Рускиот министер за енергетика Александар Новак на пленарното заседание на тема „Русија помеѓу Европа и Азија: Нови регионални политики во денешните услови“, како дел од Интернационалниот инвестициски форум во Сочи 2014. Извор: Михаил Почуев, ИТАР-ТАСС
Договорот за испорака на гас во Кина по западна траса ќе биде потпишан во рамките на самитот на АПЕК (Азиско-пацифичка економска соработка), кој ќе се одржи во ноември во Пекинг. Ова го соопшти во текот на Инвестицискиот форум во Сочи министерот за енергија на Русија Александар Новак. Според зборовите на министерот, трасата за испорака засега сè уште се разгледува, но основната варијанта за испорака предвидува испорака преку Алтај. Во целина, руската делегација планира да потпише договор со контракт во обем од 30 милијарди кубни метри гас за 30 години, макар што во рамките на преговорите веќе беа најавени поголеми обеми, шефот на „Гаспром“ Алексеј Милер му соопшти претходниот ден на рускиот претседател Владимир Путин. Според неговите зборови, станува збор за 60 милијарди и дури и 100 милијарди кубни метри гас. За споредба, во Европа „Гаспром“ испорача 161,6 милијарди кубни метри гас во 2013 година, од кои 41 милијарди кубни метри гас отпадна на Германија – најголемиот потрошувач на руски гас на европскиот континент. Денес токму рускиот монополист е најголемиот доставувач на гас на европскиот пазар и обезбедува повеќе од четвртина од вкупната европска побарувачка.
Ограничувања за Европа
Можностите на компанијата и резервите од гас се доволни за да се работи истовремено и на исток, и на запад, така што стратегијата не е сменета и едвај ќе се измени наредниве години. Доколку Европа самата не се откаже од рускиот гас и нафтата, тогаш Русија апсолутно нема намера да прекине со испораката до европските потрошувачи.
Дмитриј Баранов
експерт на КМ „Финам Менеџмент“
Во целина, европскиот пазар е клучен за „Гаспром“. Обемот на испорака на гас во Европа изнесува околу третина од вкупниот обем на испорака и ја обезбедува повеќе од половината добивка на Групацијата. Освен тоа, во Европа „Гаспром“поседува подземни резервоари за гас во Австрија, Велика Британија, Германија, Србија. Пристапот до капацитетите со активен гас на подземните резервоари во Европа изнесува 4,5 милијарди кубни метри. Притоа европскиот пазар историски се јавува како клучен за „Гаспром“. Првите испораки на гас за извоз од Русија започнаа во средината на 1940-те години за Полска. Во 1967 година рускиот гас почна да пристига во Чехословачка, а во 1968 година според договорот со австриската компанија OMV започна првата испорака на гас за Западна Европа. На тој начин, европските потрошувачи се јавуваат како клучни за „Гаспром“. Меѓутоа, во услови на украинскиот конфликт односите на рускиот монополист и европските потрошувачи почнаа да се влошуваат.
Во средината на септември 2014 година „Гаспром“ одби да ја зголеми испораката за европските потрошувачи. Особено компанијата не го исполни барањето на полската PGNiG за зголемување на испораката на гас, се вели во официјалното соопштение на полската компанија. Според нејзините податоци, Полска прими околу 20% од бараното помалку. Како резултат на тоа, на 10 септември Полска беше принудена да ја запре реверзибилната испорака на руски гас за Украина. Претходно од гасот што го плати Полска, 4,2 милијарди кубни метри гас му ги препродаваше на украинскиот „Нафтогас“. Освен тоа, „Гаспром“ последниве денови ги намалува испораките на природен гас преку Украина и Словачка. Ако од почетокот на месецот испораките надминуваа 60 милиони кубни метри, од 12 септември тие почнаа да се намалуваат до 50-55 милиони кубни метри на ден. Откако „Гаспром“ ја покачи цената на гасот за украинскиот „Нафтогас“ од 268 долари на 485 долари за 1000 кубни метри, Украина ги обнови реверзибилните испораки на гас од Полска и Унгарија. Притоа во „Гаспром“ ги сметаат таквите испораки за незаконски, затоа што гасот се прекупува уште на територијата на Украина и таму се испумпува за украинските потрошувачи, т.е. фактички реверзибилноста е виртуелна – според мислењето на „Гаспром“, оваа схема им противречи на условите на договорот. Притоа задолженоста на Украина за гасот што ѝ го има испорачано „Гаспром“ надминува 5 милијарди долари.
Како што објаснија од „Гаспром“, изјавите на европските потрошувачи за нецелосната испорака се однесуваат само на дополнителните количини, а договорните обврски „Гаспром“ ги исполнува во целост. Освен тоа, компанијата не може да ја зголеми испораката за европските потрошувачи поради пумпањето на дополнителен гас во подземните резервоари за гас за потребите на Русија, објаснуваат од „Гаспром“. Според прогнозата на метеоролошките служби, претстојната зима во Русија ќе биде постудена од обично. Затоа компанијата ги зголеми планираните количини на пумпање на активен гас во подземните резервоари за гас на Русија на 72 милијарди кубни метри. Ова е максималното количество кое ќе биде испумпано во руските подземни резервоари за целата историја на оваа индустриска гранка. До 20 септември во подземните резервоари за гас се наоѓаа 63,5 милијарди кубни метри гас. Се планира пумпањето да заврши за месец и половина.
Втор договор
Паралелно со овој процес „Гаспром“ активно планира да ја зголеми испораката на руски гас за Кина. Особено, дискусијата за испораката на руски гас во Поднебеснаја преку западна траса се активираше откако во мај 2014 година „Гаспром“ и кинеската корпорација CNPC потпишаа договор од 400 милијарди долари за испорака по источна траса на 38 милијарди кубни метри гас годишно за Кина во следните 30 години. Испораката ќе оди преку гранка на гасоводот „Силата на Сибир“, чија изградба веќе започна во септември 2014 година, а ресурсна база ќе бидат наоѓалиштата на гас во Источен Сибир.
Впрочем, експертите не се сомневаат дека европскиот пазар ќе остане клучен за „Гаспром“. „Европскиот пазар останува приоритетен за Русија затоа што во кој било случај – тоа е најмаргиналниот пазар за „Гаспром“ и најголем според обемот. Друга работа е што сега е неопходно да се реши цела низа стратешки важни проблеми на европскиот пазар“, изјави главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев. Според него, новиот договор за испорака на гас за Кина по западна траса – фактички ѝ кажува на ЕУ дека „Гаспром“ е подготвен буквално да го пренасочи гасот кој оди за извоз од Европа за Кина . „Тоа е демонстрација на сила за ЕУ на прагот на редовната етапа преговори за украинското гасно прашање и судбината на Јужниот тек“, изјави Иљја Балакирев.
„Гаспром многупати има изјавено дека без оглед на тоа што компанијата работи низ целиот свет, европскиот пазар претставува за неа приоритет и нема намера да се откаже од работењето на тој пазар. Не постои дури ни теоретска шанса за таков развој на настаните“, изјави водечкиот експерт на КМ „Финам Менеџмент“ Дмитриј Баранов. Според него, ако не испорачува гас во Европа, тогаш фактички „Гаспром“ ќе биде принуден суштествено да го намали опсегот на својата дејност. „Можностите на компанијата и резервите од гас се доволни за да се работи истовремено и на исток, и на запад, така што стратегијата не е сменета и едвај ќе се измени наредниве години“, додава Баранов. Според неговите податоци, „доколку Европа самата не се откаже од рускиот гас и нафтата, тогаш Русија апсолутно нема намера да прекине со испораката до европските потрошувачи“. Освен тоа, според мислењето на Иљја Балакирев, „цените за испорака за Европа, пред сè, можат да бидат снижени, но дури откако „Гаспром“ ќе постигне успех во аспектите што се фундаментални за компанијата“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче