Расте притисокот врз руските компании во Украина

Зградата на главната канцеларија на „Сбербанк“ во Киев покриена со боја и со графити. Извор: AFP / East News

Зградата на главната канцеларија на „Сбербанк“ во Киев покриена со боја и со графити. Извор: AFP / East News

Главното обвинителство на Украина ја обвини најголемата руска банка „Сбербанк“ за финансирање тероризам. Поради тоа таа може да ја изгуби дозволата за работа. Во врска со ова, најголемите руски компании, вклучувајќи го мобилниот оператор МТС и Интернет-пребарувачот Јандекс, значително ги намалуваат вложувањата во рекламирањето на украинските телевизиски канали.

Обвиненија за тероризам

Главното обвинителство на Украина покрена кривична постапка против „Сбербанк“, која се сомничи за „финансирање тероризам“, изјави вршителот на должноста главен државен обвинител на Украина, Олег Махницки. Според него, вкупно се отворени и упатени на суд 300 кривични постапки против 14 банки. Засега не се објавуваат детали за тоа дали сите 14 обвинети банки им припаѓаат на руските банкарски групации, ниту, пак, за што се товарат. По ова зградата на главната канцеларија на „Сбербанк“ во Киев беше полиена со боја и шарана со графити. Според мислењето на демонстрантите банката е вмешана во финансирање на нередите на истокот од Украина. Службата за безбедност на Украина објави дека е започната кривична постапка против соработник на „една од руските банки“, кои се осомничени за поддржување на протестите на истокот од Украина. И во овој случај не беше кажано за која банка станува збор. 

СТО како терен за борба против санкциите
Санкциите на САД спрема руските компании ја натераа Русија на возвратни мерки. Одлучено е дека како меѓународен арбитер ќе се искористи Светската трговска организација (СТО), во која Русија стапи дури во август 2012 година по 18 години преговори. Според мислењето на руските власти, со санкциите се кршат правилата на СТО.

Во своето официјално соопштение „Сбербанк“ наведува дека ги исполнува сите барања на украинското и на меѓународното законодавство, како и препораките на FATF (Financial Action Task Force – меѓународна организација за контрола и за спречување перење пари). Врз основа на одлуката на раководството на банката, ќерката-банка на „Сбербанк“ во Украина изврши проверка на своите парични трансакции во 2014 година, се вели на Интернет-страницата на банката. Со деталната проверка не е откриен ниту еден случај на кршење на законодавството на Украина, наведува прес-службата на банката. До денес ќерката-банка на „Сбербанк“ од надлежните органи на Украина нема примено никакви жалби, ниту, пак, приговори што би се однесувале на перење пари или на финансирање тероризам. Поради тоа „Сбербанк“ не ја исклучува можноста да се обрати до некоја од водечките меѓународни правни компании, со цел да ги заштити своите интереси. 

Како што објаснува за „Руска реч“ аналитичарот на инвестицискиот холдинг ФИНАМ Антон Сороко, во соопштението на главното обвинителство на Украина именувана е само „Сбербанк Русија“, иако кривична постапка наводно е покрената против 14 кредитни организации. „Ваквиот потег јасно укажува на тоа дека оваа одлука претставува начин на вршење притисок врз руската страна“, вели експертот. Меѓу другото, според процената на аналитичарите, дури и во случај да дојде до најнеповолен развој на настаните, загубите на банката во Украина ќе изнесуваат најмногу 0,7-0,8% од финансискиот биланс. Според аналитичарот на независната агенција за аналитика „Инвесткафе“ Михаил Кузмин, руските банки во Украина се мошне веројатно изложени на дополнителен притисок. „Во низа случаи различните изјави треба да се сфатат пред сѐ како вербални интервенции со цел да се влијае врз односот на потрошувачите и на клиентите кон оваа или онаа компанија или настан“, смета стручњакот.

Другите компании се дистанцираат

Во оваа ситуација големите руски компании што работат во Украина избегнуваат своите потрошувачи и клиенти да ги потсетуваат на тоа од каде доаѓаат. Според процените на медиумската агенција „Media First Ukraine“, а врз основа на податоците на германскиот институт за истражување на пазарот GfK и на американската компанија „Nielsen”, руските компании на почетокот на 2014 година биле подготвени да вложуваат во рекламирање на украинските телевизии, додека во март многу од нив се откажале од овие трошоци. Во март од украинските телевизии сосема исчезна рекламата за втората по големина руска банка – ВТБ. Како што објаснуваат во службата за односи со јавноста на оваа банка, украинската ќерка-банка оваа година нема да финансира емитување телевизиска реклама. Друга руска компанија, „Алфа-банк“, за разлика од ВТБ продолжува да се рекламира на украинските канали, со тоа што вложувањата во рекламите ги има намалено за речиси 93%. Најголемиот руски пребарувач, „Јандекс“, оваа пролет реши да го запре емитувањето на своите реклами на украинските канали. Уште еден голем рекламен клиент на украинските телевизии, мобилниот оператор МТС, исто така го намали мартовскиот буџет за телевизиска реклама за 74% во однос на март минатата година. 

Според податоците на аналитичарите од „Media First Ukraine“, руските компании се меѓу најголемите рекламни клиенти на украинските телевизии. Околу 25-35% од буџетот од емитувањето на рекламната програма на телевизиите во Украина на овој или на оној начин доаѓаат од Русија. Тоа се или средства од чисто руски компании или од меѓународни компании, со чии финансиски средства во Украина управуваат канцеларии од Москва. Како што наведуваат аналитичарите на „Media First“, рекламните ресурси на телевизиските канали што ги напуштија руските фирми можат да ги заземат меѓународни компании. Вредноста на вкупната рекламна програма на украинските телевизии во првиот квартал од оваа година се проценува на 2,5 милијарди рубли (70 милиони долари).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња