Извор: Росијскаја газета
Двосмислена поддршка
Шефот на Гаспром, Алексеј Милер, и генералниот директор на австриската компанија за нафта и гас OMV Герхард Ројс потпишаа спогодба за создавање паритетен почеток на компанијата South Stream Austria. Според овој документ, австрискиот дел ќе минува од границата со Унгарија до крајната точка во австрискиот Баумгартен, а неговата пропусна моќ ќе биде 30-32 милијарди кубни метри гас годишно. Вкупната вредност на овој дел изнесува 200 милиони евра, а двете страни го финансираат паритетно. „Слични вакви претпријатија беа создадени со националните компании за нафта и гас и во другите земји, низ чии територии се претпоставува дека ќе биде изграден надземниот дел од гасоводот: Бугарија, Унгарија, Грција, Србија, Хрватска и Словенија“, објаснува содиректорот на аналитичкото одделение на „Инвесткафе“ Григориј Бирг.
Првите испораки на гас низ гасоводот треба да започнат кон крајот на 2015 година, но целосната моќност од 63 милијарди кубни метри годишно тој треба да ја постигне во 2018 година. Гасоводот ќе минува по дното на Црното море во Бугарија, а понатаму преку Србија, Унгарија и Словенија на североистокот од Италија. Вкупниот буџет на проектот се оценува на 16 милијарди евра, од кои 10 милијарди отпаѓаат на морскиот дел. Притоа на морскиот дел од проектот Јужен тек 50% отпаѓа на Гаспром, 20% на италијанската фирма Eni, а со по 15% учествуваат германската компанија Wintershall Holding и француската EDF. За Гаспром овој проект е важен со оглед на тоа дека дава можност за извоз на рускиот гас во Европа, заобиколувајќи ја територијата на Украина: украинската компанија Нафтогас нема платено за испорака на гас од почетокот на 2014 година.
Во рамките на потпишувањето на спогодбата со Гаспром шефот на австриската компанија исто така истапи со поддршка за Јужен тек, изјавувајќи дека на неговата реализација не треба да се ставаат пречки, туку дека треба да се забрзаат преговорите за проектот. Под притисок од страна на САД и на Европската Унија од работата на проектот се откажаа претставниците на Бугарија, а набргу потоа слична изјава беше дадена и од претставниците на Србија.
Претходно претставниците на Европската комисија изјавија дека Јужен тек е во противречност со Третиот енергетски пакет, кој претпоставува разделување на транспортниот и на распределувачкиот гасен бизнис.„Истата компанија не може истовремено да биде и доставувач за европските земји и сопственик на самостојно изграден гасовод, по кој гасот доаѓа до потрошувачите„, објаснува Григориј Бирг. Односно, за да може Гаспром да го испочитува Третиот енергетски пакет ќе мора да овозможи пристап до гасоводот за други доставувачи на гас, при што, реално постои таква закана. Сосема неодамна мораше да го повлече својот капитал од Lietuvos Dujos и Amber Grid, кои се занимаваат со испорака и распределба на гас на внатрешниот пазар на Литванија бидејќи основен доставувач на гас во оваа земја е Гаспром, а тоа противречеше на нормите од Третиот енергетски пакет и на литванското законодавство.
Политички контекст
Според генералниот директор на компанијата за консалтинг East European Gas Analysis Михаил Корчемкин, поддршката на Австрија не го решава проблемот со Јужен тек. „Проектот мора да биде реализиран во согласност со законите на Европската унија, кои руската страна моментално се обидува да ги оспори пред Светската трговска организација. Појавата на австрискиот партнер, според тоа, ништо не менува“, објаснува стручњакот за „Руска реч на македонски“. Освен тоа, според него, компанијата OMV е заинтересирана азербејџанскиот гас да добие пристап до Јужен тек, зашто конкуренцијата меѓу производителите секогаш им одговара на интересите на потрошувачите, а во овој случај тоа е Европската унија.
Стручњаците сметаат дека спогодбата помеѓу руската и австриската страна е пред сè политички, одошто деловен. „Приклучувањето на Австрија кон Јужен тек значи само едно: и покрај значителниот притисок, европските земји сметаат дека Јужен тек е важен и неопходен проект и се подготвени да учествуваат во него, зашто овој проект навистина значи диверзификација на испораката на гас во Европа и им гарантира на европските земји дека за својата економија ќе го добијат потребното снабдување со најважната суровина и енергенс“, вели водечкиот стручњак на компанијата „Финам Менеџмент“ Дмитриј Баранов. Според него, доколку Европа навистина сака да постигне диверзификација во испораката на гас, би било логично и оправдано да ја зачува Русија како снабдувач за да не стане зависна од другите држави и за секогаш да има можност да маневрира во зависност од тоа како ќе се менува политичката или економската ситуација во светот.
Како што изјави Владимир Путин на средбата со својот австриски колега, Европа би можела да обезбеди алтернативно снабдување со гас од САД, кои благодарение на експлоатацијата на гас од шкрилци веќе станаа најголем производител на гас во светот. Претседателот на САД Барак Обама, меѓу другото, призна дека американските компании се подготвени да ја снабдуваат Европа со гас, но неговата цена заради прекуокеанскиот транспорт веројатно ќе биде значително повисока од онаа што ја нуди Гаспром.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче