ТЕ-ТО оди во кинески раце?

Извор: EVER Group

Извор: EVER Group

Руската енергетска компанија ТГК-2, која во своја сопственост ја има термоелектростаницата ТЕ-ТО од Скопје ја разгледува можноста за продажба на дел од активите на кинески инвеститор. На овој начин руската компанија смета дека ќе добие средства за гаснење на долгот. Централата се проценува на 9.6 милијарди рубли (263 милиони американски долари).

Генерирачката компанија ТГК-2 направи зделка за добивање на ТЕЦ со моќност од 220 МВт во главниот град на Македонија Скопје. На 28 мај енергетската компанија соопшти дека ги има добиено 100% од акциите кои се регистрирани на име на компанијата Bitar Holdings Limited, кому му припаѓаат 89.2% од акциите на ТЕ-ТО АД Скопје, која е сопственик на ТЕЦ. Се проценува дека вредноста на станицата е близу 9.6 милијарди рубли (263 милиони американски долари), појаснуваат во ТГК-2.

ТГК-2 (Територијална генерирачка компанија бр. 2) е руска енергетска компанија. Таа е под контрола на финансиско-индустриската групација „Синтез“ на сенаторот Леонид Лебедев. ТЕЦ во Скопје долго време се сметаше како проект на самата „Синтез“. Сега во групацијата појаснуваат дека при изградбата на македонската ТЕЦ „Синтез“ „настапила како оператор, кој управува со изградбата во интерес на компаниите-инвеститори“, без да се појасни какви се тие компании.

Всушност ТЕЦ во Македонија ѝ припадна на компанијата ТГК-2 од заостанат долг. Во 2010 година ТГК-2 го прифатила предлогот на некоја инвестициска компанија за инвестиција во долговите на компанијата за добивање гас „Севернефт“, со имот, за која требало да се платат 220 милиони американски долари. Зделката била склучена, но потоа била оспорена, и „Севернефт“ ја купил „Еврохим“. Инвестициската компанија ѝ останала должна на ТГК-2 и предложила да се купи ТЕЦ во Македонија и да ја предаде на енергетската компанија. „Контролата на ТЕЦ е воспоставена преку акциите на компанијата Bitar, кои претходно биле под контрола на инвестициската компанија“, појаснуваат во ТГК-2. 

Притоа македонската ТЕЦ е важна за ТГК-2 од гледна точка на гаснење на сопствените долгови, меѓу кои и кон Гаспром, кому компанијата му должи 6.9 милијарди рубли. Првиот човек на енергетската компанија Андреј Корољов претходно изјави дека деивестицијата (продажбата) на три активи – на ТЕЦ во Волгода, во Новогород и во Македонија – би можеле „да ја донесат задолженоста на нула“. 

Потенцијален купувач на ТЕЦ во Македонија би можел да стане кредиторот на ТГК-2 „Гаспром“. Извори од пазарот за Комерсант велат дека „Гаспром енергохолдинг“, откако ги проучил активите на ТГК-2, ја разгледал и електростаницата во Скопје. Но, на прашањето на Комерсант, во „Гаспром енергохолдинг“ изјавиле дека „во моментов не се заинтересирани за никакви активи на ТГК-2“. 

Всушност, според податоците на весникот, постои варијанта за продажба на дел од активот на некоја „кинеска компанија“. „Синтез“ има искуство во соработката со Кинезите: Андреј Корољов минатата година призна дека преговори за продажба на ТГК-2 во целост или во делови постоеле, и тоа со Државната компанија на електрични мрежи на КНР (со неа „Синтез“ има склучено спогодба за можна изградба на генератори на Далечниот Исток). Освен тоа, „Синтез“ со Huadian (51% кинеска сопственост) гради ТЕЦ во Јарослављ. Но, според мислењето на аналитичарот на финансиската корпорација „Откритие“ Сергеј Бејден, процената на ТЕЦ на 1.300 американски долари за 1 киловат час моќност „се чини премногу“ ако се земе предвид дека гасната генерација во Европа најчесто се намалува. Тој се сомнева дека инвеститорите ќе се согласат да влезат во активите при вакви услови. 

Целосниот текст на сајтот на Комерсант

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња