Извор: Алексеј Дружинин / РИА Новости
Говорејќи на 2 октомври во Москва на инвестицискиот форум Russia Calling, организиран од компанијата VTB Capital, претседателот на Русија Владимир Путин ги наброја основните насоки за развој на руската економија. „Ние се држиме до принципите на СТО, за разлика од некои татковци-основачи на оваа организација, и ќе се стремиме Русија да се развива како отворена пазарна економија, ќе ги решаваме последователно задачите што стојат пред Русија. Надворешните ограничувања само ја зацврстуваат нашата решеност“, изјави рускиот претседател.
Според неговите зборови, во основата на активностите на државата лежи балансирана буџетска политика, и настаните од оваа година само го убедија раководството на земјата во исправноста на курс што го одбра. На пример, Русија ќе ја зачува верноста кон буџетското правило, според кое дел од своите приходи од продажбата на нафтата оди во специјални фондови: Резервниот фонд и Фондот за национална благосостојба. Вкупниот обем на средствата во овие фондови веќе надмина 9% од БДП-то на земјата.
Основни насоки
Нам ни е потребно радикално да го подобриме квалитетот на управување, како и да ги натераме приватните компании да бидат конкурентни. Засега тоа е невозможно да се направи: кај нас половина економија е монополизирана.
Герман Греф
шеф на Сбербанк
Притоа Владимир Путин првпат призна дека инфлацијата во Русија ги помина границите на планираниот коридор и достигна 7,6%, во прв ред поради растот на цените на прехранбените производи. Овој раст беше предизвикан од забраната за увоз во Русија на производи од земји во врска со кризата во Украина. Сепак, како што спомена рускиот претседател, монетарната инфлација остана на ниво од 5%. „Ние не почнавме да ја зголемуваме даночната оптовареност и не планираме да воведуваме ограничувања за движењето на капиталот. Фундаменталните фактори кои ја обезбедуваат стабилноста на руската економија се бездефицитниот буџет, платежниот биланс, како и преминувањето на Банката на Русија на флуктуирачки курс на рубљата“, изјави Владимир Путин.
Според зборовите на шефот на државата, во најскоро време Русија планира да ги продлабочи односите со земјите од Латинска Америка, учесници во БРИКС, и токму во рамките на оваа насока на работите во 2014 година беше потпишан рекорден договор за испорака на гас во Кина. Создавањето на инфраструктура за овој проект ќе стане една од најважните изградби во светот, смета Владимир Путин.
Во работењето со клучните партнери руските компании планираат да преминат на пресметка во национални валути. На пример, „Гаспромнефт“ ја реализира првата испорака на нафта во Кина за рубли. Како што изјави Владимир Путин, Русија ќе го стимулира создавањето на регионални интегративни организации, меѓутоа ќе продолжи со работата во рамките на СТО и со соработката со најголемиот трговски партнер – Европската Унија.
Отсуство на граници
Како што изјави на форумот првиот човек на Централната банка Елвира Набиулина, забавувањето на економијата во Русија има во прв ред структурален карактер, а високите инфлациски очекувања доведуваат до раст на каматните стапки. Затоа како една од основните задачи за во иднина Централната банка го смета таргетирањето на инфлацијата и намалувањето на растот на цените. Според оценката на Набиулина, во 2014 година инфлацијата во Русија ќе изнесува околу 8%, меѓутоа во текот на следниве години се планира да се намали на 4%.
Високата инфлација не е единствениот проблем за руската економија. „Од една страна геополитичките ризици влијаеја на очекувањата на инвеститорите, од друга страна почнаа да паѓаат цените на нафтата. Ако во првото полугодие на 2014 година цената на нафтата од марката Brent беше 101 долар за барел, таа сега веќе практично се доближи до индексот од 91 долар“, изјави на форумот министерот за финансии на Русија Антон Силуанов. Во таква ситуација, според неговите зборови, државата одлучи да не го зголемува обемот на расходите и да не ја стимулира вештачки економијата, бидејќи во спротивен тоа би довело до пораст на инфлацијата. „Ние исто така не почнавме да ги зголемуваме даноците, туку почнавме да вршиме реструктуризација на расходите“, изјави министерот. Според него, дел од заштедените средства ќе бидат пренасочени за инфраструктура, меѓу другото и за развој на Московскиот авионски јазол и рализација на проекти на Далечниот Исток.
Меѓутоа, против решенијата предложени од владата се изјасни шефот на најголемата банка во Русија – Сбербанк, Герман Греф (во минатото министер за економски развој). Според него, таргетирањето на инфлацијата од страна на Централната банка не претставува ефективна мерка, а реалниот пораст на цените се чини дека е значително повисок. За главни проблеми на руската економија поранешниот министер ги смета нискиот квалитет на државното управување и одливот на капитал во странство. Притоа Герман Греф се заложи против забраната за увоз на производи од земјите кои воведоа санкции против Русија и курсот за замена на увозот што го објави владата. „Нам ни е потребно радикално да го подобриме квалитетот на управување, како и да ги натераме приватните компании да бидат конкурентни. Засега тоа е невозможно да се направи: кај нас половина економија е монополизирана“, изјави првиот човек на Сбербанк.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче