Извор: Македонско-руска стопанска комора
Македонско-руската стопанска комора егзистира речиси една деценија. Која е целта на нејзиното постоење и какви резултати досега имате постигнато?
Македонско-руската стопанска комора својата работа ја започна во 2005 година на меѓувладината седница на 28 март. Тоа беше 3 меѓувладина седница за научно-техничка и економска соработка и од почетокот со напор на сите компании-членки го започна својот пат за обновување и продлабочување на бизнис-односите помеѓу Македонија и Русија. Резултатите што сега ги гледаме се во промоција на македонскиот бизнис, воспоставените односи со седум руски комори, меѓу кои најважна е договорот за партнерство со стопанската комора на Руската Федерација и учеството како дел од меѓувладината комисија од македонската страна која работи секоја година и на која го претставуваме бизнисот од македонска страна.
Како може да се окарактеризира моменталната состојба на економската соработка помеѓу Република Македонија и Руската Федерација?
Со речникот на учителите би кажал незадоволително, бидејќи постои огромна маргина што треба да се пополни. Во моментов е во една доста ниска линија, размената се движи на ниско ниво, некаде на 193 милиони долари на годишно ниво. Притоа падот во однос на претходните години, кога беше околу 600 милиони, а што пред сè се засновува на увозот на руски производи. Станува збор пред сè за енергенсите, бидејќи ако се погледне размената, според официјалните статистички податоци, македонскиот извоз е континуирано од 30-33 милиони долари на годишно ниво, што сметаме дека е малку и дека постои простор за негово подобрување.
Минатиот месец Руската Федерација воведе ембарго на прехранбени производи како одговор на санкциите од Западот. Постојат ли шанси за македонските производители да заземат некое испразнето место?
Улогата на комората и во претходниве 10 години и понатаму ќе биде да ги продлабочува односите. Се трудиме македонски производи да ги има што е можно повеќе на руските рафтови, во руските продавници, така што ќе ја продолжиме таа акција. Сега се отвора еден мал прозорец за тоа присуство да биде зголемено и реално. Од состојбите на терен може да се види дека производите сè повеќе одат кон Русија, што значи дека е зголемен бројот на побарување за нашите производи. Ние немаме илузии дека тоа ќе биде нешто огромно, дека ќе ја снабдиме целата Руска Федерација со производи што им се неопходни. Ние сме посветени на соработката со регионите и ако успееме да го зголемиме нашиот извоз од 1 на 1.5%, секако карикирам со бројките, ќе бидеме апсолутно задоволни.
Бевме сведоци на мислења од експерти дека Република Македонија не би требала да презема никакви дејствија, со цел да не ги наруши односите ниту со САД, ниту со ЕУ, ниту, пак, со Русија. Каков е вашиот став?
Ова е прашање во сферата на политиката. Ние сме само едно тело што се занимава со економските односи, така што ја следиме економската логика. Ќе ги почитуваме сите одлуки што ќе бидат преземени помеѓу двете влади. Ние и досега работевме на темата за развивање на односите, така што ќе продолжиме да работиме и понатаму сè додека не биде поинаку решено од оние што ги носат одлуките.
Cè уште е актуелен проектот „Јужен тек“, иако постојат притисоци од Европската комисија за енергетика. Македонија зеде крак од овој проект и е заинтересирана за него. Но, што значи тој за енергетската иднина на Македонија?
Апсолутно го поддржуваме проектот „Јужен тек“ и во сите пригоди ја потенцираме важноста на овој проект, со оглед на тоа дека тој е мошне важен за Република Македонија, и тоа не само за енергетската иднина, туку и, иако ние сме енергетско зависна земја, тој многу ќе значи во многу други гранки на кои проектот ќе успее да им даде еден нов квалитет. Пред сè еколошката состојба на Република Македонија ќе стане многу подобра. Во исто време и нашата заложба да произведуваме здрава храна, да имаме квалитетна храна ќе биде потпомогната. Доколку се користи гасот од „Јужен тек“ тоа ќе биде помош и на нашите производители да имаат почиста средина каде што ќе ги произведуваат своите производи. Исто така ќе помогне во смисла на развој на индустријата, ќе помогне и во развојот на туризмот, со оглед на тоа што ќе добиеме состојба во која што инвеститорите што утре ќе дојдат, кои кога ќе го имаат гасот како една од енергетските можности, полесно ќе се одлучат да извршат инвестиција во земјава, а секако тука е и она што ние постојано го бараме, а тоа се нови вработувања. „Јужен тек“ треба да се гледа како еден покомплексен проект, не само како енергетика сама по себе и како носење цевки со гас.
Владата на Република Македонија секоја година ја промовира земјата во Руската Федерација. Какви се одѕивите на руските бизнисмени?
Тоа што владата го прави секоја година во РФ е нешто што многу ни помага нам во бизнисот, со оглед на тоа што веќе имаме одѕив. Како што може да видите имаме веќе неколку руски компании што се дојдени во последниве три години. Тие доаѓаат во Република Македонија, ги вложуваат своите средства и многу повеќе се интересираат за нештата. Ни доаѓаат барања од стопанските комори за дополнителни информации, со оглед на тоа што Владата на тие роуд-шоуа дала некакви почетни информации, потоа добиваме прашања, даваме објаснувања, се консултираме со Агенцијата за инвестиции и мислам дека наскоро ќе се зголеми бројот на руски инвестиции во РМ.
Македонската делегација на чело со министерот Ставрески на саем во Москва. Извор: Македонско-руска стопанска комора
Имате ли информација за тоа колкав е бројот на руски инвеститори во Македонија и кои области од економијата се најпривлечни на нив?
Бројот на руски инвеститори во Република Македонија е десетина, а најпривлечни за нив се енергетските проекти.
Какви се можностите за соработка во областа на туризмот и за воведување авионски линии меѓу двете земји?
Ова прашање е најубавото прашање на кое што треба да се работи. За да се подигне туризмот помеѓу двете земји е неопходно воведување авионска линија. Од друга страна, на меѓувладината комисија воведувањето авионска линија е донесено како одлука. Се работи за економската исплатливост на компаниите што ја имаат лиценцата да ја одржуваат авионската линија. Доколку таа линија не биде субвенционирана, нема да постои ни компанија која би ја одржувала таа линија. Тоа за нас е исклучително значајно, ние постојано го бараме тоа, но податоците, според кои најверојатно се водат авиокомпаниите, не им дозволуваат да се решат на чекор за поставување авиолинија. Само можам да се надевам дека со зголемувањето на оваа соработка, со зголемувањето на бројот на авиолинии, само по себе ќе се наметне прашањето да се зголеми притисокот од руска страна за авиокомпаниите да имаат интерес, зашто во моментов, мислам, дека само македонската страна е заинтересирана за воведување авиолинија.
И соработката во областа на туризмот во голема мера зависи од постоењето авиолинија. Рускиот турист, согласно своите навики, не сака да прави скали, двапати да се симнува, да менува аеродроми за да дојде до определена дестинација. Се одлучува на чартер-лет, на директна линија, на она што му е поевтино, што му е побрзо. Не заборавајте, ако ние имаме намера да поканиме туристи, Русија е огромна земја, некои од тие туристи доаѓаат од други региони, па имаат еден лет, па потоа уште еден лет и сето тоа претставува обременување на цената. Исто така, дестинацијата Република Македонија е интересна, но не премногу, со оглед на тоа дека Русите се решаваат повеќе за одмор на море. Нашиот дел би бил во таканаречениот духовен туризам, но за да се зголеми таа соработка во областа на туризмот мора да се дојде до директна авиолинија. Дополнително, ситуацијата ја отежнува и тоа што Македонија е скапа дестинација. Пресметката на еден руски турист покажува дека средствата што ќе ги даде за седум дена во Република Македонија, па дури и за помалку, може да биде на поатрактивна, поегзотична и светски повисоко рангирана дестинација.
Постои ли некаков прогрес во предлогот за потпишување договор за слободна трговија меѓу двете земји и од што конкретно зависи ваквиот процес?
Предлогот за потпишување договор за слободна трговија потекнува од македонска страна и на секоја меѓувладина комисија македонската страна го потенцира овој предлог. Досега немавме позитивен одѕив, бидејќи се бараа разни показатели кои ќе не уверат дека нема потреба од нешто такво. Најпрво, тука се истакнува дека и договорот што го има потпишано Србија со Руската Федерација како таков не е потврден од руската Дума, тој практично се спроведува, но не е ратификуван. Потоа добивме информација дека согласно разликите во размената помеѓу Руската Федерација и Република Македонија се јавуваат огромни разлики, дури во еден момент се доби информација дека Русија има дефицит во однос на размената со Република Македонија, што значи дека доколку имате дефицит нема да дозволите слободна трговија. Потоа дојде информацијата дека сега и Русија е член на СТО, па затоа нема потреба да се потпише нешто такво, бидејќи согласно правилата на СТО со текот на времето царините ќе се израмнуваат, односно ќе се намалуваат итн. Последниот момент што го кочи овој процес е формирањето на Царинската унија, во тој случај Руската Федерација не може да делува како едно тело, така што се поставува прашањето кому да се обратиме – на Руската Федерација или на Царинската унија. Тоа се таканаречените административни пречки. Сепак, доколку постои желба, може да се најде форма. Тоа би можел да биде преференцијал. Морам да потенцирам дека имаме преференцијална стапка од 25% на царинење на одредени стоки и услуги што се усвоени со договорот од 2001 година. Ние баравме измена на таа преференцијална листа, бидејќи таму има производи за кои ние повеќе не сме конкурентни или воопшто не ги произведуваме и тоа да го смениме пред сè со вметнување на прехранбените производи. На минатата меѓувладина комисија руската страна не се изјасни околу овој предлог, но се надеваме дека на годинешнава комисија што ќе се одржи кон крајот на месецов во Калининград ќе има некакво придвижување.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче