Амнестија за офшор-компаниите

Борбата со офшор-компаниите во Русија започна уште во декември 2013 година. Извор: РИА Новости

Борбата со офшор-компаниите во Русија започна уште во декември 2013 година. Извор: РИА Новости

Министерството за финансии на РФ предложија за офшор-компаниите чии сопственици се руски државјани да се примени даночна амнестија, под услов тие да решат своите активи да ги префрлат во Русија. Нацрт-законот што го подготви Министерството е дел од сеопфатниот проект за „деофшоризација“ на руската економија.

Амнестија на две години 

Според нацрт-законот што го подготви Министерството за финансии на РФ во соработка со Министерството за економски развој, паричните казни и пеналите за компаниите на руските сопственици што се регистрирани во офшор-зоните што не ги плаќаат даноците ќе се пресметуваат дури од 2017 година. 

Аналитичарот на инвестицискиот холдинг ФИНАМ Антон Сороко смета дека овој предлог е добро избалансиран. Како прво, сопствениците на офшор-компаниите имаат причина активите да ги префрлат на територијата на Русија пред да почне да им се пресметува данокот, а потоа и пеналите. Како второ, во буџетот на овој начин ќе се слеат дополнителни средства, зашто е тешко дека поголемиот дел компании ќе успеат да го сменат местото на регистрација до крајот на годинава. „Клучна цел на потегот што го презема Владата е да се намали уделот на сивата економија во Русија и капиталот што претходно ја има напуштено земјата, да се врати назад“, објаснува Антон Сороко. 

Руските даночни обврзници во странство на тешки маки
Руските власти се подготвени на даночната служба на САД да ѝ ги соопштат информациите за американските клиенти во своите банки, но притоа во предлог-законот внесоа реципрочна мера. Сите странски банки што соработуваат со руски клиенти би требало за тоа да ја известат Москва. Новиот закон веројатно пред сè ќе влијае на балканските земји, на Шпанија и на Грција.

Борбата со офшор-компаниите во Русија започна уште во декември 2013 година, кога претседателот Владимир Путин во своето обраќање кон Федералното собрание ги повика бизнисмените да се вратат под руска јуриздикција. Потоа во март 2014 година Министерството за финансии подготви нацрт-закон за таканаречено контролирање на странските компании [странски компании во кои руски граѓани се сопственици на дел од акциите – заб. ред.]. Според овој документ, сите физички и правни лица што контролираат 10% од офшор-компаниите се должни во рускиот буџет да уплатат данок на добивка од 20%. Освен тоа, сите сопственици со најмалку 1% капитал во ваквите компании се должни за тоа да ги известат даночните органи. Но, претставниците на крупниот бизнис што ги користат офшор-компаниите, меѓу другото, и за добивање странски кредити, се изјаснија против ваквиот нацрт-закон. Затоа тој беше изменет и сега тој се однесува само на сопствениците на контролниот пакет акции на офшор-компаниите. Во документот е исто така внесена одредба за привремена даночна амнестија. 

Според заменикот на раководителот на одделението за даночна практика на адвокатската канцеларија „Егоров, Пугински, Афанасјев и партнерите“ Марк Ровински, многу бизнисмени во Русија активно ги користат офшор-зоните, меѓу другото и со цел да ги избегнат даночните обврски. Основната тешкотија е во тоа кога државата не може да утврди кој е сопственик на компанијата што е регистрирана во офшор-зоната, а кој фактички управува со стратешкиот актив. Така на крајот на 2014 година главниот железнички оператор на Русија, компанијата „Руски железници“, на тендер избра изведувач на работите за реконструкција на неколку делници од Бајкалско-амурската и на Транссибирската магистрала – железнички пруги што минуваат низ целата земја и ги поврзуваат Европа и Азија. Работата за понуда од 43.7 милијарди рубли (1.3 милијарди долари) ја доби компанијата „Бамстројмеханизација“, која наспроти тендерот продаде 86.5% од своите компании на кипарската офшор-компанија „Sterema Limited“ и на компанијата „Heerden Holdings Ltd.“ од Британските Девствени Острови. Притоа не е познато кој стои зад овие офшор-компании. 

Уште покарактеристичен случај беше оној од почетокот на 2011 година. За време на истрагата во врска со терористичкиот напад на московскиот аеродром Домодедово, во кој загинаа 37 лица, федералните власти не успеаја да го утврдат сопственикот на аеродромот. Излезе дека најголемиот аеродром во Русија го контролира офшор-компанијата „DME Airport Limited“. На сослушувањето Валериј Коган, за кого се претпоставува дека е сосопственик на аеродромот, одби да го наведе дури и сопственото име, повикувајќи се на членот 51 од Уставот на Русија, кој му овозможува на обвинетиот на судот да не сведочи против себе (овој член е сличен на Петтиот амандман од Уставот на САД).  

Клучна цел на потегот што го презема Владата е да се намали уделот на сивата економија во Русија и капиталот што претходно ја има напуштено земјата, да се врати назад.

Антон Сороко

аналитичарот на инвестицискиот холдинг ФИНАМ

Општ контекст 

Според Марк Ровински, новите руски правила на борба со офшор-компаниите во голема мера се засновуваат на меѓународното искуство, на пример, на искуството на САД, на Велика Британија, Германија и на други развиени даночни системи. „Неопходноста во САД да се воведат правила се појавила по Втората светска војна, кога високите даночни стапки во САД станале мотив за тоа компаниите да преминат во друга зона на јуриздикција. Во САД во 1962 година се појави поимот „controlled foreign corporation“ (CFC), кои се однесуваат на секоја компанија во која над 50% од капиталот се контролирани од американски физички лица или претпријатија“, објаснува овој стручњак. Според него, терминот „контролирани странски компании“, што се користи во Русија, е всушност дословен превод на американскиот израз. Но, како што наведува водечкиот правник на компанијата „Пепељаев груп“ Пјотр Попов, воведувањето на овие правила ниту во САД, ниту во Велика Британија не ги има решено проблемите со одлив на добивката во офшор-зоните. 

„Сè на сè 'деофшоризацијата' во Русија треба да донесе извесен прилив на средства во буџетот. Но, потребно е воведување на стимулативни мерки, меѓу кои можат да се вбројат и даночната амнестија за капиталот што се враќа во Русија“, вели Марк Ровински. 

Освен тоа, според него „деофшоризацијата“ не би требало да биде апсолутна. Пјотр Попов за споредба нè потсетува дека во САД своевремено со учество на Барак Обама е подготвен прилично ригорозен нацрт-закон предлог за „деофшоризација“. Според овој предлог, за американски даночен обврзник се прогласува лице кое контролира некоја офшор-компанија, доколку дошол во каков и да е однос со таа компанија, па дури и ако од неа добил кредит. Но, на крајот овој документ не беше усвоен.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња