Алексеј Уљукаев, министер за економски развој на РФ. Извор: Росијскаја газета.
Министерот за економски развој Алексеј Уљукаев изјави дека неговото министерство не ја исклучува можноста за техничка рецесија во економијата на Русија во текот на првото полугодие. Ова ќе биде договорено доколку во вториот квартал динамиката на бруто домашниот производ биде негативна.
„Тоа ќе го знаеме дури на крајот на вториот квартал. Врз основа на првата, долна варијанта на прогнозата во принцип е можна рецесија во вториот квартал. Нашата економија во првиот квартал со оглед на сезонското ниво забележа пад од 0.5%. Во вториот квартал е можен пад на економијата на ниво од 0-0.1%, но тоа е во рамките на статистичката грешка“, изјави Уљукаев за новинарите.
Тој додаде дека министерството не правело проценка на влијанието на санкциите на САД и на ЕУ врз економијата на Русија. „Мислам дека тоа не е можно ниту теоретски да се процени, зашто формално гледано економските санкции не се ниту воведени, туку само се очекуваат. Тоа според моето мислење дури и не е опасно за економијата, зашто значи дека ќе настапи инвестициска пауза односно период кога не се донесуваат одлуки за вложувања, а во многу случаи се повлекуваат и веќе донесените одлуки“, рече тој.
Во прогнозата што ја подготви министерството се вели дека Русија во краткорочна и во среднорочна перспектива има доволно резерви да компензира поголем дел од загубата, а во долгорочна перспектива санкциите можат да го разнишаат буџетот и да ја редуцираат можноста за модернизација поради ограничувањата поврзани со увозот на технологија, со инвестирањето и со воведувањето напредна практика.
Продолжувањето на руско-украинската криза може да доведе до влошување на условите за добивање заеми. Како и до поскапување на премиите за ризик и поголем одлив на капиталот, што ќе предизвика ослабување на рубљата, пораст на инфлацијата и намалување на потрошувачката сигурност.
Министерот призна дека очекувањето на санкциите веќе се одразило врз инвестициската клима на Руската Федерација. „Овој факт секако во голема мера придонесе во првиот квартал да имаме негативна динамика на инвестициите во основниот капитал (минус 2.4%)“, истакна министерот за економија.
И Министерството за финансии на почетокот на мај не ја исклучи можноста од рецесија во економијата на РФ во првото полугодие и прогнозираше намалување на бруто домашниот производ во два квартала едно по друго.
Процената на западните експерти беше точна
Кон крајот на април експертите на Меѓународниот монетарен фонд дојдоа до заклучок дека економијата на Русија веќе влегла во рецесија. Во својата изјава ММФ констатираше дека прогнозираниот пораст на бруто домашниот производ во РФ за 2014 година е намален. Имено, во претходната прогноза на почетокот на април ММФ предвидуваше пораст од 1.3%, а во новата прогноза предвидениот пораст изнесува 0.2%.
Тогаш и агенцијата Bloomberg анкетираше различни аналитичари и ја изнесе нивната процена дека веројатноста за рецесија во Русија во следната година достигнала рекордни 50%, што е поврзано со заканите за нови санкции кон РФ поради конфликтот во Украина. Претходно како главна причина за рецесија на руската економија се истакнуваа два фактори: одливот на капитал, кој и сега ќе биде прилично интензивен, и слабеењето на рубљата со што опаѓа потрошувачката активност.
Текст е напишан врз основа на материјалите на „Комерсанта“ и newsru.com.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче