Евроазија развива единствена економија

Во практика веќе се потврдува дека интеграциските процеси меѓу Русија, Белорусија и Казахстан се поволни и дека се исплатливи за сите три страни. Извор: Росијскаја газета.

Во практика веќе се потврдува дека интеграциските процеси меѓу Русија, Белорусија и Казахстан се поволни и дека се исплатливи за сите три страни. Извор: Росијскаја газета.

Претседателите на Русија, Казахстан и на Белорусија – Владимир Путин, Нурсултан Назарбаев и Александар Лукашенко – во главниот град на Казахстан Астана потпишаа историски договор за основање Евроазиска економска унија. ЕАЕУ ќе почне да функционира на 1 јануари 2015 година. До 2025 година трите страни би требало да формираат единствен пазар на нафта и на гас.

Според изјавите на Владимир Путин, овој документ значи принципиелно ново ниво на интеграција на земјите-членки. „Во целосна мера се задржува државниот суверенитет, ние обезбедуваме потесна и поускладена економска соработка“, изјави претседателот. 

Како што изјави за порталот vz.ru раководителот на лабораторијата за меѓународна трговија при Институтот за економска политика „Гајдар“ Александар Кнобељ, спогодбата на ЕАЕУ не носи ништо ново од економска гледна точка. Сè што е забележено во документот веќе е пропишано во рамките на другите сојузи на кои им припаѓаат трите земји. Затоа, благодарение на создавањето на Унијата во кус временски период нема да дојде до значителен обем на трговијата меѓу нив. Уште повеќе што трговијата меѓу членките на Унијата уште од 1992 година е ослободена од плаќање царина, вели Кнобељ. 

Наместо Царинска унија – Евроазиска економска унија
Русија, Белорусија и Казахстан на самитот во Минск ја потврдија својата намера до 2015 година врз основа на Царинската унија да формираат Евроазиска економска унија (ЕЕУ). Лидерите сметаат дека на новата алијанса подоцна би можеле да ѝ се приклучат и Турција, Индија, па дури и Сирија. Украина, меѓутоа, според зборовите на претседателот Владимир Путин, зазеде курс кон асоцијациско членство во ЕУ и повеќе за неа нема можност да влезе во Царинската унија.

Но, во четвртиот сегмент на спогодбата новата унија создава основа за изнаоѓање понатамошни компромиси и за укинување на останатите ограничувања. Трите држави врз себе преземаат одговорност да гарантираат слободно движење на стоката, услугите, капиталот и на работната сила во самата Унија. Членките на Унијата ќе спроведуваат усогласена политика за клучните гранки на стопанството: енергетиката, индустријата, земјоделството и сообраќајот. 

Во овој сегмент од документот најавени се идни договори во врска со стоковниот и со финансискиот пазар, како и во врска со роковите за нивната реализација, објаснува Кнобељ. Така, до 2025 година треба да почне со работа заедничката финансиска регулативна агенција, а потписничките на договорот би требало да постигнат единствена макроекономска, антимонополска, монетарна и финансиска политика. За 11 години трите страни би требало да формираат единствен пазар на нафта и гас. До 2019 година Русија, Казахстан и Белорусија имаат намера да создадат заеднички електроенергетски пазар. Брз напредок е планиран и на полето на создавање заеднички пазар за фармацевтски и медицински средства – рокот во оваа област е 1 јануари 2016 година. 

Единствен пазар на енергетски ресурси 

Создавањето единствени пазари во различни сектори значи не само слободно движење на стоката во самата ЕАЕУ, туку и хармонизација на правилата и на тарифите кои важат на пазарите на трите земји.

Кога станува збор за електричната енергија, денес Русија електрична енергија извезува во Белорусија и во Казахстан, а увезува од Казахстан. „Ние имаме пониски тарифи за струја за домашните производители и, секако, партнерите од ЕАЕУ сакаат да ги добијат тие цени. Тука лежи нивниот интерес“, вели Кнобељ. 

Казахстан и Белорусија се обидуваат да добијат пристап до руските ресурси на нафта и на гас, иако нивните интереси се разликуваат, вели заменикот на генералниот директор на Фондот за национална енергетска безбедност Алексеј Гривач. 

Увозот на руската нафта во Белорусија исто така не се оданочува, но Минск во рускиот буџет уплатува извозни давачки за испорака на нафтени деривати (произведени од руска нафта) во Европа (во трети земји надвор од Царинската унија). 

За Казахстан, секако, исто така би било поволно да купува руска нафта по цените кои важат за рускиот внатрешен пазар. Казахстан е заинтересиран и да ја користи инфраструктурата на територијата на Русија за да може самостојно да извезува гас во Европа, смета Алексеј Гривач. 

Токму затоа Русија инсистираше на подолг период за премин кон единствениот енергетски пазар, за да се случи таа да губи пари и можност за заработка, и згора на тоа да добие конкурент на европскиот пазар. А, за 11 години цените на енергетските ресурси во Русија би можеле да се приближат на извозните цени. Освен тоа, европскиот пазар би може да изгуби на значење за „Гаспром“, а можно е и Казахстан повеќе да нема вишок гас за извоз во ЕУ.

Потенцијал на порастот на БДП на трите земји 

Во практика веќе се потврдува дека интеграциските процеси меѓу Русија, Белорусија и Казахстан се поволни и дека се исплатливи за сите три страни. Економските врски меѓу трите земји се проширија, се унапредува структурата на трговијата, се зголемува уделот на високотехнолошка стока во вкупната стоковна размена, а конкурентноста на трите земји расте. 

Така, за последните три години прометот на стока во Царинската унија пораснал практично за 50% или за 23 милијарди долари (според податоците од 2013 година достигнал 66.2 милијарди долари). Белорусија и Казахстан заедно го зазедоа третото место во надворешнотрговскиот биланс на Руската Федерација, веднаш по ЕУ и Кина. 

Денес зголемувањето на економската ефикасност по интеграцијата се наоѓа во фаза на укинување на нетарифни ограничувања, нагласува стручњакот на Институтот „Гајдар“. 

ЕАЕУ исто така развива можности во поглед на интеграцијата со трети земји надвор од рамките на актуелните членки. Според Путин, членките на новата унија се договориле да ги интензивираат преговорите со Виетнам за создавање слободна трговска зона, да ја зајакнат соработката со НРК (меѓу другото и во сферата на размена на информации за стоки и услуги), како и да формираат експертски групи за разработка на преференцијални режими на трговија со Израел и со Индија. Да потсетиме дека се во тек и преговорите за создавање слободни економски зони со Нов Зеланд. 

Рускиот текст на порталот на vz.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња