Изјавите на Путин и порастот на руските активи

Откажувањето на претседателот Владимир Путин од испраќање трупи во Украина позитивно влијаеше врз растот на рубљата, која во вторникот го постигна својот максимум за изминативе пет месеци. Извор: Ројтерс.

Откажувањето на претседателот Владимир Путин од испраќање трупи во Украина позитивно влијаеше врз растот на рубљата, која во вторникот го постигна својот максимум за изминативе пет месеци. Извор: Ројтерс.

По средбата со претседателот на Австрија, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека го поддржува мирното решение на конфликтот во Украина и се откажа од правото за примена на воени сили на територијата на оваа земја. По споменатите изјави нагло скокна вредноста на руските активи. Ова е само уште една епизода во приказната за комплицираните односи во настаните поврзани со украинската криза, курсот на рубљата и берзанските индекси.

Мировен план 

За време на официјалната посета на Виена Владимир Путин го поддржа мировниот план за решавање на конфликтот во Украина. Според шефот на руската држава, „ако видиме дека се започнати конкретни преговори со цел луѓето на истокот од Украина да можат да сфатат како ќе бидат гарантирани нивните легитимни интереси, во тој случај постои голема веројатност дека ќе биде постигнат успех“. Згора на тоа, Владимир Путин го повика Советот на федерацијата (горниот дом на рускиот парламент) да ја поништи одлуката што претходно ја беше донел и која му дозволува да примени вооружени сили на територијата на Русија. 

Поддршка на руската валута, како и претходно, ѝ дава високата цена на нафтата, некаде околу 114 долари за „брент“. 

Александар Максимов, „AForex“

По оваа изјава нагло скокна курсот на рубљата во однос на доларот и на еврото. Рубљата за еден ден го достигна јануарското ниво, а двата главни руски берзански индекси ММВБ (Московска меѓубанкарска валутна берза) и РТС (Руска трговска берза) пораснаа за 2.2%, односно за 3.8% (т.е. на 1421, односно на 1518 поени). Зајакнувањето на рубљата влијаеше да се зголеми побарувачката на обврзници. Долгорочните обврзници поскапеа за околу 50 базни поени. Згора на тоа, вредноста на акциите на Гаспром за еден ден пораснаа за 4.1%. 

„Не е тајна дека рејтинзите на финансиските инструменти ги пресметуваат сите фактори и очекувања на инвеститорите, па и ризиците. Во последниве месеци главниот стимуланс на промените на рускиот пазар беа геополитичките ризици поврзани со конфликтот во Украина“, вели главниот аналитичар на инвестициската компанија UFS IC Алексеј Козлов. Според него, една од компонентите на ваквите ризици беа стравувањата на западните земји поради можната интервенција на руската армија на територијата на Украина. „Откажувањето на претседателот Владимир Путин од испраќање трупи на југоистокот на Украина позитивно влијаеше на порастот на рубљата, која во вторникот го постигна својот максимум во последниве пет месеци. Поддршка на руската валута како и претходно ѝ дава и високата цена на нафтата, некаде околу 114 долари за 'брент'“, вели аналитичарот на финансиската компанија „AForex“ Александар Максимов. 

Нова тужба на „Гаспром“ против Украина
Рускиот гасен гигант „Гаспром“ се подготвува да поднесе уште една тужба до арбитражниот суд во Стокхолм против „Нафтогас на Украина“. Како што изјави претседателот на Управниот одбор на компанијата Алексеј Милер, предмет на тужбата е сума од 18 милијарди долари, покрај веќе постоечкиот долг од 4.5 милијарди долари.

Исто така во март 2014, пазарите брзо реагираа на соопштенијата за влегувањето на Крим во состав на Русија, како и на дозволата која Советот на федерацијата ја даде за испраќање трупи на територијата на Украина. Тогаш по отворањето индексите РТС и ММВБ во текот на еден ден забележаа пад за 4.8-5%, поевтинеа акциите на државната  ВТБ банка за 9.5%, на Сбербанка (најголемата банка во земјата) за 9%, а на Гаспром за 6.4%. 

Цената на еден збор 

Експертите очекуваат дека рубљата во следниот период уште повеќе ќе порасне. „континуитетот на слични чекори на добра волја може позитивно да се одрази на севкупниот имиџ на Русија, што во понатамошна перспектива може да стане еден од аргументите во корист на одлуката да се инвестира во Русија, што може позитивно да влијае врз тековите на парите“, вели Алексеј Козлов. Според него, „претседателот на Русија умее прецизно да ги изразува мислите, може да прави нестандардни и важни потези кои инвеститорите ги очекуваат, што понекогаш мошне силно се одразува врз пазарите“.

Изјавите на Владимир Путин во повеќе наврати влијаеја не само врз берзанските индекси, туку и врз рејтинзите на конкретни компании. Најпознатиот случај беше на 24 јули 2008 година, кога на советувањето „За мерките на развој на црната металургија и снабдување на внатрешниот пазар со производи од метал“ рускиот претседател ја обвини руската компанија „Мечел“ за продажба на јаглен на внатрешниот пазар по претерано високи цени. Главниот акционер на компанијата Игор Зјузин поради болест не присуствуваше на советувањето. „Мислам дека Игор Владимирович [Зјузин] треба што поскоро да закрепне, инаку ќе мораме да испратиме лекар за да ги исчисти сите тие проблеми“, рече тогаш Владимир Путин. По оваа изјава, уште истиот ден, рејтингот на акциите на „Мечел“ падна за 38%. „Овој настан ја покажа намерата на власта да се вмеша во формирањето на цените на пазарот на метали, што директно би влијаело врз капитализацијата на компанијата во овој сектор од стопанството. Вака пазарот реагира на изјавите кои со себе повлекуваат важни економски последици“, објаснува Александар Дорофеев, генерален директор на компанијата за консалтинг „Аркаим“. 

Како што подоцна пресметаа новинарите на рускиот неделен магазин „Комерсант-Власт“, Владимир Путин во своето излагање за компанијата „Мечел“ изговорил 108 збора. Со оглед дека капитализацијата на компанијата се намали од 15.5 на 10.7 милијарди долари, излегува дека секој збор ја чинел компанијата 44.4 милиони долари. Подоцна, во јули 2010 година, Владимир Путин призна дека жали поради своите критики кон „Мечел“ од пред две години и ја пофали оваа компанија за успесите. По ова цената на акциите на „Мечел“ на њујоршката берза на хартии од вредност веднаш скокна за 7.7%, а капитализацијата се зголеми од 8.59 на 9.25 милијарди долари. Рускиот претседател тогаш за компанијата „Мечел“ кажа само 68 збора, што значи дека секој негов збор во оваа пригода на компанијата ѝ донел 9.7 милиони долари.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.