Економските мерки се многу поопипливи од кој било политички притисок. Извор: АР
„Разгледуваме низа економски и дипломатски чекори со кои може да се изолира Русија, а кои негативно ќе се одразат на нејзината економија и на нејзината положба во светот“, изјави американскиот претседател Барак Обама. Државниот секретар на САД Џон Кери изјави дека воведувањето санкции е „прашање на денови“. Реториката на европските лидери и на дипломатите е нешто помека, зашто и нивото на меѓусебната зависност е далеку повисоко. Но, шефот на британското Министерство за надворешни работи Вилијам Џеферсон се закани дека Русија „скапо ќе плати“ за Крим.
Се чини дека руските дипломати се уверени дека нема да дојде до санкции. Меѓу поблагите мерки се бојкотот на средбата на Г-8 и исклучување на Руската Федерација од тој „клуб на напредни држави“, а исто така и прекинување на договорот за потпишување спогодба за слободна трговија (спогодбата за основање надворешнотрговски режим помеѓу САД и Русија, кој е сличен на слободна трговска зона и беше постигната кон крајот на 2013 година). Бесцаринската трговија би ги намалила трошоците на бизнисот. Сега сево ова е под знак прашалник.
И воената соработка е прекината. САД и Канада изјавија дека ја стопираат соработката со Русија. НАТО ги прекинува сите воени контакти со Русија, изјави државниот советник на Алијансата Андрес Фог Расмусен.
Освен тоа, Стејт департментот во четвртокот по наредба на Обама воведе „визни ограничувања за низа официјални и приватни лица од Русија и од Украина, чија работа ја загрозува целосноста на Украина“. Радикалите како што е Чарлс Тенок предлагаат да им се одземат визите на сите официјални лица. На почетокот на март министрите за надворешни работи на државите од ЕУ предложија да се прекинат преговорите за поедноставување на визниот режим со Руската Федерација и да се разгледа одбивањето на краткотрајните визи.
Финансиска јамка
Перспективите на економските санкции за Русија се уште поопасни. Според Крис Марфи, претседател на Одборот за европски прашања во Сенатот на САД, се планираат мерки против руските банки, а можно е и да се замрзнат активите на руските државни институции и на приватните инвеститори.
„Објект на санкциите можат да бидат банкарските сметки и активите на руските официјални лица кои се формирани во офшор структурите“, смета Дмитриј Малишев, раководител на одделот за даночна практика и меѓународен развој на „КСК груп“. „Најверојатно ќе пораснат каматните стапки за странски заеми за руските должници. Најрадикална, и не сосема извесна мерка е блокирање на уплатите што минуваат преку американските кореспондентни банки, каде уплатувачот е компанија со руски корисник“. Нашите соговорници не веруваат дека меѓународните резерви на Централната банка ќе бидат замрзнати.
Ирански пример
Радикално расположените западни политичари имаат уште една можност. Тие можат да го повторат иранското сценарио и да воведат ембарго за увоз на руска нафта. Санкциите на САД и на ЕУ против Иран неколку години ја парализираа заемната соработка на оваа држава со Западот. Во државата беснее инфлација (31,5 %) и невработеност (13, 4%), паѓа БДП (за 1, 9% и 1, 3% во 2012 и 2013).
Акции без санкции
Западот има и други механизми за притисок. Европа не може одеднаш да ја преориентира енергетската политика од Русија на други доставувачи, но може да преземе таква стратегија во подалечна перспектива.
Алтернатива на Русија може да биде Иран со новиот претседател Хасан Рухани, кој започна да ги нормализира односите со Западот. Иран го зазема второто место според резерви на гас. Наоѓалиштата на Иран се поблизу до Европа одошто Јамал (оддалеченоста на Јужен Парс од Грција е 3.2 илјади километри, а од Јамал до Бугарија 4.5 илјади километри). Трошоците за изградба на гасовод во Европската Унија од Иран се многу пониски, одошто од Русија. ЕУ теоретски може Русија да ја замени со Иран за десет години.
Друга варијанта е увоз на течен природен гас во Европа. Сега увозот на гас од САД во ЕУ е правно ограничен. Дури и ако се укине забраната, изградбата на терминал за течен природен гас би течела бавно, а првите испораки не би можеле да започнат пред 2015 година.
Брз одговор
Русија веќе размислува за одговор, без оглед што санкциите не се воведени. Сергеј Глазиев, советник на претседателот на Руската Федерација, е еден од првите кој се изјасни во врска со ова прашање: „Доколку санкциите се применат на државните структури, ќе бидеме принудени да ја признаеме неможноста за враќање на оние кредити кои им се дадени на руските структури од страна на САД“. Тоа може негативно да се одрази на условите за давање кредити на руските компании.
Рускиот текст на сајтот на Комерсант.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче