Има ли опасност за Јужен тек во Бугарија?

Гаспром во 2012 потпиша договор со Софија за изградба на гасоводот. Извор: AP

Гаспром во 2012 потпиша договор со Софија за изградба на гасоводот. Извор: AP

Оставката на бугарската влада која е лојална на Москва може да претставува сериозен проблем за Гаспром и за проектот на гасоводот Јужен тек. До октомври со земјата ќе управува техничка влада која нема доволно овластувања за носење сериозни одлуки, а потоа на власт може да дојде проевропски расположената опозиција. Во такви околности постои опасност Гаспром да не го заврши Јужен тек до крајот на 2015 година.

Парламентот на Бугарија на 24 јули ја прифати оставката на владата на Пламен Орешарски, што беше формирана од страна на коалицијата под раководство на Бугарската социјалистичка партија (БСП). Причина за оставката е банкарската криза во Бугарија и неуспехот на БСП на мајските избори за Европскиот парламент. Шефот на најголемата опозициска партија ГЕРБ, поранешниот министер Бојко Борисов, ја одби понудата за формирање нова влада. Парламентот ќе биде распуштен на 6 август, новите избори ќе се одржат во октомври, а дотогаш со Бугарија ќе управува привремена влада. 

Купувањето на хрватската компанија ИНА ќе му помогне на Јужен тек
„Гаспром нефт“ фирмата-ќерка на рускиот гигант Гаспром, постигна договор за купување на акции од унгарската компанија МOL во хрватската нафтена компанија ИНА, јавуваат хрватските медиуми. Според мислењето на руските експерти, оваа трансакција ќе помогне на проектот за гасоводот Јужен тек, а воедно ќе ѝ овозможи на Хрватска да ја зголеми експлоатацијата и преработката на нафта.

Оставката на владата на Бугарската социјалистичка партија, за која се смета дека е најлојална на Москва, може да ја загрози изградбата на бугарската делница на гасоводот Јужен тек, со капацитет од над 60 милијарди кубни метри гас годишно, кој е предвидено да биде пуштен кон крајот на 2015 година. Во 2012 година Гаспром со Софија потпиша спогодба за изградба на гасовод, а веќе годинава, за време на владата на Пламен Орешарски, на тендерот за изведување на работите, правото за изградба на бугарската делница ја доби конзорциумот во кој учествуваат структури чиј сопственик е Генадиј Тимченко, а тој е на списокот на санкции на САД. Во јуни Орешарски под притисок на САД објави дека изградбата привремено запира и започна консултации со Европската комисија која бараше да се проверат детали од тендерот. 

Техничката влада ја именува претседателот. Таа ќе има право да води преговори за Јужен тек, но нејзините одлуки треба да ги одобри парламентот, а претседателот Росен Плевнелијев (претставник на партијата ГЕРБ и приврзаник на евроатланската ориентација) има право на вето. 

Веќе во средата, на 23 јули советот на директори на Бугарскиот енергетски холдинг не можеше да донесе одлука за кредитирањето од страна на Гаспром на бугарската делница од Јужен ток во вредност од 620 милиони евра. Според Иван Иванов, член на опозициската партија Демократи за силна Бугарија, кој воедно е и поранешен заменик-претставник на парламентарната комисија за енергетика, нема да бидат усвоени ниту амандманите, ниту законот за енергетика кои Бугарската социјалистичка партија ги поднесе во корист на Јужен тек. 

Можен развој на настаните 

Гаспром и Европската комисија не ја коментираат новонастанатата ситуација. Многу извори за весникот „Комерсант“ сметаат дека судбината на Јужен тек воопшто нема да се решава во Бугарија и дека всушност не е важно кој ќе дојде на власт.

Еден од нив се сомнева дека Софија ќе се откаже од гасоводот дури и по смената на владата и под притисок на Западот. Ако запре транзитот низ Украина, Бугарија ќе настрада, зашто таа речиси и нема алтернативни извори. Од друга страна, наплатата на транзитот и попустот на гасот од Јужен тек можат да го пополнат бугарскиот буџет. 

Со прогнозите на „Комерсант“ делумно се сложува и аналитичарот на холдингот „FIBO Group“ Василиј Јакимкин, кој на прашањето на „Руска реч на македонски“ одговори дека Бугарија е мошне заинтересирана за Јужен тек, но новата влада може да биде под влијание на САД и може привремено да го запре проектот. „Сепак, мислам дека сè ќе си дојде на свое место оваа зима, кога можат да се појават проблеми со транзит на гасот преку Украина, и дека ќе победи здравиот разум (и економската корист и безбедноста)“,, изјави за „Руска реч на македонски“ Јакимкин. 

Поскептичен е Иљја Прилепски од Економската експертска група. Тој смета дека постои голема веројатност реализацијата на спогодбата за Јужен тек да биде запрена. „Судејќи според резултатите од изборите за Европскиот парламент, на предвремените парламентарни избори најверојатно ќе победи десничарската партија ГЕРБ, која претходно веќе се имаше 'истакнато' со откажувањето од заедничките проекти со Русија (нуклеарната електрана Белене), смета Прилепски. „Освен тоа 'десничарскиот' претседател на Бугарија Росен Плевнелијев во јуни остро ја критикуваше социјалистичката влада за поддршката на проектот Јужен тек, укажувајќи на неговата неусогласеност со Третиот енергетски пакет на ЕУ“, потсети експертот во разговор со новинарот на „Руска реч на македонски“. 

Валериј Нестеров од компанијата „Sberbank CIB“ допушта можност роковите на пуштањето на гасоводот да бидат поместени за една година. 

Врз основа на материјалите на весникот „Комерсант“ и информации на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.