„Made in BRICS“

Електронската трговија сега изнесува околу 5% од вкупниот трговски обрт  меѓу земјите на БРИКС. Извор: Shutterstock.

Електронската трговија сега изнесува околу 5% од вкупниот трговски обрт меѓу земјите на БРИКС. Извор: Shutterstock.

Министрите за економија и за трговија на земјите на БРИКС ќе се соберат кон средината на јули во Бразил. Во рамките на оваа средба планирано е Москва и Бразил да потпишат заеднички план за развој на соработката за 20014-20015 година. Во рамките на средбата министрите ќе го разгледаат создавањето услови за развој на електронската трговија без ограничувања меѓу земјите-членки.

Бразилскиот град Форталеза на 14 јули ќе биде местото на кое ќе се разгледува економската програма на земјите-членки на БРИКС. Програмата на средбата ќе биде мошне богата, изјави за „Руска реч на македонски“ претставник од Министерството за економски развој на Русија. 

Меѓу другото, државниците треба да ги разгледаат начините за развој на трговијата во рамките на блокот во правец на зголемување на застапеноста на стоката со висока додадена вредност. Заедничкото соопштение за тоа практично е подготвено, објаснува за „Руска реч на македонски“ извор од Министерството за економски развој на РФ. Оваа иницијатива ја покренале партнерите од Јужноафриканската Република. Исто така ќе бидат разгледани предлозите и инцијативите на Русија, Кина и на Јужноафриканската Република за понатамошно зголемување на трговската и на инвестициската соработка. 

БРИКС основа свој монетарен фонд
ММФ наскоро нема да биде единствената организација на светот која може да даде меѓународна финансиска помош. Земјите на БРИКС ќе основаат алтернативни институции: сопствен монетарен фонд, развојна банка и заеднички девизни резерви. Сето тоа би требало да им помогне на земјите од БРИКС постепено да воспостават соработка бес посредство на доларот.

Освен тоа, државниците ќе го разгледаат предлогот на Стратегијата за економски развоја на земјите од БРИКС, кој е најважната иницијатива на Русија. Москва го иницираше овој проект по самитот на БРИКС во Дурбан (ЈАР). Анализирани се националните стратегии на земјите-учеснички, а потоа за време на подготвителната фаза на проектот се тежнееше кон тоа да се унапреди нивната конкурентност на пазарот, максимално земајќи ја предвид комплементарноста на економиите на земјите-членки, со користење на нивните силни страни, објаснува изворот од Министерството.

Во моментов проектот се наоѓа во фаза на усогласување. Министерството за економски развој на РФ смета дека лидерите на земјите-учеснички во блокот конечно ќе ја усвојат Стратегијата на самитот во Уфа, кој ќе се одржи во 2015 година за време на руското претседавање со БРИКС. 

„Приоритетни сфери на соработка на земјите-учеснички, наведени во предлогот на Стратегијата, се трговијата и инвестициите, преработувачката индустрија и експлоатацијата на природните богатства, енергетиката, сообраќајот и логистиката, земјоделското производство, иновациите и технолошката размена. Сметаме дека токму овие области ќе бидат оние точки на пораст кои ќе им овозможат на земјите од БРИКС да ги зајакнат своите позиции во светската економија и успешно да ги надминат кризните појави“, објаснува изворот за „Руска реч на македонски“. 

Тој не ги откри останатите детали од документот, туку само обрна внимание дека засега не станува збор за воведување заедничко обележување на стоката под условната ознака „Made in BRICS“. „Циркулацијата на стока под заедничка ознака подразбира постоење заеднички пазар во класична смисла со сите дополнителни атрибути и институционална основа. БРИКС е релативно млада организација и потребно е да поминеме уште многу чекори за да можеме да го реализираме сериозно потенцијалот на нашата соработка“, соопштува изворот. 

Аргентина сака во БРИКС
Добро познатата кратенка БРИКС наскоро би можела да се смени во БРИКСА. Имено, своја желба да се приклучи кон неформалниот сојуз во кој влегуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република изрази и Аргентина. Индискиот амбасадор во Аргентина Арменд Кхатуа деновиве изјави дека во врска со ова прашање позитивно се изјасниле Бразил, Индија и ЈАР, додека Русија и Кина засега ја разгледуваат иницијативата на Буенос Аирес.

Освен тоа, во рамките на средбата на министри ќе биде разгледан развојот на соработката во областа на електронската трговија. Целта на оваа иницијатива, како што ни беше објаснето во Министерството, претставува создавање услови за развој на електронската трговија без ограничувања меѓу земјите-членки. Аналитичарите со кои разговараше „Руска реч на македонски“ засега со скепса се однесуваат кон можноста проектот за развој на Интернет-трговијата значително да влијае врз показателите на трговската размена. Трговијата со стока за широка потрошувачка преку Интернет веќе постои (на пример, кинеските онлајн-продавници активно ја пласираат својата стока во Русија). „Забрзаниот развој на електронската трговија почна на почетокот на 21 век. Засега таа сочинува 5% од вкупниот трговски обрт и затоа не треба да се очекува дека развојот на електронската трговија сериозно ќе влијае на стоковната размена меѓу земјите на БРИКС“, изјави за „Руска реч на македонски“ доцентот на Катедрата за регионален развој и меѓународна соработка при Руската академија за народно стопанство и државна администрација (РАНХиГС) Роман Андреешчев. 

Како што изјави за „Руска реч на македонски“ извор од Министерството за економски развој, Кина планира во рамките на средбата на министри да биде разгледана Рамковната спогодба за зајакнување на економската соработка и Акциониот план за поедноставување на трговијата и на инвестициите. Јужноафриканската Република предлага да бидат разгледани резултатите од семинарот за прашањата за потпишување инвестициски договори, кој беше одржан за време на нејзиното претседавање со БРИКС. На крајот на средбата ќе биде усвоено заедничко соопштение за јавноста. 

Се претпоставува дека во рамките на посетата на руската делегација на Бразил ќе бидат покренати прашањата за билатералните соработки. Меѓу другото, на маргините на средбата на министри планирано е потпишување на Акционен план за развој на трговско-економската соработка помеѓу Русија и Бразил за 2014-2015 година. Документот предвидува заеднички потези во рамките на соработката на перспективни проекти кои се во интерес на обете земји, како и јакнење на меѓурегионалната соработка, размена на деловни цели, учество на руски и на бразилски бизнисмени на меѓународни изложби и саеми, како и во други деловни потфати. Како што објаснува изворот за „Руска реч на македонски“, заедничкото учество на руските компании и на бразилските партнери во изградбата на големи објекти на територијата на Бразил во сферата на енергетиката (вклучувајќи ја и нуклеарната енергија), инфраструктурата, производството на авиони кое започна да се развива во текот на последниве неколку години во контекст на вкупниот пораст на билатералната трговско-економска соработка, може да доведе до консолидирање и јакнење на цел комплекс билатерални односи, како и до зголемување на уделот на високотехнолошки производи и стока со висока додадена вредност во структурата на нашата стоковна размена. 

Според податоците од 2013 година обемот на трговската размена на Русија со земјите од БРИКС достигнал 105.4 милијарди долари, што изнесува 12% од обемот на вкупната надворешна трговија на Русија. Резултатите за првите четири месеци од 2014 година влеваат надеж дека оваа година нема да дојде до пад на овој показател. Во периодот од јануари до април 2014 година обемот на трговската размена достигна 33.5 милијарди долари. Учесничките во блокот успеале да постигнат значителен напредок во основањето заеднички институции, кои во иднина треба да ја зајакнат соработката меѓу нив. Меѓу другото, станува збор за основање Развојна банка и заеднички девизни резерви, а во тек е и развој на иницијативата за основање заеднички фонд за реосигурување.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња