат до пропишаните норми и да не прават никакви отстапки. Фала Богу, успеавме да дојдеме до зголемување на извозот во Руската Федерација, така што е апсолутно непотребно да ја ризикуваме оваа шанса“, вели тој за „Руска реч на македонски“. 

Од Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор, пак, велат дека македонските официјални лица имаат една недела да ги предадат бараните документи. Доколку информацијата што ќе ја добијат е нецелосна или неадекватна не е исклучена можноста за воведување на рестриктивни мерки во однос на испораката на прехранбени производи од Македонија на рускиот пазар.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња