Извор: Сергеј Кузнецов / РИА Новости
Последнава година Московската берза успеа да ја стабилизира својата работа и да спроведе цела низа реформи насочени кон привлекување долгорочни инвестиции. Ова на Сочинскиот инвестициски форум го обелодени директорот за развој на примарниот пазар и за поддршка на клиентите при Московската берза Ана Василенко. Според неа, во последниве три години биле спроведени сериозни реформи на берзата, а како резултат на тоа тргувањето со руските хартии од вредност во Москва во споредба со Лондон пораснало за 10 до 15 проценти, односно на 60%.
„За половина година индексот на ММВБ падна за 3%, а на РТС за 6%, при тоа што надворешнополитичките ризици се доста високи, а со голем дел од акциите на руските компании управуваат нерезидентни клиенти“, изјави Ана Василенко. Според неа „крупните инвеститори добиле погодности и квалитетна инфраструктура“. Освен тоа, во блиска иднина Московската берза планира да добива и средства од руски инвеститори – приватни лица преку новиот механизам за индивидуални инвестициски сметки.
Нов инструмент
Од 1 јануари 2015 година во Русија ќе започне да функционира механизмот за индивидуални инвестициски сметки (ИИС). За разлика од обичната брокерска сметка, ваквата сметка им овозможува на плаќачите на даноци да добијат неколку погодности. Инвеститорот може да избере еден од двата типа за враќање на данокот. Во првиот случај тој треба да купи и да поседува хартии од вредност во период не помал од три години, по што се компензираат неговите даночни трошоци. Во вториот случај тој може на инвестициските сметки да врши неограничено количество зделки, а целиот приход од операциите ќе биде ослободен од плаќање данок. „Денес многу луѓе бараат алтернатива за депозитите и за недвижностите, така што ваквите сметки се одлична алтернатива“, смета раководителот на одделот за проектна аналитика на инвестицискиот холдинг „ФИНАМ“ Генадиј Кузнецов. Според него, на ваков начин, инвестициите на берзата ќе станат долгорочни: пред изминувањето на трите години ќе биде невозможно да се изврши поврат на данокот.
Индивидуалните сметки се однесуваат на сите категории инвеститори, уверуваат во службата за односи со јавност на Московската берза. Ваквите сметки можат да ги користат и странци, кои во Русија живеат повеќе од 180 дена годишно. Според оценките на „ФИНАМ“, првиот бран побарувачка за инвестициските сметки ќе го формираат оние луѓе кои одамна имаат фрлено око на пазарот на хартии од вредност, а кои од некакви причини досега не се решавале да отворат сметка. Во компанијата сметаат дека ваквиот вид „околупазарна“ публика е голема и дека таа изнесува од 1.5 до 2.5 милиони лица. Притоа, сопствениците на депозити ќе му се приклучат на овој бран по две-три години. „На почетокот бројот на лица кои ги користат индивидуалните инвестициски сметки нема да биде голем, но по неколку години инвестициските сметки ќе ги користи 5-10% од населението“, сметаат во „ФИНАМ“.
Долгорочни планови
Со помош на новиот механизам на руската берза се планира да се привлечат нови купувачи на хартии од вредност: во услови на политичка нестабилност конзервативните инвеститори, според експертите, започнаа со купување странски активи. „Во моментов нашите клиенти купуваат меѓународни активи: фактички овие пари не одат во полза на руската економија. На целиот пазар се собираат околу една милијарда рубли (25.5 милиони американски долари) месечно и само дел од овие средства се вложуваат во меѓународни инструменти“, вели Јуриј Белоношченко, генерален директор на компанијата „Уралсиб“. Според него, за поддршка на нивото на живот некои инвеститори едноставно ја трошат својата заштеда. Во ваква ситуација инвестициските сметки претставуваат добра алтернатива за странските инвестиции, смета Белоношченко. „Ние можеме да создадеме берза за сметка на внатрешните инвеститори, доколку целиот систем биде изграден правилно“, додава тој.
Според претседателот на советот на Националната асоцијација на недржавни пензиски фондови Константин Угрјумов, руските активи веќе ги привлекоа шпекулативните инвеститори, но за стабилност на пазарот потребен е конзервативниот руски инвеститор. „Инвестициските сметки претставуваат алтернативен банкарски депозит, и се очекува дека на ваков начин на берзата ќе се слеат до 1 трилион рубли (15.5 милијарди американски долари)“, вели тој. Според Јуриј Белоношченко, прашањето се состои во тоа колку е подготвен рускиот инвеститор да вложи во пазарот на акции. Не се исклучува дека пазарот ќе остане депозитно-облигациски, со внимание забележува експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче