ЕУ го призна долгот на Украина

Извор: shutterstock / Legion-Media‏

Извор: shutterstock / Legion-Media‏

Според мислењето на експертите почетокот на есента и доаѓањето на грејната сезона треба да бидат фактите што ќе ги натераат страните за решавање на конфликтот.

За време на преговорите меѓу украинскиот Нафтогас, рускиот Гаспром и Европската Унија на 29 август во Москва страните се согласија во најскоро време Европската комисија да ѝ предложи на Украина распоред за исплаќање на долгот за рускиот гас. Згора на тоа, еврокомесарот за енергетика Гантер Етингер изрази надеж дека украинскиот Нафтогас ќе почне да ги исплаќа долговите во следниве месеци, соопштува руската новинска агенција ИТАР-ТАСС. „Долговите на Нафтогас кон Гаспром се неспорни“, изјави еврокомесарот. Според податоците на руската страна, вкупниот долг на Украина кон Гаспром изнесува 5.3 милијарди американски долари. Како што изјави по преговорите претседателот на управата на концернот Гаспром, Алексеј Милер, за повторно отпочнување со испорака на гас Украина треба да го плати долгот од 1.45 милијарди американски долари за ноември и за декември 2013 година, а потоа да се договорат за одложено плаќање и плаќање на рати за испораките за април, мај и за јуни 2014 година. 

Есента наближува 

Украина и санкциите го стегнаа Гаспром
Рускиот гасен гигант даде отчет за загубите и за новиот приод кон европските договори.

Како што објаснува главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев, како што наближуваат студените периоди, европската страна станува сè понастојчива. „Всушност, во моменталнава ситуација имено ЕУ е најранливата страна. Русија може едноставно да чека, зашто времето му оди во полза на Гаспром. Украина покажа дека таа е способна за најнеочекуваните, па дури и „самоубиствени“ дејствија. Во оваа ситуација имено ЕУ е заложникот, кој е најмногу заинтересиран за најбрзо решавање на конфликтот“, вели експертот. 

„Секако, сегашната ситуација со долгот на Украина, преминувањето на припејд за гас и повторната испорака на гас за Украина е предмет на меѓународна трговија“, вели заменикот на шефот на катедрата за државно регулирање на економијата на Руската академија за народно стопанство и државна администрација Иван Капитонов. Според него, досега украинските власти стоеле мошне самоуверено на својата позиција, изјавувајќи дека земјата може слободно да продолжи да функционира без испораките на рускиот гас. „Во врска со оваа цел беше воведен режим на економија: дел од котларниците преминаа на биогас, Киев остана без топла вода, им препорачуваа на жителите да си греат вода“, додава Капитонов. На тој начин, според него, промената на сезоната, која го поттикна процесот на преговори и отсуството на алтернативи, сосема е можно да ја поттикне Украина кон прифаќање на единственото правилно решение – исплата на долгот и согласност за испорака на гас по предложената цена од 385 американски долари за илјада кубни метри. 

Без оглед на почетокот на есента, украинската страна повторно ја одби цената за гас и методологијата на пресметката кои ги предложи Русија. Како што изјави министерот за енергетика на Украина Јуриј Продан, цената од 385 американски долари за илјади кубни метри што ја предлага Гаспром претставува дискриминација. „Повторно ја слушаме цената од 385 американски долари за сметка на примената на таканаречениот попуст од 100 долари од 485 за сметка на укинувањето на царината. Односно според мислењето на руската страна, цената од 485 американски долари е праведна и пазарна“, се вели во соопштението објавено на сајтот на Министерството за енергетика на Украина. Претходно, на 22 август, премиерот на Украина Арсениј Јацењук изјави дека Киев како и претходно не се согласува со дадената цена за гасот од страна на Русија, но за тоа смета да купи од Гаспром не помалку од 5 милијарди кубни метри гас. Според украинскиот министер, за оваа намена на сметката на Националната банка на Украина се резервирани средства во износ од 3.1 милијарда долари. 

Ризик на нестабилност

Според оценката на руската страна, во периодот на зимската максимална побарувачка на гас, неговиот дефицит во Украина може да изнесува од 140 до 220 милиони кубни метри за едно деноноќие. Затоа пред да започнат студените денови Киев треба да исцрпи 10 милијарди кубни метри во подземните складишта. Сепак во врска со постојаното неплаќање на гасот, започнувајќи од 16 јуни, беше прекината испораката на гас непосредно на Украина. Притоа испораките на гас за Европа преку Украина продолжија и засега нема никакви застои. „Преку Украина се врши околу 50% од испораката на рускиот гас во Европа, а тоа значи околу 80 милијарди кубни метри. Ризикот за појавување на проблеми со транзитот е висок“, вели аналитичарот на Инвесткафе Григориј Бирг. Според него, на крајот од јули во складиштата за гас на Украина имало само 14 милијарди кубни метри гас, додека за да се помине есенско-зимската грејна сезона, на земјата ѝ се потребни повеќе од 18 милијарди кубни метри. 

„Охрабрувачки е тоа што страните веќе водат преговори, тоа што тие можеа да ги надминат заемните навреди, и тоа што ќе мораат да се договорат“, вели Дмитриј Баранов, водечки експерт на управувачката компанија Финам Менаџмент. Според него, приближувањето на грејната сезона ги принудува страните на поактивни преговори. „Русија, Украина и ЕУ имаат сè што е потребно за да се договорат, треба само да почекаме кога ќе се случи тоа“, смета Баранов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.