Колку се критични за Русија новите санкции на ЕУ и САД?

Европската Унија на 12 септември воведе против Русија четврти по ред, пакет санкции. Извор: Ројтерс

Европската Унија на 12 септември воведе против Русија четврти по ред, пакет санкции. Извор: Ројтерс

Европската Унија на 12 септември воведе против Русија нов, веќе четврти по ред, пакет санкции. Соодветниот документ е објавен во Службениот весник на Европската Унија. Новите рестрикции се однесуваат на руските државни нафтени компании, големите банки, претпријатијата од одбранбениот комплекс, исто така проширен е и списокот со санкции за физички лица. Но во суштина, новиот пакет ги затегнува веќе претходнововедените забрани. Руските берзи реагираа со мал пад. Инвеститорите се притаија во очекување на возвратниот потег на Русија.

Ефектот од новите санкции

Новиот пакет санкции ги проширува и засилува претходните забрани. Така на големите руски банки со државен удел – Сбербанк, ВТБ, Гаспромбанк, ВЕБ и Росселхозбанк, уште повеќе им го ограничија пристапот до кредити.  Претходно рокот за позајмување го намалија на 90 дена (соодветните санкции САД и ЕУ ги воведоа на крајот на јули), сега – на 30 дена. Експертите забележуваат дека ваквата мерка нема да има никаков значителен ефект. „Банките го зедоа предвид негативниот ефект од ограничувањето на пристапот до пазарите на капитал уште по воведувањето на првите санкции, затоа новите забрани во суштина ништо не менуваат. Освен тоа, краткорочното кредитирање на западните пазари не е многу популарно меѓу руските банки“, забележува аналитичарот на „Инвесткафе“ Михаил Кузмин.

Потешкотии можат да се јават кај компаниите-ќерки на Сбербанк и ВТБ во Австрија, на Кипар и во Турција. Таму тие работат како посебни правни лица со сопствени извори на финансирање и теоретски можат да потпаднат под ограничувањата на европскиот пазар за меѓубанкарско кредитирање. 

Александар Абрамов

главен научен соработник во Центарот за анализа на финансискиот систем при РАНХиГС   

Негативниот ефект нема да биде критичен, се согласува и Кира Јухтенко, главен аналитичар на брокерската компанија FBS. „Западните финансиски организации уште во јули, по првиот санкциски „плотун“ се обидоа максимално да ја намалат соработката со руските банки со тоа што ги ограничија лимитите за банкарски операции. Државните банки во моментов немаат недостиг од капитал во рубљи, а за обезбедување на потребите од доларски капитал продолжуваат да го зголемуваат присуството на азиските финансиски пазари“, вели експертот.

Пристапот до странски капитал е ограничен и за нафтените државни компании со добивка над 1 трилион рубли (26,7 милијарди долари)  - а тоа се „Роснефт“, „Транснефт“ и „Гаспромнефт“.  Покрај финансиската страна овде ќе настрада размената на технологија и услуги во нафтениот сектор. Освен тоа, ЕУ воведе ограничување на соработката со РФ во сферата на експлоатација на  сурова нафта.  „Транснефт“ и „Гаспромнефт“ ќе настрадаат од овие санкции во помала мера. „Овие компании немаат голема задолженост во однос на кредитите, добиени од западните банки, и немаат огромни проекти кои би имале потреба од долгорочно кредитирање со привлекување на странски платежни средства“, ја прокоментира ситуацијата во етерот на Комерсант ФМ радиото Михаил Крутихин, партнер во консалтинг-компанијата RusEnergy. Според неговите зборови, најсериозно ќе настрада „Роснефт“, затоа што компанијата има огромна инвестициска програма и проекти кои се наменети за истражување и црпење на нафта и гас на континенталниот гребен, особено во арктички услови. Сепак дури и во наведениов случај негативниот ефект нема да се појави веднаш. „Во моментов не треба да се очекува негативен ефект од овие ограничувања, - изјави аналитичарот на Инвесткафе Григориј Бирг.  – Ваквите забрани се важни од гледиште на перспективата, то ест пред сѐ има важност колку ќе потраат овие санкции“, - објасни експертот.  

Согласно финансискиот извештај на Роснефт обврските на компанијата во еврообврзници  изнесуваат околу 190 милиони долари (7 милијарди долари). Тоа е вкупно 5-7 процени од севкупната вредност на долговите на компанијата. Транснефт и компаниите од одбранбениот сектор исто така не беа активни позајмувачи на европските пазари на капитал. Овде влијанието ќе биде индиректно. 

Александар Абрамов

Проширени се и санкциите против рускиот одбранбен сектор. Воведена е забрана за европските компании за испорака на производи со двојна намена за девет руски претпријатија, меѓу кои се концернот „Калашников“,  „Тулската фабрика за оружје“ која произведува наведувани противтенковски ракети и стрелечко оружје. Исто така, на списокот се најдоа производителот на муниција НПК „Машински технологии“ („Техмаш“), веќе постојниот на списокот на индивидуални санкции на ЕУ одбранбениот концерн „Алмаз-Антеј“, производителот на муниција научно-производствениот комбинат „Базалт“ и „Научно-производствената корпорација Уралвагонзавод“ која се занимава со производство на воена техника, машини за изградба на патишта, железнички вагони.

Инвеститорите го чекаат рускиот одговор

Треба да се забележи дека Европската Унија до последен момент го одолговлекуваше воведувањето на санкциите. Пакетот мерки беше договорен уште на 5-ти септември.  Но поради стремежот за консензус меѓу земјите-членки на ЕУ, финалната етапа се одолжи. „Одделни земји молат да им се даде уште време“,  призна шефот на надворешнополитичката служба на ЕУ Федерика Могерини.  Повикувајќи се на дипломати, европските медиуми соопштија дека против воведување на санкциите се залагаат Италија, Австрија, Финска, Чешка, Словачка и Унгарија.  Еден од аргументите: не вреди да се нарушува кревката рамнотежа и да се провоцира Москва, сѐ додека е на сила објавеното на 5-ти септември примирје во Донбас.

Речиси еднонеделното одложување им даде можност на руските инвеститори да се подготват. На 11-ти септември, кога се појави неофицијалната информација за намерата на ЕУ да воведе санкции – руските берзански индекси паднаа за 1-3%. Аналитичарите го проценуваат тоа како умерено-негативна реакција. На 12-ти септември значително намалување пазарите не покажуваа. Аналитичарите на Инвесткафе забележуваат дека на пазарот поголемо влијание ќе имаат возвратните дејствија на Русија.

Уште на 7 август премиерот Дмитриј Медведев изјави за потенцијалната подготвеност за воведување заштитни мерки во автомобилската индустрија, индустриите за производството на авиони и бродови. Помошникот на претседателот Андреј Белоусов на 11-ти септември изјави за агенцијата  РИА Новости  дека Русија може да го ограничи увозот на автомобили и за некои видови роба од лесната индустрија, особено на некои видови облека.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња