Цената на нафтата му се заканува на буџетот на Русија

Извор: AFP / East News

Извор: AFP / East News

Паѓањето на цената на нафтата му се заканува на рускиот федерален буџет: цената на нафтата на марката Брент падна на 92.2 американски долари за барел. Притоа рускиот буџет е балансиран, доколку цените на нафтата се вратат на нивото од 96 американски долари. Според мислењето на експертите, намалувањето на цените на нафтата придонесува за немирите во Хонг Конг, за зацврстување на доларот, а исто така и за наглото зголемување на производството во земјите на ОПЕК и САД.

Рекордниот пад на цената на нафтата му се заканува на рускиот федерален буџет: за време на тргувањето од 2 октомври цената на нафтата од марката Брент падна на 92.2 американски долари за барел што претставува најголем пад од времето на кризата во 2008 година, кога нафтата поевтини за 38,4 американски долари за барел. Од средината на јуни 2014 година, цената на Брент се намали за 19.9%. 

„Суфицитот на нафтата на пазарот кој се забележува поради растечкото производство во САД и слабиот пораст на побарувачката ги намалува цените годинава, што не може да не предизвика вознемиреност во Русија“, вели Иван Капитонов, заменик на шефот на катедрата за државно регулирање на економијата при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Во исто време, според него, понатамошното намалување на цените не ѝ одговара ниту на Америка, како основен потрошувач, ниту на производителите на производи во САД, со оглед на тоа дека во таков случај проектите за производство на нафта од шкрилци ќе стане нерентабилно. 

Москва и Техеран ќе си помагаат
Министрите за надворешни работи дискутираа за економијата, санкциите и за Блискиот Исток.

Згора на тоа, ниската цена на нафтата дозволува да се зајакне позицијата на конкурентите на Америка – Кина и Европската Унија, смета Капитонов. Според прогнозата на Управата за енергетски информации, во 2015 година производството на нафта во САД ќе порасне за 14% - од 8.53 милиони барели дневно во 2014 година на 9.53 милиони барели во 2015 година. Освен тоа, во септември 2014 година земјите на ОПЕК го добија максимумот за речиси две години – 30.96 милиони барели дневно. 

Негативно влијание 

Намалувањето на цената на нафтата ќе влијае негативно на избалансираниот руски федерален буџет, со оглед на тоа дека неговата приходна страна е поврзана со цената на нафтата. Според изјавата на Министерството за финансии, буџетот ќе биде балансиран во случај цената на нафтата да се врати на нивото од 96 американски долари по барел за марката Брент. „Со голем степен на увереност може да се зборува дека средната цена на нафтата во 2014 година ќе овозможи буџетот на Русија да остане без дефицит. Освен тоа ние не предвидуваме намалување на цената на црното злато годинава под минималната цена, која беше забележана на 2 септември“, вели аналитичарот на UFS IC Алексеј Козлов. Сепак, според алтернативната анализа на Citigroup, за балансиран буџет во 2014 година на Русија ѝ е потребна нафта по 105 американски долари, на Иран по 130 американски долари, а на Саудиска Арабија и на Катар по 89, односно 71 американски долари. 

Како што забележува Алексеј Козлов, на пазарот влијае високата веројатност за постигнување на договорот на „шестката“ и на Техеран за иранската нуклеарна програма. „Не треба да се исклучи факторот за манипулирање со цените на нафта, на вештачкото покачување на понудата со цел да се изврши влијание врз Русија“, претпоставува тој. Впрочем, според мислењето на Иван Капитонов, за ова потенцијалните противници во Русија би требало да се договорат со сите земји-членки на ОПЕК. Освен тоа, членовите на оваа организација, кои се стравуваат од понатамошното намалување на цените, веќе почнаа да го намалуваат производството. 

Во потрага по решение 

Зошто на Русија ѝ е потребна иранската нафта?
Русија и Иран потпишаа меморандум за заемно разбирање на рок од 5 години, со кој се предвидува нагла активизација на економската соработка. Овој документ ги положува темелите за комплексна соработка во трговско-нафтената сфера помеѓу двете земји во вредност од повеќе милијарди. Сепак, не само руските компании се активни во иранскиот правец – тука се и конкурентите од другите земји, меѓу кои и од западните.

Во моментов, како што забележува Иван Капитонов, во структурата на производството на нафта од земјите на ОПЕК се случуваат важни промени, кои ја потврдуваат негативната ситуација во постојното ниво на цените. Всушност, Саудиска Арабија го намали обемот на производство и планира да ја врати цената на границата од 100 американски долари за барел. „При понатамошно намалување, помалку од 90 американски долари за барел, членките на ОПЕК можат да се изјаснат за намалување на квотите“, вели Иван Капитонов. Според него, следното заседание на ОПЕК ќе се одржи на 27 ноември во Виена, но доколку продолжат негативните тенденции на пазарот можно е и организирање вонредно заседание. 

Според аналитичарот на инвестицискиот холдинг ФИНАМ Антон Сороко, против цената на нафтата исто така е и глобалниот тренд за зацврстување на американската валута. Федералниот резервен систем на САД ја затвора програмата за количинско олеснување, а во 2015 година е планирано да се зголемат стапките, а Европската  централна банка засега само објави дека ќе започне програма за олеснување.  „Намалувањето на цената се забележува и кај златото, среброто и кај другите обоени метали за сметка на глобалниот пораст на индексот на доларот – вредноста на американската валута се наоѓа на максимално ниво од 2010 година“, вели Сороко. 

Според главниот аналитичар на UFS IC Алексеј Козлов, немирите во Хонг Конг, кои можат негативно да влијаат на динамиката на порастот на економијата на Кина, најголемиот потрошувач на нафта во Евроазија, вршат голем притисок врз цената на нафтата. Инвеститорите, прогнозирајќи го намалувањето на побарувачката на нафта од страна на втората светска економија, уште отсега го пресметуваат во цената на своите очекувања, смета тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.