Испорака на гас заснована на доверба

Извор: AFP / East News

Извор: AFP / East News

Русија ќе ја рестартира испораката на гас за Украина веднаш штом Киев ќе ја исплати првата транша од долгот. ЕУ потврдува дека Киев има пари, а притоа ветува и дека ќе биде создаден специјален фонд за помош на исплата на останатиот долг. Сепак, никаков писмен доказ за ова не постои.

Тристраната спогодба, што беше потпишана ноќта помеѓу 30 и 31 октомври во Брисел, предвидува дека до крајот на годината цената на гасот за Киев ќе изнесува 378 американски долари за илјада кубни метри гас, а назима и на почетокот на пролетта 2015 година таа ќе изнесува 365 американски долари. Од своја страна Украина според оваа спогодба треба до крајот на годината да исплати 3.1 милијарда од 5.3 милијарди американски долари долг, а исто така да откупи од Гаспром дополнително количество за назима според принципот на претплата. 

Украина ќе ја исплати првата транша од долгот за гас кон Русија во првата декада на ноември, изјави во интервју за телевизискиот канал Росија 24 првиот човек на Гаспром Алексеј Милер. Првата транша треба да изнесува 1.45 милијарди американски долари. Уште 1.65 милијарди долари Киев ќе исплати до крајот на 2014 година. 

Првиот човек на Гаспром исто така забележа дека рокот за исплата на останатиот дел од долгот на Украина е пропишан во „зимскиот“ пакет, а одлука во врска со ова прашање ќе донесе Стокхолмскиот суд. Русија повеќе нема да ја кредитира испораката и нема да преземе врз себе дополнителни обврски за финансиска помош на Украина. 

„Сите финансиски прашања што постојат кај украинската страна, таа ќе треба да ги решава со меѓународната заедница, како и на комерцијална основа со комерцијалните банки“, изјави тој.

Еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер по постигнатиот договор изјави дека за да се исплати долгот на Украина за гасот ќе биде искористена помош од ММФ и ЕУ и дека ќе биде создаден специјален фонд од 3.1 милијарда долари. 

Тој, исто така, изјави дека Киев е способен да плати и да добие минимум 4 милијарди кубни метри гас. 

Притоа двостраниот протокол за финансиски гаранции меѓу Украина и ЕУ сепак не беше потпишан. 

Првиот човек на Министерството за енергетика Александар Новак изјави дека руската страна „нема видено“ документи со кои се потврдува дека Киев има средства за исплата на 4 милијарди американски долари, но дека им верува на своите партнери. 

Кои се негативните страни на отсуството на гаранции?

Платон Магута, инвестициски менаџер на УК „Фонд Магута“: 

„Мислам дека принципиелно отсуството на потпис за финансиски гаранции од страна на ЕУ за испорака на гасот за Украина ништо не менува. Доколку ЕУ ги наруши постигнатите усни договори со Москва, тогаш таа ќе се здобие со сериозни репутациски загуби. Затоа се сомневам дека за гаранции од 2-3 милијарди американски долари Европа ќе се изложи на нешто такво, особено по цела една низа настани, кои во голема мера ја намалија довербата на инвеститорите за европската економија (меѓу другото и во врска со санкциите против Русија)“. 

Григориј Бирк, содиректор на одделот за аналитика на „Инветскафе“ 

„Украина и Европската Унија се усогласија во врска со изворот на финансирање за гаснење на долгот на земјата во износ од 3.1 милијарда американски долари, а исто така и за купување 4 милијарди кубни метри газ по нова цена со претплата во ноември и во декември годинава. За тоа на земјата ќе ѝ бидат потребни 1.5 милијарди американски долари. Исто така треба да се забележи дека Европската комисија не го гарантираше плаќањето на идните испораки на гас од страна на Киев, но сепак ќе помогне во добивањето програми за финансиска помош од ММФ и од Европската Унија, кои ќе бидат искористени имено за исплаќање на испораките на гас. Во секој случај, отсуството на гаранции не е проблем за Гаспром во услови кога Европската комисија јасно презеде одговорност за исполнување на обврските за исплата на рускиот газ од страна на Украина. Важно е тоа што Гаспром покажа подготвеност за отстапки и за водење конструктивен дијалог за едно толку важно прашање поврзано со гасот“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња