Европа не може да ја спречи изградбата на „Јужен тек“, но може значително да ја ограничи неговата експлоатација, со што неговото користење ќе го направи нерентабилно. Извор: south-stream.info
Премиерот на РФ Дмитриј Медведев мошне јасно изјави: “Правната позиција на Русија е силна, Европа ќе добие гас. Не сомневајте се во тоа“. А претседателот на управниот одбор на „Гаспром“ Алексеј Милер самоуверено вети дека „проектот ќе биде реализиран во дадениот рок и дека ќе функционира“. Прашање е само под какви услови ќе се случи тоа и дали „Гаспром“ ќе има корист од овој потфат.
Три членки на ЕУ (Бугарија, Унгарија и Словенија) официјално потврдија дека и понатаму даваат политичка поддршка на „Јужен тек“.
Германскиот прецедент
Фактот дека Европа не може да ја спречи изградбата на „Јужен тек“ го признава дури и Европската комисија. Но, она што може да го направи е значително да ја ограничи експлоатацијата на гасоводот, со што ќе го направи нерентабилно неговото користење.
Токму тоа се случи со другиот руски гасовод, „Северен тек“, поточно со неговите два крака OPAL и NEL. Првиот води од Грајфсвалд до Долна Саксонија, поврзувајќи ги на тој начин трансбалтичката магистрала со мрежите за дистрибуција на гас во Германија. Овие два крака делумно ѝ припаѓаат на компанијата „Wingas“, еден од најголемите дистрибутери на гас во Германија, која е под контрола на „Гаспром“.
Фирмите „Wingas“ и „E.ON Ruhrgas“ уште во фазата на проектирање на овие гасоводи се обратија до надлежната регулаторна агенција со молба да бидат исклучени од антимонополистичките правила кои ги има донесено ЕУ. Но, ништо не постигнаа. Како последица на тоа, кракот ОПАЛ, кој е проектиран за транспорт на 35 милијарди кубни метри гас годишно, користи само 50% од капацитетот. Европската комисија побара останатите 50% да бидат резервирани за други дистрибутери на гас. Ова најголема штета му носи на „Гаспром“, кој е принуден на акционерите на „Северен тек“ да им плаќа целосен транзитен капацитет на гасоводот, што е околу 500 милиони годишно. И отприлика уште толку изнесуваат останатите загуби на компанијата, која, бидејќи е принудена да ги користи услугите на Украина, низ оваа земја транспортира дополнителни количества гас и, во согласност со тоа, плаќа транзитни такси.
Откако министерот за енергетика на РФ Александар Новак се обрати до Европската комисија, европските чиновници минатата зима за време на големиот студ дозволија привремено да се зголеми транзитот на гас, што резултираше со тоа што „Гаспром“ повремено користеше и до 80% од капацитетот на кракот OPAL.
Наскоро од Европската комисија се очекува конечна одлука. „Кога станува збор за кракот OPAL, се работи за договор за користење на 100% од капацитетот во замена за издвојување определени количества гас за продажба на отворен пазар“, изјави амбасадорот на Русија во ЕУ Владимир Чижов. Прашање е само колкаво количество гас ќе се издвојува. Станува збор за минимум од 10%, а максимум 50% гас.
Алтернатива не постои
По крахот на проектот „Набуко“, кој му беше конкуренција на „Јужен тек“ и со кој требаше гасот од Туркменистан и од Азербејџан да се испорачува во Австрија и во Германија, во Европа едноставно не постои сериозна алтернатива на новиот руски гасовод.
Во Азија пет земји сакаат да се пробијат на европскиот пазар на гас. Тоа се Азербејџан, Израел, Ирак, Иран и Туркменистан. Но, проблемот на Европа е во тоа што никој освен „Гаспром“ не е во состојба (пред сè во финансиска смисла“ до Запад да изгради гасовод со доволно голем капацитет. Азербејџан има два проекта за испорака на гас во Европа преку Турција. Но, јасно е дека, како прво, Азербејџан не е во состојба истовремено да изгради два гасовода, а, како второ, нивниот капацитет е релативно мал и изнесува само 10-12 милијарди кубни метри гас годишно. Очигледно дека во ваква ситуација Европската комисија на крајот ќе му дозволи на „Гаспром“ да го изгради „Јужен тек“, по што ќе го принуди 50% од капацитетот да го даде на отворениот пазар. Јасно е дека раководството на „Гаспром“ го знае ова и дека не се согласува на компромиси.
Фактот дека Европа не може да ја спречи изградбата на „Јужен тек“ го признава дури и Европската комисија. Но, она што може да го направи е значително да ја ограничи експлоатацијата на гасоводот со што ќе го направи нерентабилно неговото користење.
Интересно е дека ниту Министерството за енергетика на РФ, ниту „Гаспром“, досега не се обраќаа со молба за исклучување до Европската комисија. Освен тоа, претседателот на Русија Владимир Путин отворено апелираше до извозниците на гас да „не прават отстапки за Европа и заедно да им се спротивстават на барањата на Третиот пакет енергетски прописи“. Три членки на ЕУ (Бугарија, Унгарија и Словенија) официјално потврдија дека и понатаму даваат политичка поддршка на „Јужен тек“. Ако тоа го сторат и другите земји-членки на ЕУ, тогаш барањето да се овозможи пристап на трети лица отпаѓа самиот по себе. А, ако и не дојде до тоа, „Гаспром“ има уште една можност – до 50% од гасот кој се транспортира преку „Јужен тек“ на влезот во Варна да се продаде на некоја партнерка компанија. Во тој случај, Европската комисија нема да може да постави никакви формални приговори.
Всушност, без оглед на тоа во кој правец ќе се развива ситуацијата, „јужен тек“ ќе започне со работа веќе кон крајот на 2015, а до почетокот на 2018 година ќе проработи со полн капацитет, што заедно со ефикасната експлоатација на „Северен тек“ ќе му овозможи на „Гаспром“ во целост да го напушти транзитот низ Украина, кој денес изнесува нешто повеќе од 86 милијарди кубни метри годишно.
Рускиот текст на порталот expert.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче