Александар Новак, министер за енергетика на РФ: Потрошувачката на енергенси пред сè ќе расте во азиско-тихоокеанскиот регион. Извор: Росијскаја газета
Неодамна беше завршена посетата на руската делегација на Кина, за време на која е потпишана досега најголемата спогодба за испорака на рускиот гас на кинескиот пазар. Можеме ли да кажеме дека ова спогодба е последица на заладувањето на односите на Русија со западните партнери?
Односите со Кина на ниту еден начин не се поврзани со настаните во Европа. Со Кина одамна имаме стабилни односи и голем број меѓувладини комисии, меѓу другото и за прашањата поврзани со енергетиката. За време на планираната посета на Кина потпишани се поголем број спогодби кои, се надевам, ќе бидат придвижувачи за идниот развој на билатералните односи.
Кои пазари се денес најперспективни од гледна точка на зголемувањето на испораките на руските енергетски ресурси?
Ние секогаш сме ги исполнувале своите договорни обврски пред нашите традиционални купувачи, пред сè кон Европската Унија, и немаме намера да се откажеме од нив. Но, потрошувачката пред сè ќе расте во азиско-тихоокеанскиот регион, во земјите како што се Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореа, во островските земји итн. Со цел да одговориме на оваа побарувачка, ние ја развиваме експлоатацијата на наоѓалиштата и ја создаваме сета потребна инфраструктура. Но, посебно сакам да истакнам дека без оглед на појавувањето на нови проекти, ги задржуваме нашите приоритети на европскиот пазар.
Почувствувавте ли извесна заладеност во односите со западните партнери?
Секако, денес американските и европските компании кои работат во Русија се изложени на голем притисок од страна на политичарите. Но, овој притисок не е заснован на економијата, туку на политиката. Самите компании сметаат дека воведувањето санкции е непродуктивно.
Дали, според Вас, постои објективна алтернатива за руските испораки во Европа? И како во врска со тоа ги гледате најавите на САД Европа да премине на американска испорака на гас?
Станува збор за неосновани изјави. Без руските енергетски ресурси Европа нема да може да ги покрие своите потреби. Ќе поминат многу години за да може да биде возможно намалувањето на нашиот удел во испораките. Оваа ситуација е историски условена: Русија е богата со природни ресурси, а Европа не е. Освен тоа, до 2020 година вкупното количество гас кое се добива во Европа ќе се намали за 100 милијарди кубни метри, односно за 20 отсто. При какво и да е намалување на нашата испорака ќе дојде до значителен раст на цените, така што за откажување од руските енергетски ресурси можат да зборуваат само луѓе кои слабо се разбираат во системот на меѓународните пазари.
Ние сме подготвени на пазарот да се натпреваруваме со сите производители што ќе испорачуваат енергенси во Европа, но засега од гледна точка на цената на Русија никој не може да ѝ парира. Дури и Катар значително го намали количеството испораки во Европа и овој гас го пренасочи во Азија, зашто таму цената е повисока. Во овој момент САД немаат вишок гас, ниту имаат усвоено законодавство за извоз на гас, а постои и ризик дека во самата земја ќе дојде до поскапување во случај на интензивирање на испораките во странство. Според податоците со кои располагаме, засега е донесена одлука само за изградба на терминал за производство на течен гас, со вкупен капацитет од 9 милиони тони, и овој гас претежно ќе биде пласиран во азиските земји. Тешко дека некој има желба, вклучувајќи ги и американските дистрибутери, да ја субвенционира цената на гасот за Европа. Некој би сакал уделот на руските испораки да се намали, но од економска гледна точка ова засега не е возможно, иако ние, во секој случај, сме подготвени за отворена конкуренција.
Од гледна точка на диверзификацијата на испораката, какви се перспективите на Јужен тек и може ли тој да го повтори успехот на Северен тек?
Процесот е во тек, првиот гас би требало да стаса во Бугарија во 2017 година. Овој проект е од исклучителна важност за балканските земји и тие самите го потврдуваат тоа. За нив тој носи инвестиции од повеќе милијарди, даночни добивки, како и такси за транзит на гас, што ќе ги плати Русија. Секако дека овие земји заинтересирани за вакви иницијативи.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче