Царински такси за Украина, Молдавија и Грузија

Русија за Украина е најголем трговски партнер и какви било ограничувања за извоз на стока од страна на Русија ќе доведе до пад на бруто домашниот производ во Украина. Извор: РИА Новости

Русија за Украина е најголем трговски партнер и какви било ограничувања за извоз на стока од страна на Русија ќе доведе до пад на бруто домашниот производ во Украина. Извор: РИА Новости

Русија одлучи да воведе царински такси за земјите кои имаат потпишано спогодба за асоцијација со Европската унија. Станува збор за поранешните советски републики – Украина, Молдавија и Грузија. Руските власти на овој начин сакаат да го заштитат внатрешниот пазар од европските производи кои до него би можеле да дојдат по пат на повторен извоз од овие земји. Мерката пред сè се однесува на сферата на земјоделските производи.

Суштина на воведувањето царински такси 

Русија еднострано го запре режимот на слободна трговија со Украина, со Молдавија и со Грузија – земјите кои ја имаат потпишано спогодбата за асоцијација со Европската Унија. Законските предлози за тоа ги подготви руското Министерство за економски развој. „На овој начин Русија сака да се заштити од можниот повторен извоз на стока увезена од ЕУ од територијата на овие земји, што може да се случи по потпишувањето на спогодбата за асоцијација“, вели аналитичарот на инвестицискиот холдинг „Финам“ Антон Сороко. 

Русија одговори на санкциите
Земјите на ЕУ можат да претрпат загуба од 12 милијарди евра поради ембаргото на производи што Русија го воведе како одговор на санкциите. Освен за ЕУ забраната се однесува и за низа производи од САД, Канада, од Норвешка и од Австралија. Јапонија не влезе во црниот список, иако воведе санкции против РФ. Русите се исплашени дека полиците во продавниците ќе се испразнат и дека цените ќе се вивнат до небо. Учесниците на пазарот, пак, се уверени дека бизнисот нема да трпи, дека постои можност да се надминат санкциите, а освен тоа Русија ќе се преориентира на увоз од Јужна Америка и од Азија.

Станува збор за тоа дека клучната компонента на економскиот дел на спогодбата за асоцијација се однесува на воспоставување зона на слободна трговија, што значи укинување на увозните царински такси Според директорот на Одделот за аналитика и за управување со ризици на Инвестициската компанија UFS Вадим Ведерников, за Русија укинувањето на слободната трговија со овие земји претставува рационален одговор на заканите од бесцарински увоз на производи од земјите на ЕУ во Русија. „Замената на увозот со домашно производство без сомнение ќе значи поддршката за руските производители во оние гранки од стопанството во кои увозот од Молдавија, од Грузија и од Украина зазема значаен дел од домашниот пазар“, објаснува стручњакот. 

Предлогот на Министерството за економија предвидува за овие три земји да бидат воведени царински такси. Конкретно, новите мерки ќе се однесуваат на 135 вида украински производи, сите од нив прехранбени, вклучувајќи ги свинското месо, млечните производи и зеленчукот. Заради споредба да кажеме дека во 2013 година земјоделските производи сочинуваа 11.4% од украинскиот извоз за Русија. Во просек царинската такса за Украина ќе изнесува 15%. Според пресметките на рускиот економски весник Комерсант, вкупната загуба од украинска страна ќе достигне 200 милиони долари. На сличен начин ќе делува новиот режим на трговија со Молдавија и со Грузија. На пример, царината за испорака на вино од Грузија изнесува 7.8%. „Со запирање на режимот за слободна трговија не секогаш значи дека моментално ќе дојде до значителен пораст на царинските такси. Главниот притисок, веројатно нема да потекне од зголемувањето на трговската бариера. Влошувањето на надворешнотрговските односи, при што во другите сфери тие остануваат неизменети, доведува до забавување на економскиот раст на овие земји кои учествуваат во тој процес“, објаснува аналитичарот на агенцијата Инвесткафе Тимур Нигматулин. 

Евроазија развива единствена економија
Претседателите на Русија, Казахстан и на Белорусија – Владимир Путин, Нурсултан Назарбаев и Александар Лукашенко – во главниот град на Казахстан Астана потпишаа историски договор за основање Евроазиска економска унија. ЕАЕУ ќе почне да функционира на 1 јануари 2015 година. До 2025 година трите страни би требало да формираат единствен пазар на нафта и на гас.

Според Антон Сороко, овие промени нема еднакво да се одразат на сите три земји. Како прво, Русија за Украина претставува најголем трговски партнер и какви било ограничувања во извозот на стока од страна на Русија ќе доведе до пад на бруто домашниот производ во Украина. „За Русија Украина значи 5% од вкупната надворешнотрговска размена, што е исто така значително, но е помалку критично кога се гледа од страна на стабилноста на севкупната економија“, објаснува стручњакот. Според него, со Грузија ситуацијата е нешто поинаква. Околу третина од нејзината надворешна трговија се однесува на земјите членки на Заедницата на независни држави, додека за Русија обемот на трговија со оваа земја е незначаен, така што станува збор за занемарливи ризици. Во периодот од јануари до јуни 2014, надворешнотрговската размена на Грузија со Русија изнесувала околу 364 милиони долари, што изнесува 6.7% од вкупната надворешнотрговска размена на оваа земја, Но, за една година овој показател порасна на 32.2%. За споредба ќе споменеме дека Германија купува грузиска стока во вредност од само 250 милиони долари и дека во истиот период обемот на оваа размена се зголеми за само 4.6%. 

Можност за избор 

Како што изјавуваат во Министерството за економија, новите предлози на законот ќе бидат дел од единствениот реформиран систем за трговија: Русија на своите партнери им нуди можност или да тргуваат според условите на Светската трговска организација, или во рамките на Царинската унија. Украина, Молдавија и Грузија одбија да се приклучат на Царинската унија. Царинската унија беше основана во 2009 година, кога на ниво на шефови на држави и на влади беа донесени и ратификувани околу 40 меѓународни спогодби. Таа започна да функционира во 2010 година на територијата на Русија и Казахстан, а во 2011 година се придружи и Белорусија. Потоа на границите меѓу овие земји беше укината царинската контрола, а стоката сега може да се царини на која било од трите надворешни граници на Украина. Наскоро се очекува на Унијата да ѝ се приклучат и некои други земји од поранешниот СССР, пред сè Ерменија и Киргистан. 

Откако кон крајот на јуни годинава украинскиот претседател Петро Порошенко го потпиша економскиот дел од спогодбата за асоцијација со ЕУ, Русија предложи да се зголеми царината за увоз на украински производи. Но, Белорусија и Казахстан не ја поддржаа оваа идеја. Затоа Русија одлучи самата да ја реализира.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња