Неочекувана поддршка за Јужен тек

На Јужен тек, еден од најскапите и најзначајните инфраструктурни проекти на Гаспром, кому поради настаните во Украина му беше прогнозирана блокада, на помош му дотрча Австрија. За возврат таа ќе добие можност низ рускиот гасовод да го транспортира сопствениот гас, што го добива од наоѓалиштата на Црното море. На овој начин противниците на Јужен тек ги изгубија најважните адути, зашто повеќе нема да можат да го нарекуваат Гаспром монополистички сопственик на гасоводот.

Поради украинската криза Европската унија ја повика Европската комисија да ги замрзне преговорите за Јужен тек. Главната замерка што ЕК му ја упати на Гаспром е фактот што проектот Јужен тек не е во согласност со нормите од Третиот пакет енергетски прописи. „Според овој пакет, 50% од гасоводот треба да биде на располагање на странските дистрибутери на гас. Според тоа, сè зависи од тоа во колкав обем Австрија ќе транспортира гас од Црното море. Тешко дека во прво време тоа би можело да биде 50% од капацитетот. Со самото тоа барањето на ЕК нема да биде задоволено, што е уште еден повод да се продолжи со притисок врз Гаспром и врз Руската Федерација“, објаснува аналитичарката на компанијата за трговија со странски валути „Алпари“ Ана Кокарева. 

Црноморскиот гас го спасува Јужен тек 

Меморандумот за изградба на крак од Јужниот тек до Австрија беше потпишан на 29 април годинава помеѓу Гаспром и австриската компанија OMV, ќе му овозможи на Гаспром да продолжи да работи на проектот. OMV планира да го користи Јужен тек за испорака на гас од црноморското наоѓалиште Домино 1, каде оваа OMV заедно со компанијата ExxonMobil откри значителни резерви од овој енергенс. „Компанијата OMV сака да добие пристап кон Јужен тек за транспорт на сопствениот гас од Црно море до Европа, додека Јужен тек треба да обезбеди пристап кон гасоводот за трета страна, со цел да ги почитува правилата на ЕУ“, изјави советникот кој соработува со двете компании. 

„Јужен тек“ без компромиси
Европската Унија како и претходно бара од Русија да ги преиспита сите меѓународни спогодби кои се склучени со земјите низ кои поминува „Јужен тек“ и неговите краци. Стручњаците сметаат дека Европската Унија нема реални законски инструменти со кои би можела да се спречи изградбата на „Јужен тек“, но може да го ограничи протокот на гас и со тоа да нанесе сериозна штета на рентабилноста на овој скап проект.

OMV планира до 2020 година од наоѓалиштето Домино 1 на Црното море да добива доволно гас за да покрие 70% од годишната потрошувачка на Австрија. А, транспортот на овој енергенс по гасоводот Јужен тек е најевтина и најдостапна варијанта, сметаат извори од гасната индустрија. 

Треба да се спомене дека на потпишувањето на гасниот меморандум му претходеа речиси седум години преговори. Во австриската компанија сметаат дека долгата историја на односите помеѓу OMV и Русија помогнала во постигнувањето на договор. На рускиот пазар компанијата е присутна од 1968 година, што значи дека Австрија е првата земја надвор од социјалистичкиот блок која потпишала спогодба за купување гас со Министерството за енергетика на СССР. „Нашата соработка со Гаспром, која трае веќе 50 години, го потпомогна успехот на овој потфат, кој ќе овозможи диверзификација на маршрутата на испорака на овој енергенс во Европа“, изјави генералниот директор на OMV Герхард Ројс, во изјава пренесена од Ројтерс. Но, уште еден фактор го забрза потпишувањето на договорот, а тоа се конфликтните односи помеѓу Русија и Украина во сферата на гасната индустрија. 

Претставниците на Гаспром велат дека понудата од Австријците доаѓа во вистинско време. „Навистина се изненадивме, зашто преговорите за Јужен тек фактички беа запрени. Потоа дојдоа Австријците и ни кажаа дека сакаат да се вратат во проектот. Нам ова ни дојде во вистински момент, затоа ја искористивме можноста и за неколку недели постигнавме договор“, изјавува за Ројтерс извор од Гаспром. 

Затегнатоста ќе попушти 

Водечкиот аналитичар на консултантската компанија „Wild Bear Capital“ Виктор Неустроев смета дека подготвеноста на Австрија да се занимава со експлоатација на гас во Црно море и со негов транспорт преку Јужен тек со сигурност делумно ќе ја намали затегнатоста во Црноморскиот регион. „Со оглед на тоа дека Европа се обидува да ја намали својата енергетска зависност од Русија, овие потези на Австрија би можела да ги оцени на два начини. Сепак, веројатно е дека поголемиот дел земји ќе застане на страната на Австрија и дека Европската комисија нема да може да стави приговор против овој проект. Забелешките ќе бидат само формални. Не постојат економски причини да не се користи Јужен тек“, смета Неустроев. 

Од друга страна, генералниот директор на трговската компанија GKFX Дмитриј Ранец смета дека во оваа фаза од Европската комисија не треба да се очекуваат активни потези. „Политичката затегнатост околу Украина и понатаму влијае врз односите помеѓу Русија и ЕУ во енергетската сфера и затоа, според нашите проценки, европските службеници извесно време нема да ја запрат својата активност во оваа област. За некои придвижувања ќе можеме да зборуваме дури по неколку месеци“, објасни Ранев. 

Рускиот текст на сајтот на Независимаја газета. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња