Норвешка и Швајцарија не ѝ вртат грб на Русија

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Руската државна нафтена компанија Роснефт успеа да ги избегне санкциите на Европската Унија, со кои се забранува испорака на технологија и на опрема за длабоководно добивање нафта, меѓу другото и за арктичкиот континентален гребен. Во врска со ова Русија има склучено спогодби со една норвешка и со една швајцарска компанија.

Клучни решенија 

На почетокот на август годинава Роснефт купи дел во една од најголемите нафтени изведувачки компании – швајцарската Weatherford, изјавија за „Руска реч на македонски“ од службата за односи со јавноста на Роснефт. Согласно договорот, руската страна ќе добие 8 оддели, кои се занимаваат со дупчење и со ремонт на сондажни дупки во Русија и во Венецуела. Страните, исто така, се имаат договорено за долгорочна соработка во областа на сервисните услуги за нафта. Сумата на зделката не се открива, но, како што стана познато од решението на советот на директори на руската компанија од 28 јули, за швајцарските активи Роснефт нема да плати повеќе од 398.3 милиони американски долари. „Во определен степен, Роснефт се огради себеси од негативните ефекти од воведувањето санкции во однос на рускиот нафтен сектор“, вели аналитичарот на „Инвесткафе“ Григориј Бирг. Во исто време, според него, постои веројатност дека компанијата ќе мора да ги искористи опремата и техниката на земјите од Азиско-Тихоокеанскиот регион или од руско производство, која според квалитетот може да не соодветствува на западните. „Ова, исто така, може да влијае на ефективноста од примената на напредни технологии кои се користат за дупчење и за добивање на континенталниот гребен, а исто така и при разработка на нетрадиционални ресурси на нафта“, смета експертот. 

Какви се санкциите за Русија?
Од почетокот на украинската криза Европската Унија, САД и Јапонија објавија неколку рунди санкции против Русија. Всушност, беа конфискувани активите на физички и на правни лица кои се одговорни за интеграцијата на полуостровот Крим во составот на Русија. Сепак, најсериозни излегоа секторските санкции, со кои им се забранува на руските банки да даваат долгорочни кредити во ЕУ и во САД, а на нафтените компании да купуваат уреди за добивање нафта на Арктикот.

Згора на тоа, два дена претходно Роснефт потпиша долгорочна спогодба за дупчење на континенталниот гребен со норвешката North Atlantic Drilling Ltd. Зделката предвидува до 2020 година од норвешката страна да се купат шест морски апаратури за дупчење за експлоатација на континенталниот гребен, меѓу другото и на Арктикот. „Склучувањето долгорочни спогодби за работа на континенталниот гребен ќе ми овозможи на Роснефт да ги реализира плановите за геолошки истражувања на областите и за освојување на гребенските наоѓалишта во сурови климатски услови“, изјави по потпишувањето првиот човек на Роснефт Игор Сечин. 

Работата е во тоа што поради воведувањето санкции за Роснефт под закана се најдоа големите проекти на континенталниот гребен, кои компанијата планираше да ги реализира заедно со американската ExxonMobil. Според истражувањето на Bank of America Merrill Lynch во дадениот момент 60-70% од опремата која е потребна за експлоатација на резервите кои се тешки за извлекувања, се испорачуваат во Русија од Европа и од САД. Сепак, претходно Европската Унија забрани да се испорачува во Русија технологија за длабоководно дупчење нафта, а Роснефт се најде под секторските санкции на САД: компанијата не може да зема кредити од американските кредитори на рок подолг од 90 дена. Договорите со норвешката и со швајцарската компанија дозволуваат да се надминат сите ограничувања, со оглед на тоа што Норвешка и Швајцарија не се во состав на Европската Унија и не се обврзани да ги исполнуваат санкциите. 

Опасност од санкциите 

Ситуацијата може да се усложни доколку Норвешка и Швајцарија се приклучат на санкциите на Европската Унија. Како што изјави на 31 јули годинава шефот на норвешката дипломатија Берге Бренде, неговата земја планира внимателно да ги проучи мерките на Европската Унија и во врска со тоа да спроведе консултации со парламентот. Од своја страна, според изјавите на амбасадорот на Швајцарија во Русија Пјер Хелга, неговата земја не планира да воведува никакви санкции кон Русија. „Во моментов со сигурност можам да ви потврдам дека Роснефт во секој случај ќе се стреми да ги добие потребните технологии, а исто така ќе ги брани и своите права за враќање на своите активи на сите инстанции. Тие беа набавени пред воведувањето на санкциите и со почитување на сите правни норми, односно Роснефт е совесен купувач“, забележува Дмитриј Баранов, водечки експерт на Финам Менаџмент. Сепак, во најлош случај, според него, дел од работите поврзани со освојувањето на наоѓалиштата на континенталниот гребен ќе треба да се одложат на определен рок поради неопходноста за разработка на сопствен технологии за овие цели или да се најдат други доставувачи во светот. 

Без оглед на санкциите кон претседателот на Роснефт Игор Сечин и на секторските санкции од страна на САД, американската Федерална трговска комисија во јуни годинава ѝ одобри на компанијата на го купи трговскиот бизнис на Morgan Stanley. На руската компанија ѝ преостанува само да добие одобрение од комитетот за странски инвестиции. Во таков случај таа ќе добие меѓународна мрежа на нафтени резервоари, резерви на нафта и на нафтени производи, а исто така и директни договори со потрошувачите и договори врз основа на претплата. На работа во Роснефт ќе преминат 100 трговски канцеларии со нафта на Morgan Stanley во Велика Британија, во САД и во Сингапур, а исто така и 180 менаџери од подружниците.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња