Какви се санкциите за Русија?

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Од почетокот на украинската криза Европската Унија, САД и Јапонија објавија неколку рунди санкции против Русија. Всушност, беа конфискувани активите на физички и на правни лица кои се одговорни за интеграцијата на полуостровот Крим во составот на Русија. Сепак, најсериозни излегоа секторските санкции, со кои им се забранува на руските банки да даваат долгорочни кредити во ЕУ и во САД, а на нафтените компании да купуваат уреди за добивање нафта на Арктикот.

Видови санкции 

Европската Унија, САД и Јапонија најпрво составија список на правни и на физички лица, кои, според нив, се одговорни за интеграцијата на полуостровот Крим во состав на Русија. Во овој список на Европската Унија влезе корпорацијата „Алмаз-Антеј“, која произведува средства за противвоздушна одбрана за заштита на полуостровот, нискотарифната „Добролет“ која врши евтини летови од Москва до главниот град на Крим – Симферпољ, а исто така и за „Руската национална комерцијална банка“, која стана најголем играч на кримскиот финансиски пазар. Од своја страна Јапонија воведе санкции за 40 лица и за две компании, кои се одговорни за добивање и за транспорт на гас на полуостровот: „Черноморнефтгас“ и нафтената компанија „Федосија“.  

Треба да се сфати дека овие санкции во однос на Русија претставуваат форма на економска војна: не на интеракција, не на конфронтација, туку имено на војна. Многу е тешко да си претставиме дека во војна нема да има никакви загуби. А, загубите, на овој или на оној начин, ќе се одразат на сите.

Агван Микаелјан

управувачки партнер на АКГ „ФинЕкспертиза“

Санкциите веќе извршија влијание врз руските компании. Својата работа ја прекина „Добролет“. Станува збор за тоа дека првата маршрута на оваа авиокомпанија беа оние од јуни годинава од Москва до главниот град на Крим – Симферпољ. Како резултат на тоа на европските компании им беше забрането да соработуваат со „Добролет“, а сите негови активи во Европската Унија треба да бидат замрзнати. Според податоците на рускиот бизнис-весник „Комерсант“, основен проблем е откажувањето на ирската SMBC Aviation Capital да го исполни договорот за лизинг за Боинг 737-800NG. Во моментов компанијата има добиено два авиона, а до крајот на годината нивниот број треба да се зголеми на осум. 

Врз оваа основа Европската банка за реконструкција и развој исто така одби да ги финансира новите проекти во Русија. „Во 2013 година Европската банка за реконструкција и развој вложи во руски проекти 2.5 милијарди американски долари“, вели аналитичарот по макроекономија на UFS IC Василиј Ухарски. Меѓу последните проекти на банката во Русија беше финансирањето на испорака на земјоделска техника на John Deere, а исто така и обновување на енергетскиот систем и на системот за водоснабдување во руските региони. 

Најсериозни излегоа секторските санкции, кои се насочени кон руските банки и нафтени компании. Најпрво на 29 јули Министерството за финансии на САД објавија дека во списокот се додадени три руски банки. Меѓу нив се „Банка на Москва“, ВТБ и Россељхозбанк. На американските државјани им е забрането да доделуваат кредити на повеќе од 90 дена на овие банки или на банки кои се поврзани со нив. Потоа, на 31 јули, Советот на Европската Унија донесе слични мерки против пет руски банки: Сбербанк, ВТБ, Гаспромбанк, ВЕБ и Россељхозбанк. Ним им е забрането да продаваат акции или облигации во Европа. Според податоците на Cbonds, во моментов ВТБ во обрт има еврообврзници, номинирани во различни валути на сума од 16 милијарди американски долари (од кои 11.5 милијарди долари се номинирани во долари), Россељхозбанк околу 8 милијарди американски долари (5.1 милијарда во долари), Банка на Москва околу 1.5 милијарди американски долари (сите во американската валута).  

Освен тоа, на европските компании исто така им е забрането на руските играчи да им испорачуваат технологија за длабоководно добивање нафта, што го отежнува добивањето на гас на арктичкиот континентален гребен. На забрана подлежи и продажбата на опрема за дупчење и мобилни кули, нафтени пумпи, а исто така и пливачки платформи за дупчење. 

Според Morgan Stanley, санкциите можат да се одразат не само на компаниите кои влегле во соодветната листа на санкции, но исто така и сите играчи од овие сектори на економијата. Како што се вели во анализата на Deutsche Bank, руските финансиски компании и компаниите за нафта и гас во краткорочна перспектива можат да почувствуваат сериозен притисок, што ќе доведе до пораст на одливот на капитал и до пораст на вредноста на заемите за руските претпријатија. „Треба да се сфати дека овие санкции во однос на Русија претставуваат форма на економска војна: не на интеракција, не на конфронтација, туку имено на војна. Многу е тешко да си претставиме дека во војна нема да има никакви загуби. А, загубите, на овој или на оној начин, ќе се одразат на сите“, вели управувачкиот партнер на АКГ „ФинЕкспертиза“ Агван Микаелјан. Според него, во ваква ситуација може само да се минимизираат загубите. „Во овој момент факторите што влијаат на економската ситуација во Русија, претставуваат мешавина. Надворешните фактори се директно поврзани со воено-политичката ситуација во Украина, убаво „зачинети“ со внатрешни нијанси, кои се условени од структурата на приходите и на расходите, од нивото на развиеност на инфраструктурата и од производството“, вели експертот. 

Во целост, согласно анализите на британската компанија за консалтинг и аналитика Oxford Economics, секторските санкции ќе нанесат удар не само на руската, туку и на светската економија. Аналитичарите на компанијата уверуваат дека во случај на најжестоки санкции против Русија, меѓу кои и можното ембарго на испорака на нафта и гас, цените на нафтата ќе се искачат на 200 американски долари за барел. При ваков развој на настаните поради дефицит на енергетски носители БДП во Еврозоната на почетокот на 2015 година ќе падне за 3.5%, во САД за 3%, во Јапонија за 2.4%, а БДП во Русија за 10%. За споредба за времето на глобалната финансиска криза во 2009 година рускиот БДП се намали за 7.8%.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.