Средбата на министерот за земјоделство на Аргентина Карлос Касамикеле со својот руски колега Николај Фјодоров во Москва. Извор: Министерство за земјоделство на РФ.
Големи планови
Во Москва на 20 август беше одржана средба на претставниците на владите на Аргентина и на Русија по повод увозот на прехранбени производи. Здружението на производители на прехранбени производи на Аргентина (Copal) подготви конкретни предлози за извоз на прехранбени производи во Русија. Според информациите од дипломатски извори на „Руска реч“ владината делегација од Буенос Ајрес донела во Москва список со над 50 називи за да може заедно со руските колеги детално да ги анализира можностите за секоја поединечна позиција.
Според Матијас Гарсија Туњон, главен координатор на Аргентинско-руската трговско-индустриска комора (Caciar), сега потенцијалот на аргентинскиот аграрен извоз во Русија според обемот е поголем од кога и да било. Откако Русија го ограничи увозот од земјите кои против неа воведоа санкции, беше создадена ситуација која на Аргентина ѝ нуди невидени можности, смета тој. Според сознанијата на овој експерт, Буенос Аирес може значително да го зголеми досегашниот извоз на јаболка, круши, лимони, сливи и кикирики, и истовремено да го диверзификува со помош на нови прехранбени производи: маслиново масло, сирење, тестенини и кондиторски производи. Според тоа, пред аргентинските производители се отвораат големи перспективи за зголемување на извозот на месо, на риба и на морски плодови.
Аргентинско-руската трговско-индустриска комора претходниот ден во Буенос Аирес соопшти дека ѝ се обратиле голем број дистрибутери кои ги опслужуваат руските трговски мрежи, а кои претходно имаат склопено ексклузивни договори со европските производители. Оваа организација по тој повод се обрати до аргентинските производители и ги повика да ги искористат поволните околности и да го зголемат извозот во Русија. Од аргентинска страна на средбата учествуваа министерката за индустрија Дебора Хиорхи, министерот за земјоделство Карлос Касамикела, секретарот за меѓународни економски односи при кабинетот на претседателот на државата Карлос Бјанко и други високи службеници.
Од зборови на дела
„Аргентина без никакви проблеми може да заземе привилегирана позиција на рускиот пазар. Оваа земја сега е на четвртото место во Латинска Америка според прометот на стока со Русија. Пред неа се Бразил, Венецуела и Мексико“, изјави за „Руска реч на македонски“ Људмила Симонова, раководител на Центарот за економски истражувања на Институтот за Латинска Америка при Руската академија на науките. Според неа, обемот на трговската размена според податоците на руската страна во 2013 година изнесувал 1.5 милијарда долари, со тоа што 75% од оваа сума отпаѓа на земјоделски производи. Според податоците што ги обелодени Људмила Симонова, аграрниот извоз на Аргентина во Русија во скоро време може да се зголеми за 30%. „Притоа рускиот пазар не е заинтересиран само за стока за широка потрошувачка, туку и за ексклузивни производи за рестораните, на пример сенегалскиот ослиќ (Merluccius senegalensis) или калифорнискиот црногледец (Micropogonias undulatus), смета експертот. Според неа, властите во Русија полагаат голема надеж во земјите од Латинска Америка, чии извозници се подготвени да се преориентираат на рускиот пазар.
За волја на вистината, засега не се склучени договори за увоз на прехранбени производи од Аргентина, изјавува за „Руска реч на македонски“ извор во Министерството за земјоделство на Русија. Но, средбата која беше одржана треба да биде увертира за состанокот на меѓувладината руско-аргентинска комисија за трговско-економска соработка, што ќе биде одржан во Москва на 15 и 16 септември годинава.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче