Извор: Ројтерс
Руската Централна банка премина на слободен курс на руската национална валута – рубљата. Согласно новата стратегија, Банката на Русија нема да врши големи валутни интервенции, односно да продава долари на рускиот пазар. Максималниот обем на продажба на Централната банка ќе изнесува 350 милиони американски долари на ден, што, според аналитичарите, не може да влијае врз девизниот курс. Претходно регулаторите спроведуваа интервенции, сè дури курсот на рубљата не се стабилизираше. За споредба, во октомври 2014 година Централната банка потроши околу 29.3 милијарди американски долари за поддршка на рубљата, а во текот на последните девет дена од крајот на октомври продаваше повеќе од 2 милијарди американски долари дневно. Како што објаснуваат во службата за односи со јавноста на Централната банка, откажувањето од неограничените валутни интервенции ќе претставува пречка за шпекулативна „игра“ против рубљата. Сепак на крајот одлуката доведе до нагло менување на курсот: за време на тргувањето на 8 ноември рубљата истовремено падна за околу 10% во однос на доларот, а потоа порасна и го надмина намалувањето.
Нова стратегија
„Одлуката на Централната банка е во делот стратегии на премин кон инфлациското таргетирање, чиј дел е слободниот курс на националната валута“, објаснува началникот на аналитичкиот оддел на „ИК РУСС-ИНВЕСТ“ Дмитриј Беденков. Во исто време, според него, Централната банка остава можност за интервенција над зајавените 350 милиони американски долари, доколку почувствува закана за стабилноста. Воведувањето дневен лимит за интервенција во границите на девизните коридори треба да го намали притисокот врз резервите на злато, додава Беденков.
Намалувањето на курсот на рубљата што следуваше потоа во Централната банка го објаснуваат со фундаменталните фактори: намалување на цените на нафтата и ограничениот пристап кон надворешните пазари на капитал. Според ресорните податоци, процесот на адаптација на девизниот пазар на новиот механизам на курсната политика ќе трае уште извесен период, за чие време можат да се забележат движења на курсот во разни правци. Освен тоа, доларот на фонот на растот на американската економија се зацврстува на рекордно ниво во однос на другите девизи. Имено, англиската фунта падна на годишниот минимум, еврото до минималната граница за две години, а јапонскиот јен го достигна најниското ниво за седум години.
Можни последици
„Првите резултати на 'новата стратегија' се едноставни: рубљата ќе го обнови својот минимум, со оглед на тоа дека интервенциите на Централната банка во последните неколку недели во голема мера успеаја да го потиснат поривот на продавачите“, вели Антон Сороко, аналитичар на инвестицискиот холдинг „ФИНАМ“.Како и да е на таков начин, според него, рубљата постепено ќе го пробива патот кон страната на слободна конвертибилна валута, што значи можност за нејзина замена за која било друга, без конвертирање во резервни валути. „На пример, во моментов за да се смени рубља во швајцарски франк или во мексикански пезос, домашната валута најпрво ќе треба да биде конвертирана во американски долар според курсот на Централната банка, па дури потоа доларот ќе биде заменет во пезос“, објаснува Сороко. Како резултат на тоа, според податоците што тој ги поседува, при замената се одвива дополнителна трансакција, која ги зголемува трошоците на економскиот агент и ја зголемува влијателноста на клучната резервна валута.
Според Антон Сороко, за економијата преминот кон слободен курс на рубљата во долгорочна перспектива е позитивен, но краткорочните очекување не се толку весели. „Во прв ред, слободното конвертирање значи дека Централната банка ќе престане да влијае врз оформувањето на цената на руската валута, што на крајот ќе доведе до пораст на волатилноста“, вели тој. Според него, ќе биде сложено да се прогнозираат валутните ризици во краткорочна перспектива,а тоа негативно ќе влијае врз компаниите кои активно работат со странските партнери. За обичните граѓани тоа ќе значи ризик од паѓање на рубљата, што негативно ќе влијае врз куповната моќ на населението, со оглед на тоа што мошне често производите се купуваат според девизи, смета Антон Сороко. Впрочем, во Централната банка изјавуваат дека во случај на нагло и долготрајно паѓање на курсот на рубљата, регулаторот може да се врати на продажба на долари на пазарот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче