Припејд гас за Украина

Според податоците што ги објави Гаспром, вкупниот долг на Украина изнесува 3.5 милијарди долари. Извор: РИА Новости

Според податоците што ги објави Гаспром, вкупниот долг на Украина изнесува 3.5 милијарди долари. Извор: РИА Новости

Рускиот гасен холдинг Граспром отсега на Украина ќе ѝ го наплатува гасот однапред, зашто украинската страна сè уште го нема исплатено долгот од 3.5 милијарди долари. Руската компанија на Украина веќе ѝ ја испрати сметката за јуни. Доколку парите не бидат уплатени до почетокот на јуни, ќе биде загрозена и испораката на гас за Европа, зашто не е исклучено неовластено земање од транзитниот гас од страна на Киев, каков што беше случајот во 2006 година.

Конечна одлука 

Според изјавата на Гаспром, доколку Украина не ја плати сметката за јуни, руската гасна компанија на 3 јуни до 10 часот по локално време ќе ја извести украинската страна дека испораката на гас е прекината. Претставниците на Гаспром велат дека ваквата одлука е донесена зашто украинската страна на почетокот на мај не го платила гасот за април. Според податоците што ги објави рускиот холдинг, вкупниот дол на Украина изнесува 3.5 милијарди долари. Толку чини 9.42 милијарди кубни метри гас, а тоа може да се спореди со вкупното количество гас што „Гаспром“ ѝ го испорачува на Полска. Сега руската компанија го измени начинот на наплата за да се избегне зголемување на долгот. Претходно гасот беше испорачуван според системот „take or pay“, според кој потрошувачот го плаќа гасот откако ќе го добие. Овој систем Гаспром го применува во работата со европските купувачи. 

Русија не може сама да ѝ помага на Украина
Ситуацијата со исплатата на украинскиот гасен долг западна во ќор-сокак. Неопходни се колективни напори на ЕУ и Русија, им напиша претседателот Владимир Путин на лидерите на 18 европски држави. Тој нагласи дека „Русија повеќе не мора и не може сама да го носи бремето на помош на украинската економија со давање попуст на цената на гасот и со простување на долгови, со фактичко плаќање на дефицитот во трговијата на Украина и на земјите-членки на ЕУ преку своите субвенции“.

Проблемот е во тоа што рускиот гас се транспортира во Европа главно преку територијата на Украина. Поради тоа, според водечкиот експерт на менаџерската компанија „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов, „во случај Украина да не го плати гасот не е исклучено неовластено земање од транзитниот гас, што на Европа нема многу да ѝ се допадне“. Ова веќе се случи во јануари 2006 година, кога Украина не плати за гас и почна да користи од гасот наменет за европските потрошувачи. Подоцна украинската страна официјално признала дека неовластено земала гас. Според Григориј Бирг, содиректор на аналитичкото одделение на Агенцијата „Инвесткафе“, и понатаму е голема веројатноста дека Украина и во иднина нема да плаќа за гасот навреме и в целост. „Во прилог на тоа зборува нестабилната политичка ситуација и економската криза во земјата“, вели експертот. 

Има пари 

Украина, според мислењето на руската страна, има пари да го плати гасот. „Пари има, украинската страна, претходно ги зеде на кредит, и токму тие пари можат да бидат насочени за плаќање на гасот“, вели Иван Капитанов, доцент на катедрата за државно регулирање на економијата на Руската академија на народното стопанство и на државната администрација (РАНХиГС) при претседателот на РФ. Според него, „Русија од април можеше да премине на авансно плаќање, но не го стори тоа, со што придонесе ситуацијата да стане апсурдна, и дури сега го искористува своето право“. На почетокот на мај управниот одбор на ММФ ѝ одобри на Украина кредитна линија од 17 милијарди долари и Киев веќе ја доби првата транша од 3.2 милијарди долари. Оваа сума може да го покрие поголемиот дел од украинскиот долг кон „Гаспром“. 

Како што изјави Игор Диденко, заменик-министер за енергетика и рударство на Украина, „Нафтогас на Украина“ е подготвена до крајот на мај на „Гаспром“ да му плати 4 милијарди долари долг за гас. Тој, сепак, додава дека украинската страна за илјада кубни метри гас ќе плаќа само 268.5, а не 485 долари, како што инсистира „Гаспром“. Рускиот холдинг на Украина ѝ продаваше гас по пониска цена, зашто важеа два попусти: еден поради доделувањето кредит на Украина на почетокот на 2014 година, а вториот поради разместувањето на Црноморската флота на Крим. Првиот попуст е укинат по избивањето на руско-украинскиот конфликт, а со влегувањето на Крим во составот на Русија, престана да важи и компензацијата за разместување на флотата, така што цената на гасот скокна, но украинската страна ова не го признава.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња