Русија се договори со Украина за гасот

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Русија, Украина и ЕУ се договорија за обновување на испораките на рускиот гас за Украина. „Гаспром“ ќе ѝ испорача на Украина 5 милијарди кубни метри гас во следниве месеци доколку таа исплати 3.1 милијарда американски долари долг. На тој начин, според експертите, претходно украинската страна се согласила на руските услови.

Во текот на тристраната средба на која зедоа учество Русија – Украина – ЕУ на 28 септември тие успеаја да се договорат за обновување на испораката на гас за Украина. Ова го изјави еврокомесарот за енергетика Гинтер Јотингер, соопштува руската информациска агенција ИТАР-ТАСС. Според него, Украина се согласила да плати 3.1 милијарда американски долари долг, а Русија ќе ја обнови испораката на гас по цена од 385 американски долари за илјада кубни метри. Но, договорот носи привремен карактер – по шест месеци страните ќе треба да се вратат на повторно разгледување на прашањето. Како што објаснува еврокомесарот, Украина треба да плати до крајот на годината 3.1 милијарда американски долари на сметка на гаснење на долгот пред „Гаспром“ за веќе испорачаниот гас. 

ЕУ го призна долгот на Украина
Според мислењето на експертите почетокот на есента и доаѓањето на грејната сезона треба да бидат фактите што ќе ги натераат страните за решавање на конфликтот.

Од своја страна руската компанија се обврза да ѝ испорача на Украина 5 милијарди кубни метри гас и да ѝ даде можност за уште 5 милијарди кубни метри. Исплатата ќе се изврши во две етапи: Украина ќе му плати на „Гаспром“ не подоцна од октомври 2 милијарди американски долари за испорачаниот гас, а до крајот на 2014 година уште не помалку од 1.1 милијарди американски долари, изјави еврокомесарот. 

Позиции на страните 

Според експертите, условите на првичната спогодба во целост ги задоволуваат барањата на „Гаспром“. Всушност, за време на преговорите страните ја разгледуваа цената на гасот од 258 до 485 американски долари за илјада кубни метри, но на крајот се задржаа на 385 американски долари за сметка на дадениот попуст од 100 долари, како што предлагаше „Гаспром“. 

„Договорените услови му одговараат на Гаспром“, вели Григориј Бирг аналитичар на „Инвесткафе“. Според него, заинтересираност постои кај сите страни што учествуваат во преговорите. Згора на тоа, Гаспром е заинтересиран за да продолжи со продажбата на гас во Украина, а исто така и за тоа и Киев и Брисел понеактивно да ја реализираат политиката за намалување на енергетската зависност од рускиот гас, смета Григориј Бирг. Од своја страна Украина, според мислењето на експертите, е заинтересирана да стане сигурен транзитер на гас во Европа. „За тоа на земјата ѝ е потребно да продолжи да ги полни со руски гас подземните резервоари за обезбедување на непрекинат транзит во ЕУ и за обезбедување на украинските потрошувачи со „синото гориво“ за време на зимската топлинска сезона“, додава Бирг. 

Зошто Русија ја диверзифицира испораката на гас
Веќе во ноември рускиот „Гаспром“ планира да потпише договор за испорака на руски гас во Кина преку уште една – западна траса и со самото тоа во перспектива да ја удвои испораката на гас. Притоа руската страна одбива да ја зголеми испораката до европските потрошувачи.

Во јуни годинава „Гаспром“ премина во режим на плаќање однапред со Украина. Оттогаш гасот во Украина фактички не се испорачува поради претходно натрупаните долгови. Според оценките на „Гаспром“, вкупниот долг на „Нафтогас Украина“ изнесува 5.3 милијарди американски долари. „Со оглед на тоа дека Европската Унија ги снесува ризиците, таа, веројатно ќе ја преземе врз себе финансиската тежина на Украина за плаќањето на испораките, и тие се крајно заинтересирани прашањето да биде разрешено за колку што е можно покус рок“, вели главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев. 

Перспективи за иднина 

Во целост, согласно изјавата на Гинтер Јотингер, не порано од летото 2015 треба да се направат конечните пресметки за долговите, кои ќе зависат од решението на Стокхолмскиот арбитражен суд. Доколку руската страна добие на суд, тогаш 3.1 милијарда американски долари ќе бидат одземени од вкупната сума на долгот. „Имајќи предвид дека страните дојдоа до согласност, може да се утврди дека таа е прифатлива и За Русија и за Украина, и затоа некоректно е да се зборува дека некоја од страните 'победила'“, вели Дмитриј Баранов, водечки експерт на управувачката компанија „Финам Менаџмент“. Според него „во целина Русија и Украина имаат шанси да започнат гасни листови одново и треба да се надеваме дека така и ќе биде“. „Засега гледаме дека е постигнат договор за релативно општите текови на можното компромисно решение, а уште се бара да се усогласат и голем број детали“, повнимателно коментира главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев. Всушност, украинската страна, според него, изјавила дека нема намера да исплати никаков долг, но дека е подготвена да плати 3.1 милијарда американски долари како аванс за идните испораки. 

Според Иљја Балакирев, проблемот е во тоа што украинската страна за изминатите шест месеци повеќепати покажа склоност кон нарушување на склучените спогодби и неисполнување на преземените обврски. „Доколку Украина може релативно комфорно да презими, целата таа фарса со голем степен на веројатност ќе се повтори во следната година. Тоа нема да биде победа ниту за Европа, ниту за Гаспром“, вели тој. Според мислењето на експертот, за Гаспром ќе биде победа во преговорите, доколку во пакет со спогодбата се добијат и олеснувања за Јужен и за Северен тек – алтернативни маршрути за испорака на гас во Европа. Во моментов Северен тек, кој оди по дното на Балтичкото море од Русија во Германија, работи со половина капацитет, а реализацијата на проектот Јужен тек по дното на Црно море е времено запрена. Според мислењето на европската страна, овој проект не е во согласност со барањата од Третиот енергетски пакет.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.