Гасните ризици на Европската Унија

Од почетокот на март преземањето на рускиот гас од украинскиот гасовод од страна на европските земји нагло порасна. Извор: ИТАР-ТАСС

Од почетокот на март преземањето на рускиот гас од украинскиот гасовод од страна на европските земји нагло порасна. Извор: ИТАР-ТАСС

Како украинската „револуција“ ќе влијае врз испораката на гас за Европа и дали Киев ќе може да го врати својот долг на Русија? Како и да е, јасно е дека во блиска иднина од најголемо значење ќе бидат економските, а не политичките прашања покренати со февруарските и со мартовските настани во Украина.

Москва на почетокот од март, како што се очекуваше, објави дека за Украина попустот на гасот повеќе нема да важи. Првобитно беше одлучено Русија да ѝ одобри на Украина кредит од 15 милијарди американски долари, со тоа што Киев еден дел од средствата би ги насочил за подмирување на долгот кон Гаспром. Планирано е попустот да се дефинира на секои три месеци во вид на анекс кон договорот. Цената со попуст изнесува 268.5 американски долари за илјада метри кубни гас, додека полната цена е 415 долари. Украина почна да добива руски гас од 1 јануари 2014 година, а украинскиот „Нафтогас“ не ги подмири долговите ниту за февруари.

ВО БРОЈКИ 

268.5

долари за метар кубен гас со попуст плаќаше Украина, додека полната цена на рускиот гас е 415 долари 

86.1

милијарда метри кубни гас во 2013 година заминале во Европа преку Украина, а таа, пак, од своја страна, има увезено 26,9 милијарди кубни метри

„Дадовме пари, ја намаливме цената на гасот, а тие ништо не плаќаат“, рече претседателот Владимир Путин. Киев не негодуваше поради новите услови за испорака на гас. Извори блиски на преговарачите велат дека во моментов долгот на Нафтогас изнесува повеќе од две милијарди американски долари. 

Засега не се знае точното сценарио според кое ќе се развива ситуацијата. Русија е подготвена преку Владата или преку Гаспром да му понуди на Нафтогас нов кредит во висина од 2-3 милијарди долари. Властите во Киев најавија дека сметаат на тоа, а истовремено преговараат со ММФ за кредит од најмалку 14 милијарди долари за одржување на целокупната украинска економија. Исто така, тие најавуваат дека нема да прибегнуваат кон нелегално користење на гасот, зашто се плашат од влошување на односите со Европа. 

Нова „гасна војна“ помеѓу Русија и Европа?
Европа и Нафтогас го зголемија увозот на рускиот гас откако се заострија руско-украинските односи. Стручњаците го поставуваат прашањето: нè чека ли нова „гасна војна“?

Рускиот гас покрива околу една третина од потребите на европските потрошувачи. Половина од ова количество се увезува преку украинскиот гасовод, чија моќ на пропуштање на влезот изнесува 288 милијарди, а на излезот 178.5 милијарди кубни метри, од кои 142.5 милијарди одат во Европа. Минатата година Украина има увезено 27.9 милијарди кубни метри, додека останатиот гас (86.1 милијарди кубни метри) преку нејзината територија заминале во Европа. Европските власти дадоа на знаење дека се заинтересирани за зачувување на стабилноста на протокот на рускиот гас преку Украина. Украина и самата се обидува да ја намали својата зависност од рускиот гас и во тој правец моментално се водат преговори за увоз од Словачка. 

Сепак, европските потрошувачи, по сè изгледа, решиле да се осигурат однапред. Статистиката вели дека од почетокот на март преземањето гас од украинскиот гасовод нагло пораснало. Најранливите земји, како што е Бугарија, која преку украинскиот гасовод добива 85% од увезениот гас, веќе прават резерви. 

Извори блиски на Гаспром тврдат дека испораката на рускиот гас во Европа преку територијата на Украина сега не е во опасност. Извор во Министерството за енергетика на РФ потсетува дека Гаспром во 2009 година поради запирањето на транзитот преку Украина морал да плати казна од 3 милијарди долари. „Но, уште поакутно е прашањето на репутацијата. Гаспром вложува пари во развој на експлоатацијата на гас за западниот пазар, така што повторувањето на тогашното сценарио е недопустливо“, вели руски функционер. И навистина, Москва одамна ја согледа неопходноста за диверзификација на испораките на гас за Европа, така што оваа година преку неодамна отворениот Северен тек треба да минат над 20 милијарди кубни метри гас. Освен тоа Гаспром го продолжува усогласувањето со европските власти во врска со проектот Јужен тек, со кој гасот ќе се извезува во регионот по дното на Црно море.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња